Кој го уби Литвиненко?
27 јануари 2015Денеска (27.01.2015) се одржува првото сослушување во лондонскиот Кралски суд на правдата. Истрагата досега откри оти Александар Литвиненко во 2006. година умре од труење со радиоактивен плутониум 210. Во тој момент екс-агентот на руската Федерална служба за безбедност веќе шест години се наоѓаше во Британија, чиј државјанин станал во меѓувреме. На смртната постела го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека стои зад неговото убиство.
Истрагата наведува-отровот на Литвиненко му е подметнат во чаша чај која ја испил 22 дена пред својата смрт, во друштво на Андреј Луговој и Дмитри Ковтун. Двајцата се бивши руски агенти, а Лиговој е и актуелен пратеник во руската Дума. Една година по смртта на Литвиненко, британските обвинители ги посочија двајцата за главни осомничени, но Русија одбива израчување, со образложение-уставот на земјата не дозволува екстрадиција на сопствени граѓани.
Аферата околу смртта на Александар Литвиненко доведе до заладување на односите меѓу Лондон и Москва. Британскиот премиер Дејвид Камерон се обиде да ја промени ситуацијата по доаѓањето на власт, но плановите му ги расипа дефинитивно кризата во Украина.
Долг пат до истрагата
Британското право ги разликува процесите на обдукција и истрага. Првиот се однесува на утврдување на начинот на насилна смрт-тука не се бара виновник, туку само се нотираат фактите. Таа постапка во случајот на Литвиненко беше одлагана цели пет години и беше продолжена дури во октомври 2011 година, кога беше јасно оти двајцата главно осомничени не престојуваат во Велика Британија и нивното израчување е малку веројатно.
Имено, владата во Лондон долго се двоумеше да започне целосна истрага, зашто таа подразбира испитување на документи, кои, како што се објаснуваше, се „чувствителни“.
Тоа веројатно имаше врска со наводите според кои Литвиненко, по добивањето азил, работел за британската тајна служба МИ5 и МИ6. Откако Вишиот суд ја повика британската влада уште еднаш да ја разгледа одлуката, минатиот јули конечно беше потврдено покренувањето истрага.
Русија одбива учество
На официјалното отворање на истрагата лани судијата Роберт Овен зборуваше за досегашното несмасно одвивање на процесот и за потребата истражната комисија да најде попримерен начин за изнесување на фактите на дневна светлина. Главно прашање е, вели Овен, дали Руската Федерација имала улога во убиството на Литвиненко, на што укажуваат главните докази.
Русија одби соработка во овој случај. Министерството за надворешни работи во Москва уште минатиот септември соопшти дека е „тешко замисливо овој процес да биде објективен“. Посебно е критикуван фактот што некои докази се презентирани зад затворени врати.
Вдовицата на Литвиненко, Марина, со години се залага за целосна истрага, „за да ја дознае вистината како загинал нејзиниот маж“, на што истакнува за Ројтерс, има право.