Левичарот Лопез Обрадор е нов мексикански претседател
2 јули 201864-годишниот Андре Мануел Лопез Обрадор успеа во својот трет обид, освојувајќи ги со големо мнозинство претседателските избори во Мексико. Ова е историски ден, изјави тој на прославата по повод победата во центарот на мексиканскиот главен град.
Своите конкуренти за највисоката државна функција Обрадор ги остави далеку зад себе, според податоците од изборната комисија, кандидатот на владејачката партија ПРИ, Антонио Меаде освоил меѓу 15,7 и 16,3 проценти, а Рикардо Анаја од Партијата на националната акција освоил меѓу 22,1 и 22,8 проценти од гласовите. Актуелниот мексикански претседател Енрике Нието му ја честитал веќе победата на Обрадор, кој е познат и под кратенката АМЛО.
Лопез Обрадор ќе биде првиот левичарски претседател во втората по големина латиноамериканска економска сила по децении. По победата, тој најави дека за него во фокусот ќе бидат социјално запоставените слоеви од населениието, но нема да има експропријација и ќе се почитува претприемачката слобода. Освен тоа, Мексико ќе ја задржи финансиската дисциплина. Меѓутоа, Обрадор ги повтори своите изборни ветувања за проверка на договорите склучени од досегашната влада во енергетскиот сектор. Борбата против корупцијата и против кривичниот имунитет за новата власт ќе имаат приоритет. Новиот претседател функцијата ќе ја преземе во декември.
Американскиот претседател Доналд Трамп преку Твитер му ја честиташе победата на Обрадор. „Ме радува идната соработка. Постојат многу нешта од кои САД и Мексико можат да профитираат“, напиша Трамп. Боливискиот социјалистички претседател Ево Моралес исто така испрати честитки преку Твитер: „Сугурни сме дека неговата влада ќе отвори нова страница во латиноамериканската гордост и суверенитет.“
Право на глас на претседателските избори во Мексико имаа 89 милиони луѓе. Според првичните проценки, излезноста била околу 61 процент. Изборната борба беше во сенка на убиството на бројни политичари, кои станаа жртви на озлогласените нарко-банди. Полициски извори велат дека се убиени најмалку 145 политичари, а на самиот изборен ден беше убиена активистка на Работничката партија.