Леотар: Во Македонија надвладеа разумот
11 август 2011Зборувајќи за престојот во Македонија, веднаш по назначувањето од Министерскиот совет на Европската унија, Франсоа Леотар нагласува, дека САД му дале инструкции на нивниот претставник Џејмс Пердју, да ги поддржува Европејците.
„Американците беа свесни дека тоа беше криза, која се наоѓа во срцето на Европа и дека Европејците треба да ја преземат одговорноста. Меѓу нас не постоеја никакви разлики и Џејмс Пердју секогаш, со многу одговорност сметаше дека ова е европски проблем“, вели Леотар.
„Треба да подвлечам, дека многу брзо побарав помош од Роберт Бадинтер, тој ни помогна да го составиме скелетот на текстот, кој го предложивме во разговорите.“
Леотар понатаму вели дека бил погоден од религиозните чувства кои преовладувале во Македонија за време на конфликтот: „Бев погоден од присутноста на религиозното чувство од двете страни. Јас доаѓам од една лаицистичка земја, во која религиозните конфликти беа многу присутни во минатото и кои генерално исчезнаа во Франција и во Европа.“
Охридскиот договор беше заедничко дело
„Можам да кажам дека тоа беше одличен успех на Европската унија, за првпат вистинската европска дипломатија дојде до израз. Во ситуација каква што се наоѓаме денес, кога европската заедничка монета е загрозена, треба да се потсетиме дека Европејците секогаш, кога покажале интерес да решат некој проблем, можат да го сторат тоа. И тоа од три причини: имаме војници, имаме пари и имаме дипломати.“
Леотар смета, дека со Рамковниот договор надвладеа разумот во Македонија. Односно дека раководните лица, дури оние кои беле исполнети со омраза кон спротивната заедница, сфатиле дека лансирањето на идеи за поделба на територијата, што било случај во моментот кога пристигнал во Македонија, претставува ќорсокак.
„Идејата за Републиката, за национална солидарност, почитувањето на правото и идејата за воспоставување на ново право, кое го дозволува изразувањето на малцинствата, почитувањето на јазикот на другиот, кога тоа е потребно и почитувањето на заедничките добра на македонското општество, беше нешто важно. Од двете страна имаше потпалувачи на огнови, лица кои туркаа кон насилство. Тоа беше евидентно и тие требаше да се смират, бидејќи тие предизвикуваа провокации. Само една дипломатска сила како ЕУ, помогната од американската сила, која беше морална, а не воена, можеше да ги надмине овие поделби и антагонизми.“
„За европската историја, ова е мал елемент, но е многу интересен кога се анализира. На Хавиер Солана му реков дека тој беше на висината на оваа криза и дека благодарение на него, Европејците сега имаат еден вид дипломатски алат кој функционира. Штета што тој алат не се користи многу повеќе.“
Според Леотар, Москва и Украина играле не многу јасна улога во кризата во Македонија, со доставувањето на оружје за македонската страна. Тие биле во посета на Москва, која одбила да им помогне.
„Одбивањето на помош од руската страна не го сфатив лошо, тие имаа своја дипломатија и нивни стравувања, и тоа го разбирам.“
Леотар признава дека се сомневал во постигнувањето договор
„Да, да, па дури и при моето пристигнување. Кога пристигнав таму имаше герила, контролни пунктови и наспроти нас имаше лица, чии имиња не ги споменувам за да не ги разбудам раните, кои не заслужуваа морална поддршка, бидејќи имавме информации од нашите тајни служби, дека не биле чесни луѓе. Но, тие имаа функции и имаше официјални претставници на државата, избрани од нивните сограѓани, политички партии, имавме соговорници, иако некои од нив имаа сомнителен морал, тоа беше така, сите го знаеа тоа, но моравме да водиме разговори со нив. Не знам што се случи со нив и како Македонија се помири со самата себе си, со некои од нејзините граѓани. Нашата обврска беше да дискутираме со сите. Тоа го направив и во зоните, кои не беа под контрола на националните власти на земјата.“
Народот на Македонија треба да се помири самиот со себе си
За неодамна изгласаниот закон од новоизбраниот македонски парламент, со кој се дополнува законот за амнестијата за учесниците во конфликтот од 2001 година, Леотар вели: „Отворено мислам дека тоа е добро, нема да носам морално судење за тоа, но мислам дека е нешто добро. Во еден момент народот во Македонија треба да се помири самиот со себе си. Не секогаш меѓународните судови можат да ги решат овие прашања. Знаете, во Нирнберг имаше многу малку воени злосторници кои беа осудени.“
Претседателот Борис Трајковски остави најпозитивен впечаток за Леотар
„Тој беше човек, како да кажам буквално, ќе употребам наводници ’под опсада, сам во својата палата’. Тој многу добро ја знаеше ситуацијата и во сите разговори што ги водев со него почувствував дека е одговорен и дека има чувство на одговорност. Не правевеме многу нешта без претходно да го информираме. Текот на дискусиите ги следеше од час во час, од ден во ден. Тој како човек со македонско потекло, беше многу свесен за она што можеше да се случи, ако се скршеше националното единство. Тој човек остави силен впечаток.“
Леотар признава дека не користеле закани, туку дека вршеле притисоци врз неразумните, кои ги имало од двете страни. Тој се сеќава дека во предвечерието на потпишувањето на Охридскиот договор ги ставиле документите на маса и очајно барале еден од министрите кој исчезнал, и кого по долго барање сепак го пронашле.
Леотар е убеден дека Охридскиот договор е голем успех
„Можеме да кажеме се’ што сакаме, тоа не е мој личен успех, ова го велам отворено, успехот на Охридскиот договор е успех на добрата волја, успех на ЕУ над нејзините демони. Тоа што го направивме во Охрид функционираше. Ние само и помагавме на Македонија, да стане нормална држава. Јас многу добро ја сфаќам македонската гордост, потоа тука се сите територијални прашања од минатото и прашањето со Грција. Но, сето тоа е банално и може да се реши. Но, една земја да е горда на своето минато, сегашност и иднина тоа е прекрасно и воопшто не ми пречи, напротив.“
Леотар не ја посетил Македонија по 2001 година
„Имам намера да го направам тоа, за 13 август не ќе можам поради здравствената нега во моментов. Пердју дојде да ме посети. Јас не кријам дека двајцата сме горди со тоа што го направивме со скромност и без ароганција. Мислам дека му направивме услуга на еден народ кој го сакаме. Нема никаква ароганција, туку чувство дека служевме за нешто во услови кои не беа лесни. Јас имам многу убав и светол спомен од вечерта кога околу работната маса се најдоа сите кои го потпишуваа документот, кој на еден начин ги ослободуваше од многу старите стравови.“
Францускиот политичар верува во иднината на Македонија
„Не ги познавам лично денешните политичари, но верувам во нивниот економски и социјален успех и во нивниот национален идентитет.“
На прашањето, дали Европската унија ги искористи сите капацитети за да го интегрира регионот и Македонија во нејзините рамки, Леотар одговара:
„Мислам дека треба да се продолжи идејата на Жан Моне, која признавам дека е сон - ’Ако треба да започнам се’ од почеток, ќе започнам од културата’. Бев министер на култура и добро знам, дека не е лесно тоа да се спроведе во пракса. Изучувањето на јазиците, на историјата, филозофијата, културата на регионот, тука треба да се вложува. Географијата никој не ја познава добро, да не зборуваме за познавањето на малцинствата во Европа.“
Грција греши во оспорувањето на името на Македонија
Во разговорот Леотар се осврна и на грчката позиција околу спорот за името со Македонија, што ја блокира земјата на патот за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
„Грците, кои ги сакам многу и чија култура добро ја познавам, навистина грешат кога и наметнуваат на една соседна и истовремено пријателска земја, еден вид на продолжени санкции, за кои нема никакви причина да постојат. Тоа е грешка. Националната гордост не се гради врз митови, таа може да се изгради преку историјата и историчарите, преку научните симпозиуми, дебати, но не преку барања, одмазди и лошотија. Што и служи на Грција да и’ негира на една земја да се вика Македонија, ова и покрај тоа што има регион, кој се вика така во Грција, посебно во поглед на идните влогови на светот во кој живееме. Далечните народи сигурно би се смееле на оваа ситуација. Мислам дека Грците грешат со нивната непопустлива позиција по ова прашање.“
Леотар со порака до граѓаните на Македонија.
„Помирете се меѓу вас, тоа е навистина убаво! Почитувајте го вашиот сосед без разлика на неговата религија и лице, бидејќи ако има една поука, која Европа може да ја даде, која исто така е многу кревка, гледајте што се случува во Лондон, градот посочуван како светски симбол на толеранцијата, таа е следната: - Ние секогаш се наоѓаме на работ на пропаста, секогаш. За тоа треба да размислуваме, бидејќи не сме заштитени од враќање назад, не верувам многу во недефинираниот карактер на човечкиот напредок. Постојат падови и различни потенцијални ризици. Ако тие се горди што се Македонци, тоа мене ми одговара, како што јас сум Французин, ако се погорди дека се и Европејци, тоа уште повеќе ќе ми одговара. Тие треба да ги живеат сите делови на нивната припадност на македонското општество со што ќе успеат да се отворат кон светот.“
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Александра Трајковска